Минатата недела е објавен конкурс за стипендии за 2025/2026 година за студенти кои се запишале, односно го продолжуваат академскиот степен на образование на еден од 100 престижни универзитети кои котираат на шангајската листа. Впечатокот околу овие стипендии со години наметнува низа прашања во јавноста: кој се добива стипендија за студии на овие универзитети?; дали и колку од нив по завршувањето се враќаат во државата?; зошто трошиме пари ако не ни е потребен тој кадар?; дали државата потклекна во следење на процесот на овие надежни стручни кадри?
Токму за овие прашања и актуелните состојби со „неискористениот студентски потенцијал“, и плановите што и како во иднина со досегашните и идни потенцијални научни стручни лица, разговараме со Министерката за образование и наука Весна Јаневска.

-Повеќе од една деценија се доделуваат стипендии за додипломски, магистерски или докторски студии за студенти кои го продолжуваат своето образование на еден од 100 престижни универзитети од Шангајската листа. Каков е интересот во моментов, колку активни стипендисти од нашава земја се наоѓаат на овие универзитети, и дали интересот за студии на овие универзитети се зголемува?
- Оваа мерка постои веќе 15 години. Државата ги поддржува младите кои ќе одлучат да конкурираат и ќе успеат да се запишат на некој од најдобрите 100 светски универзитети според шангајската ранг-листа. И досега, стипендија добиле 400 граѓани. Тоа се големи стипендии, ако се има предвид дека студирањето на врвни универзитети е прилично скапо, така што некаде плаќаме само за годишна уписнина до 40 илјади американски долари, а дополнително се доделува и месечен паричен надоместок и се покриваат трошоците за сместување и пат. Пред само неколку дена го објавивме конкурсот за овој тип на стипендии во академската 2025/2026 година. Очекувам интерес, како и во изминатите години.
-Колкав е бројот на апликанти на годишно ниво и колку е транспарентен системот за избор на стипендистите, бидејќи се работи за многу чувствителен сегмент, за што во јавноста постојано постои сомневање дека се потребни „врски“?
Апсолутно не се потребни никакви релации за да се оствари ова право. Има неколку услови кои било кој апликант доколку ги исполни, ја добива стипендијата. Освен што треба да е државјанин на Македонија, треба да биде примен на некој универзитет од листата на најдобрите 100, да има соодветно претходно образование и просечен успех и да не е корисник на стипендија од друг давател во моментот на аплицирање. Важно е што не постои ограничување или одредена квота на стипендии која што би ја пополниле и потоа повеќе не доделуваме. Ќе повторам, секој што ги исполнил конкурсните услови, се стекнува со правото на стипендија.
-И дополнително: За кои универзитети имам најголем интерес, односно што стручен кадар добиваме за потрошените државни пари?
Стипендирани македонски студенти има во повеќе држави. Ќе ги издвојам универзитетите во Лондон, Кембриџ, Оксфорд, Утрехт, Ајндховен, Техничкиот универзитет во Минхен, Федералниот институт за технологии во Цирих, Манчестер, Единбург и така натаму. Мислам дека најголем е интересот за студирање во Обединетото Кралство и Холандија. Конкурсот точно ги дефинира областите за кои се доделуваат стипендии - инженерството и технологиjaта, архитектурата, градежништвото, математиката, меѓународното јавно и приватно право, физиката, биологијата, хемијата, науката за храна, електротехниката, електроникатa, машинството и други сфери во кои имаме дефицит на кадар.
-Целта на стипендијата, е да се обезбедат кадри за дефицитарните полиња во државата каде што навистина има потреба од поголема стручност, односно да креираме кадри кои можат да придонесат за развој во тие специфични ресори. Врз основа на што и како државата одлучува на годишно ниво кои се тие области за коишто имаме дефицит во тековната година за кои доделува стипендии за студии во странство?
Генерално во државата имаме дефицит на кадар од природно-математичките и техничко-технолошките науки и затоа тие се опфатени со конкурсите. За жал, досега дел од оние кои користеле државни средства за студирање надвор, не се вратиле во државата и тоа на некој начин е неисплатлива инвестиција, од причина што, кадарот стекнатото знаење не го користи за професионална реализација во сопствената земја, а со тоа и за нејзин развој. Но, со промена на условите за корисниците по стекнувањето на дипломата, очекувам да ја подигнеме ефективноста на мерката.
-Во просек колку на еден студент кој ги продолжил додипломските, магистерските или докторските студии му се исплаќаат пари за стипендија на годишно ниво , или колку еден студент ја чини државата за своето школување на овие универзитети?
Различни се износите за школарина. Некаде студирањето чини илјадници, а ние имаме ограничување да исплаќаме најмногу до 40 илјади американски долари на годишно ниво. Доколку школарината го надминува овој износ, разликата ја доплаќа студентот. Месечниот надомест исто така зависи од трошоците за живот во земјата каде студентот е запишан.
-Кои се обврските на стипендистите по завршување на одредениот степен на образование?
Имаат обврска да се вратат во државата и да работат најмалку двојно повеќе од времето на студирање. Но, како што посочив, околу 50-тина проценти не ја исполниле оваа обврска. За жал, некои биле заборавени и никој не ги контактирал, за други не се нашло соодветно место и слично. Ќе го смениме тоа. Мене ми е задоволство да споделам дека со дел од студентите што ги контактиравме во изминатите неколку месеци, веќе воспоставивме соработка. Тие имаат огромна желба да работат на промоција и развој на сопствената држава.
- Дали Министерството за образование располага со податоци, –каде се, дали се вработени или не, колку од досега завршените стипендисти се ангажирани во земјава како дефицитарен научен кадар и кој ја сноси одговорноста доколку не се благовремено вработени, бидејќи сепак се работи за државни пари?
За да имаме целосна информација за состојбата на сите студенти, оваа година за прв пат отворивме онлајн регистар и ги повикавме сите корисници на стипендија да се пријават со тоа што ќе наведат податоци дали се во државата или не, каде се вработени или воопшто не се вработени и слично. Ова ќе биде обврска и за новите корисници и сите ќе треба да ги ажурираат овие податоци кога ќе имаат каква било промена. Оваа база со студенти кои студирале или студираат на некој од најдобрите светски универзитети ќе биде споделена со универзитетите и бизнис заедницата во Македонија заради полесно вмрежување и ангажирање на човечкиот капитал. А студентите ќе можат и меѓусебно да воспоставуваат релации, да разменуваат искуства, знаења и така натаму. Ја подигнуваме грижата кон нашите млади и очекувам тоа да вроди со плод.