Анализите на Центарот за граѓански комуникации покажуваат дека најголем дел од лицата вклучени во јавните набавки во институциите или 56 отсто сметаат дека фирмите се поголеми генератори на корупција отколку институциите и вработените во нив, а 16 отсто сметаат дека двете страни ја генерираат корупцијата.

Корупцијата е најприсутна како последица на политички интереси

Во постапката за јавни набавки во државните институции често има корупција, велат лицата задолжени за јавни набавки во институциите за спроведување на овие постапки. Таа е најприсутна како последица на политички интереси, но и во форма на поткуп. Поголем генератор на корупција се фирмите што се пријавуваат на тендерите отколку луѓето во институциите. Ова го покажуваат податоците од Извештајот од редовниот мониторинг на јавните набавки, објавен од Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), што како истражување е спроведено во март 2024 година, а во кое учествуваат 154 лица за јавни набавки, од кои 60 отсто од институциите на национално ниво и 40 отсто од органи на локално ниво.

Паралелно ЦКГ изготвил и Индекс на рационалност, во којшто се споредени цените по кои различни институции набавувале сосема исти производи или услуги и Анализа и база на податоци за јавните набавки на општините за 2023 година.

Според извештајот за мониторинг во јавните набавки, Центар за граѓански комуникации ЦГК Скопје забележува дека 41 отсто од ние што учествуваат во овие постапки се изјасниле дека често има корупција при спроведување на јавните набавки. Само два осто повеќе или 43 отсто сметаат дека ретко е присутна корупцијата. Додека 14 отсто се изјасниле дека никогаш нема корупција, а два отсто дека корупција во јавните набавки има секогаш, пишува во Извештајот.

Анализите на Центарот за граѓански комуникации велат дека најголем дел од лицата вклучени во јавните набавки во институциите или 56 отсто сметаат дека фирмите се поголеми генератори на корупција отколку институциите и вработените во нив, а 16 отсто сметаат дека двете страни ја генерираат корупцијата.

Според резултатите од извештајот за мониторинг во јавните набавки се гледа дека - најголем дел од лицата задолжени за јавни набавки или 34 отсто сметаат дека најприсутна е корупција како последица на политички интереси, а 25 отсто се изјасниле дека најмногу има поткуп. Шест отсто сметаат дека корупцијата во овие постапки е присутна како последица на роднински или пријателски односи“.

Во само четири отсто од институциите, службени лица, како лице за јавни набавки, претставник на раководството или друг вработен, во текот на последните неколку години ги известиле надлежните институции за сторена корупција во јавните набавки, и тоа три отсто ја известиле Државна комисија за спречување на корупцијата, а еден отсто Обвинителството.

Најниската цена – проблем за избор во јавните набавки

Во делот на Истражувањето кај фирмите за нивното искуство при учество на јавните набавки учествувале 336 фирми, а за повеќето од фирмите или 55 отсто најниската цена како критериум за избор е најчестиот проблем со кој се соочуваат во јавните набавки.

Истражувањето кај фирмите за нивното искуство при учество на јавните набавки, покажува дека 42 отсто од фирмите се соочуваат и со обемност на документацијата потребна за учество на тендерите.

Како стар и долгогодишен проблем со што се соочуваат фирмите е приспособувањето на условите за учество на тендерите кон одредени понудувачи, за што се изјасниле 38 отсто од фирмите.

Половина од фирмите сметаат дека во јавните набавки има корупција

Дури 51 отсто од испитаните фирми сметаат дека во јавните набавки има корупција (лани биле 46 отсто). Од нив, 42 отсто сметаат дека корупцијата во јавните набавки е застапена често, а девет отсто секогаш“,се вели во истражувањето на ЦГК.

Според ЦГК, Индексот на рационалност открива големи разлики по кои институциите купуваат исти производи или добиваат исти услуги.

Така, за услугата за изнајмување фотокопирни апарати, институциите плаќале од 0,83 до 1,42 денари по испечатена страница во А4 формат во црно-бела боја. Највисоката цена што ја платила Општина Центар за оваа услуга, е за 71 отсто повисока од цената платена од страна на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Здравствените установи за набавка на хируршки конци плаќале од 159 до 333 денари. Така, највисоката цена, која за оваа услуга ја платила ЈЗУ Универзитетска Клиника за неврохирургија е за 109 отсто повисока од цената која ја плаќала ЈЗУ Клиничка болница Битола.

Вредноста на јавните набавки во општините се зголемила за 40 отсто за една година

Базата на податоци за јавните набавки на општините, пак, открива дека во 2023 година, за една година вредноста на јавните набавки на 80-те општини и Градот Скопје е зголемена дури за 46 милиони евра, односно 40 отсто во споредба со претходната година. Најголеми зголемувања бележат Град Скопје, Карпош, Сарај и Гази Баба.

Примената на електронската аукција продолжува да се намалува

Примената на електронската аукција продолжува да се намалува. Е-аукцијата во 2023 година е користена во 62 отсто од тендерите наспроти 73  проценти во 2022 година и 89  отсто во 2021 година.

Во однос на електронската аукција (е-аукцијата), забележан е пад на нејзината примена во однос на 2022 година за 11 процентни поени. Од вкупно спроведените тендери во 2023 година, со е-аукција се спроведени 14.850 (62 отсто) наспроти 2022 година, кога тој удел изнесуваше 73 отсто. Ова упатува на зголемено почитување на дадените препораки од надлежните институции и од граѓанскиот сектор за намалување на примената на е-аукцијата со цел да се избегнат негативните ефекти и манипулации коишто ги поттикнува таа.

Од друга страна, во тендерите во кои е-аукцијата била планирана и натаму се случуваат неповолни процеси. Во повеќе од половина од тендерите во коишто била планирана е-аукција (57  отсто од мониторираниот примерок), таа не е одржана. Оваа состојба е неповолна затоа што во услови кога се планира е-аукцијата, понудувачите најчесто доставуваат првични цени кои се повисоки од реалните на пазарот. Во 2022 година, планираните аукции не биле одржани во 48 отсто од мониторираните тендери. Растечкото неспроведување на планираните е-аукции е последица на зголемениот број тендери со една понуда, како и на исклучувањето на понудувачите во текот на постапките.

Во препораката која произлегува од оваа анализа се вели: „Примената на е-аукцијата треба да биде исклучок, а не правило во спроведување на постапките за јавни набавки. Потребно е да се следи логиката е-аукцијата да се применува само за производи со познат и стандарден квалитет и за коишто постои конкуренција на пазарот. Бирото за јавните набавки треба да преземе мерки за засилување на притисокот врз договорните органи за намалување на примената на е-аукцијата, чии негативни последици се повеќе од очигледни. Воедно, договорните органи треба да се однесуваат одговорно кон јавните пари и да обезбедат нивно трошење во согласност со начелата за економичност, ефикасност и ефективност.

Критериумот ’најниска цена‘ да не биде основа за најповолна понуда

Потребно е да се преземат системски активности кои ќе резултираат со помала примена на ’најниска цена‘ како критериум за избор на најповолната понуда. Во 2023 година поништени се 27 отсто од спроведените постапки. Ова е благ пад во однос на 2022 година, кога биле поништени 31 процент од тендерите. Во 2023 година поништени се 6.465 тендери од вкупно спроведените 24.005. Уделот на поништени тендери во вкупно спроведените изнесува 27 проценти, што е намалување од четири процентни поени во однос на 2022 година.

Вообичаено, најчеста причина за поништување на тендерите е дека не е поднесена ниту една понуда или ниту една прифатлива понуда, што била причина за поништување на 69 отсто од поништените тендери.

На второ место според застапеноста се поништувањата поради битни пропусти во тендерските документации, што било причина за поништување на 16 отсто од тендерите, односно четири процентни поени повеќе од 2022 година. Ова е, секако, неповолен тренд и зборува за сериозни слабости во спроведувањето на јавните набавки во земјата.

На трето место се поништувањата со образложение дека понудените цени биле понеповолни од пазарните, што било основа за поништување на 12 отсто од постапките за јавни набавки. Инаку, структурата на причините за поништување на постапките за јавни набавки е направена врз основа на известувањата за поништување на постапките доставени до ЕСЈН за тендерите спроведени во 2023 година.