Механизмот за јаглеродно адаптирање, односно пресметка на јаглеродниот отпечаток и плаќање на јаглеродна такса, кон што цели и го турка ЕУ, е нов предизвик и трошок за македонските компании кои извезуваат во Унијата.  Со новата давачка се погодени пред сè производите од индустријата на железо и челик, алуминиум, цемент, вештачко ѓубриво, електрична енергија. Обврска на македонските компании, до 2026 година, согласно направени пресметки на јаглеродни емисии, ќе биде да пополнуваат квартални СВАМ извештаи, поврзани со процесот на производство на производите извезени во ЕУ, а од 1 јануари 2026 год. ќе се плаќа и соодветен јаглероден надоместок“. Позадината на овој механизам е законот на ЕУ  од 2023 која предвидува за сите производи од овие индустрии кои се пласираат во нејзините држави, а се произведени во земји кои не се нејзини членки.

Како на овој специфичен дел од зелената енергија гледаат домашните стопанственици од овие индустрии, што досега направиле на тоа поле, какви се нивните искуства од реализираните проекти  во зелени  иновации, што им е потребно и колку се подготвени да одговорат на овој предизвик дискутираа на тркалезната маса насловена „Одржлива иднина со зелени иновации, практична примена во компаниите“ организирана од Сојузот на стопански комори на Македонија.

-Една од најбитните работи за реализација на јаглеродна такса е што не постои енергетски менаџмент во склоп на компаниите  (ниту за пресмееување ниту за одржување на опремата)“, смета претседателот на ССК, Трајан Ангелоски, кој е косопственик и извршен директор на компанијата за производство, трговија и развој на врзувачки елементи „Ариљеметал“.

Тој се наврати на енергетската криза од пред две години, и раскажа дека направил  попис на електричните уреди со кој утврдил дека дел од нив иако имаат иста моќност трошат повеќе од други. А, тоа е така затоа што државата нема донесено уредби за забрана на уреди со несоодветни  перформанси за граѓаните кои немаат доволно познавање. Според него граѓаните не се должни да знаат која клима колку троши и дали е од енергетска класа или од евтина која повеќе троши.

Екологијата сама за себе е неодржлива

Пренесувајќи го своето искуство, Ангелоски, чија компанија меѓу првите инсталирала соларни панели, раскажа дека кога ги монтирале панелите во претходната декада, многумина сметале дека се расфрлаат со вишокот пари на нешто што не се знае дали ќе ги поврати.

 -Но, намалените сметки за електрична енергија потврдија дека сме на вистинскиот пат, а чувството дека „Ариљеметал“ е еколошка компанија иако ги немаше овие нормативи, не правеше посебно горди.

Меѓутоа, како поминуваше времето сфатив дека таа инвестиција  што тогаш ја направив е премала и треба да се зголеми. Компанијата е жива материја, како се зголемува бројот на уреди се зголемува и потрошувачката. Тогашниот инсталиран капацитет, веќе е на граница на издржливост и ни треба повеќе. Меѓутоа можам да се пофалам дека лани во декември и јануари оваа година купувавме 40 отсто од енергијата, а веќе во февруари продававме вишоци, образложи Ангелоски.

И кога е во прашање математиката, инвестиција- заштеда во однос на процесите кои ќе се добијат со инсталираните  капацитети, Ангелоски  вели дека приказната на некој начин почнува со заштедата, бидејќи  секогаш на крајот на екологијата е економската добивка. Екологијата сама за себе е неодржлива.

Тоа го поткрепи и со примерот со електричните автомобили, чие производство кога ја надминува границата на планираните финансии, производителот го поставува прашањето  колку овој проект ќе издржи. Значи одлуката за заштеда како еколошка компонента од една и одржливост и нормално финансиска затворена конструкција од друга, која ќе ви донесе финансиски бенефит.

Според Ангелоски, ова е работа за државата, но за жал живееме во неадекватен систем  и дава пари на ЕСМ, наместо на фирмите да го подобрат енергетскиот менаџмент.

Секоја заштеда директно оди на профитната маржа

По ова прашање околу исплатливоста и заштедата од вложувањето во соларна енергија Горан Ѓорѓиевски од „Специјал“ Скопје,  смета дека Македонија сè уште каска во Адриа регионот во делот на инвестиции во фотоволтаици, ветерници, алтернативни извори на енергија.  Според него со фотоволтаици предничи Словенија, а со ветерници Хрватска.

- Македонија очигледно има одреден проблем во тој дел, кој особено доаѓа до израз во делот на законските дозволи за изградба и монтажа на фотоволтаици.

Според Ѓорѓиевски самиот производен процес во пекарската индустрија што тој ја застапува, изискува голема потрошувачка на електрична енергија –замрзнување на производи на минус 20 кога надворешната температура е над 37 целзиусови степени и обратно печките греат кога температурите се минусни. Токму ваквите ситуации, вели Ѓорѓиевски,  во кои се троши голема енергија ги навело да влезат во процесот на заштеда.

Тој процес на заштеда го започнал во 2013 година. Користејќи проект за енергетска ефикасност со тогашната Охридска Банка, го изолирале производниот објект. „Предвидовме и топлински пумпи за греење и загревање на објектот. Водата ја користиме како медиум од кој што се апсорбира енергијата која го  загрева и лади објектот. Односно овозможува да трошите многу помалку ресурси за да ја постигнете потребната соодветна температура. Значи уште тогаш ги направивме тие подготвителни работи кои се многу важни за вие да влезете во еден иден процес каде ќе може да направите дополнителна заштеда. Бидејќи јас заштедите ги дефинирам како директен профит. Значи заштеда оди директно на профитната маржа, “ вели сопственикот на „Специјал“.

Тој во 2019г. меѓу првите поставил соларна централа од 0,36 мега вати односно 361 киловат, и тоа, како што објасни во период кога  цената на енергија беше пониска и не можевме да предвидиме дека ќе има енергетска криза. Но, беше еден многу важен чекор кој ни помогна во 2022 г. Плативме 550 000 евра за струја што за компанија од наш ранг е многу голема вредност и тоа не натера да се задолжиме по банките и да бараме други извори со цел да опстанеме. Но замислете да не беше и таа соларна централа според наша апроксимативна пресметка ќе платевме над 800 000 евра.“

Но, кога е во прашање брзината на нашата администрација за издавање на потребната документација за да почнете да функционирате тогаш се покајав што не инсталирав фотоволтаици  со поголема моќност, што ќе беше 80 до 90 проценти од електричната енергија што ни е потребна. Затоа од крајот на 2022 г. започнав со активности за дополнително инсталирање на фотоволтаици. Сега  е 2024 г. и конечно е изградена соларната централа на уште еден објект, но во моментов сме на позиција за издавање на градежна дозвола за соларната централа во општината- ги очекуваме дозволите од ЕВН, МЕПСО и од регулаторна комисија за енергетика кои треба да ни ја издадат лиценцата. Значи две години не можеме да започнеме со работа – толкава  е брзината со која во нашата држава се одвиваат процесите – брзина на полжав. И тука говориме за конкурентна економија за излегување надвор од нашите граници со конкурентен производ, а овде на друга страна сме полжави. Несериозно е дури да размислувате да не речам дека е дури и навредливо, затоа што не се прават никакви исчекори во таа насока.

Потребни се банкарски гранд шеми како на запад

Според Ѓорѓиевски  - важен момент во самата инвестиција на соларни централи  се  банкарските гранд шеми. Но, иако ова е елементарно прашање, дојдовме до заклучок дека грант овде е само 10 проценти од проектот што е незначително за разлика од западните земји и ЕУ каде достигнува и до 50 отсто. Факт кој покажува дека таа инвестиција подолго ќе ја враќате, ќе имате повеќе трошоци и повторно дека не сте конкурентни.

Тука многу важен детаљ е и функционирањето на банките (високи камати). Конкретно сметам дека може на многу различен и подобар начин да се овозможат инвестиции во обновливите извори, односно да се зголемат повеќекратно и тие проекти да бидат успешни, бидејќи претставуваат директно влијание на негативниот флуид, на намалување на трошоци на компаниите и овозможуваат финансии за други процеси. Сметам дека многу е важно да се има такви можности, грант шеми, по можност долгорочност на отплаќање на тие кредити и финансии од банките.

 Во иднина, Ѓорѓиевски вели дека  планираат да ја обезбедат компанијата со електрични возила кои ќе се полнат од нивните соларни централи. Конкретно за реализација на тоа изработиле проект и конкурирале  во Фонд за иновации,  но не успеале за сметка на бандера, дрвен самодржач на кабел ( и секако успешен)...

Зелените иновации, се силувана технологија  како и здравата храна

Загорка Блажевска, генерален менаџер на „Вита  нова-ЗА“ вели: – Зелените иновации, се силувана технологија  како и здравата храна. Не се знае кој во кој контекст го користи и дали го злоупотребува или го употребува во здрава насока.

Консултантите кои треба да не воведат во делот од  ЕУ регулативата ги поздравувам, меѓутоа ги охрабрувам да се соочат со нашата сурова реалност. Банките немаат никаков слух на таа тема со должно почитување на исклучоците. Оваа група е предводник на сите промени кои треба да следат.

Се сложувам со тоа дека енергетски менаџмент треба да биде тема во секоја компанија. Меѓутоа кога ќе се направи енергетски менаџмент треба да има соодветен сертификат и кој тоа ќе го имплементира.  А, потоа каде ќе се поднесат тие извештаи, кој ќе ги поднесе, како ќе има бенефит заедницата, бизнисот.  Кој е тој ‘каргон фуд принт’ што ќе даде бенефит на целата приказна. Сума од теми кои ќе треба допрва да ги размислуваме и изработиме.

 Нема иднина без обновливи извори 

Едно е јасно: Производ  кој нема да биде соодветно деклариран, нема извоз. Со воведувањето на законот не ќе може ниту во Македонија да се продава. Точно е дека се само пет групи но сигурно ќе следуваат уште. Што е трагедијата? Ова е еден од ретките столбови  каде се споменува оваа тема. А веќе е доцна. Министрите досега требаше да имаат акциски планови за спроведување. За жал очигледно немаат.

 -Поради бавното функционирање на нашата држава, и во локалната и во централната власт ни пропаѓаат важни деловни проекти, смета и Проф. д-р. Орце Симов, претседател на Комората за информатичко-комуникациска технологија и  услуги при ССКМ. Според него кога е во прашање темата за зелени иновации тој би  зборувал околу две бројки:  52 и еден.

„Човештвото емитува 52 милијарди тони јаглероден диоксид годишно во атмосферата. Оваа емисија на CO2 доаѓа од пет сфери: производство на електрична енергија од фосилни горива, градежна индустрија, произвoдство на бетон и челик, од производство на храна - земјоделство, транспорт и од греење и ладење. Од друга страна бројот еден значи дека Македонија лани имаше еден процент раст на бруто домашниот производ. Процент според кој бевме последни во Западен Балкан, иако цело време се предвидуваше дека растот ќе биде над 2,5 отсто. Ако сакаме за 10 години да влеземе во ЕУ, да се приклучиме на тие текови, нашето стопанство да стане конкурентно и да го спречиме одливот на население, затоа што луѓето бараат поголеми плати треба за 10 години да го дуплираме нашиот домашен бруто производ, а за да го дуплираме ни требаат најмалку седум проценти годишен раст. И за да постигнеме раст од пет проценти, треба да работиме на иновации. Ако сакаме да ја спречиме еколошката катастрофа до 2050 година треба да ја намалиме емисијата на CO2 на 0 за што мора да работиме на сите овие полиња. Инаку ќе продолжиме да се движиме по патеката на климатска катастрофа од која нема враќање. Иновации околу складирање на електрична енергија, дигитализација околу растот, намалување на енергијата за транспорт, оптимизација на трошоците околу земјоделството, кое учествува со 20 проценти во тие милиони тони отпад... Значи потребна ни е  зелената трансформација со бројни иновации за да постигнеме поголем економски раст, бидејќи тие се мотор за раст и развој на економијата“, истакна Симов.

Тркалезната маса  на тема „Одржлива иднина со зелени иновации, практична примена во компаниите“ организирана од Сојузот на стопански комори на Македонија е дел од проектот GREENOVET, во кој се вклучени 18 европски партнери и истиот е кофинансиран од Еразмус + Програмата на Европската Унија.

Денес Сојузот на стопански комори на Македонија организира нова тркалезна маса на тема  „Одржлива иднина со зелени иновации- важноста на креирање на иновативни образовни центри за развивање на зелени иновациски вештини“.