„Еден град се усвојува, а не се освојува. Природно е и нормално градовите да ги У-својуваме, а не да ги О-својуваме! И обратно: тие да нè У-својуваат нас.“

Со овие зборови познатата преведувачка, театролог и книжевен теоретичар, Јелена Лужина нe воведува во својата нова книга „Скопски есеи“, која беше претставена со онлајн-промоција, на 13 ноември (сабота), во чест на Денот на ослободувањето на Скопје. Всушност, собраните есеите се посветени на Скопје и на големците кои некогаш живееле и твореле во него.

Овој омаж на Скопје почнува од корицата, која е илустрирана со мотив од делото Старо Скопје (масло 1960) од Бранко Костовски.

Книгата „Скопски есеи“ е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, и веќе е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“. Онлајн-промоцијата ја водеше уредникот на изданието Ведран Диздаревиќ.

Авторката Лужина истакна дека „градовите стануваат ’наши‘ исклучиво поради она метафизичко ’вибрато‘ што го имаат или – просто – го немаат. Тие што некогаш го имале, ама потоа го загубиле“. Заради оваа книга тоа „метафизичко вибрато“ продолжува да трепери низ сите оние што се сеќаваат и, сеќавајќи се, продолжуваат да творат без разлика на медиумот.

- Еден град се освојува емотивно. Ние на Балканот живееме во една традиција на освојување. Тука перманентно некој нешто освојува и тие освојувања се проблематични, бесмислени и непобеднички. Освојувањето еднонасочно секогаш предизвикува отпор и нема шанси да успее. Порано или подоцна ќе се покаже како залудно. Родена сум во Дубровник, град кој никогаш не бил освоен, кој се бранел со големи бедеми. Никој и никогаш, сѐ до последниве бесмислените балкански војни, на него (Дубровник) не фрлил ни камен. На тврдината повеќе по 550 години се вееше знамето либертас или знамето на слободата. Во тој дух сум растена и воспитувана. Во таа конотација – градовите ги усвојувате слободно, а не ги освојувате со насилство. Така, јас ги имам освоено и мојот роден град Дубровник, како и градот во живеев првите 34 години од мојот живот – Пула. Исто така и Скопје, во кој живеам последниве 35 години. Така што можам да заклучам дека градовите се освојуваат само со љубов... Гледано наназад, можам да кажам дека имав привилегија да живеам во добро опкружување и добро друштво, со прекрасни луѓе. Градот го сочинуваат луѓето, а не бедемите. Бедемите се за туристи – рече Лужина.

Во книгата се застапени 16 есеи, своевидни осврти, коментари, ставови и сеќавања што се пишувани низ годините.

- Есеистички книги се книги што се прават од парчиња. Се пишуваат сами од себе. Ваков тип книги не се пишува наеднаш, на пример, како кога правите тематска книга или научен труд... Многу ги сакам ваквите мозаични книги, кои се прават од делчиња, пред сѐ зашто го олеснуваат и читањето. Многу е важно некој да ве чита. Ако пишувате книга од 300 страници, тоа не е баш читливо. Есеите се лесно читливи, но воопшто не е едноставно и лесно да се напишат. Некои ги имам пишувано во повеќе наврати, повеќе години. Есеите секогаш се предизвик, бидејќи можат да бидат различни и можат да се читаат парцијално. Всушност, живееме во т.н. парцијално време, фрагментирано време, со многу делчиња. Има најразлични мотиви поврзани со настанување на есеите. Магијата на есејот е што можете да го продолжувате и да ги допишувате. Можете да го продолжите и да го скратите како што сакате. На пример, за Душан Јовановиќ требаше да напишам најавен текст за една книга со драми, која требаше да биде објавена првпат на македонски јазик. Од тоа произлезе иницијалниот текст „Душан Јовановиќ – ослободувачот на Скопје“. Првиот фрагмент е напишан така, како предговор. Потоа низ годините овој текст се ширеше и се дополнуваше за различни други поводи. Есејот го завршив откако тој почина, на првиот ден на оваа година. Инаку, Јовановиќ по потекло е Словенец, но е роден во Белград, а растел во Скопје, од каде што ја влече и инспирацијата за неговото познатото дело „Ослободување на Скопје“. Скопје двапати беше споменуван во интернационални рамки, еднаш заради земјотресот во 1963 година, кога светот се обедини со својата солидарност, да го издигне градот од пепелта, и втор пат – поради пиесата на Јовановиќ – „Ослободување на Скопје“, која собра многу награди во САД, а се играше и во Австралија – рече таа.

„Скопски есеи: сказни за лица, персони и сенки“ е истовремено книга за минатото и за иднината. Во неа, со поглед наназад, авторката ги портретира големците што оставиле трага врз македонската култура, почнувајќи од веќе подзаборавените Јосиф Михајловиќ и Аница Савиќ-Ребац; преку карикатуристот и сценограф Василие Поповиќ-Цицо; драмските писатели Бранислав Нушиќ и Душан Јовановиќ; поетите Светлана Христова-Јоциќ и Матеја Матевски; класичарката Љубинка Басотова и писателката Јадранка Владова; актерката и режисерка Тодорка Кондова-Зафировска, суфлерката Нада Прличкова; големиот Предраг Матвеевиќ, македонистот Петар Кепески и критичарот Димитар Митрев; и конечно, режисерот Љубиша Ѓеорѓиевски, веќе култниот Дејан Дуковски и, во последниот есеј, драматургот Коле Чашуле. Но, исто така, покрај тоа што ги спасува овие фигури од срамниот заборав, Лужина ни ги приложува нам, особено на помладите, како образец и идеал, за што сè можат да бидат Скопје и македонската култура.

- Сите личности споменати во есеите ги познавав лично или знаев за нив преку нивните творби. Им се восхитував преку нивните дела. Сѐ уште не ми е јасно зошто никој во Скопје не се занимава со Јосиф Михајловиќ, кој во најмала рака заслужува да има барем монографија или, пак, со Аница Савиќ-Ребац, која живееше тука со децении и која беше врвна интелектуалка, можеби прва феминистка во историјата на македонското женско движење. Личностите опфатени во есеите ги избирав, пред сѐ, според трагата што ја оставиле зад себе. Тоа се луѓе кои заслужуваат да им посветите време да истражите за нив и да напишете нешто за нив. Многу ми значи текстот за жената која живееше речиси невидливо или бесшумно – Нада Прличкова. Тоа е сопругата на Петре Прличко, за кого, пак, имам напишанo голема монографија. Без Нада – Петре не би постоел. Со неа лично се познавав. Таа беше чудо од жена. Преку неа може да се согледа она што значи – големината на малите – рече авторката.

Јелена Лужина (1950, Дубровник) – театролог, книжевен теоретичар, критичар, есеист, преведувач. Дипломирала на Универзитетот во Загреб, каде што завршила постдипломски студии по книжевна теорија; докторирала на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје; четириесет и две години работела како универзитетски професор и како менаџер во културата. Од 1987 година, по сопствен избор, живее во Скопје. Ги втемелила Институтот за театрологија при ФДУ (1997) и Музејот на Македонскиот народен театар (2013/14). Конципирала и реализирала повеќе од 20 научно-истражувачки проекти од областа на театрологијата, од кои повеќе од половина биле меѓународни. Објавила 19 авторски книги (над 7.000 страници), пишувани на македонски и на хрватски јазик; приредила повеќе од 50 антологии, зборници, хрестоматии, монографии, енциклопедии... (над 20.000 страници), печатени во Македонија и во Хрватска, на македонски, на англиски, на хрватски и на италијански јазик. Интензивно преведува од/на повеќе јазици, најчесто драмски текстови и книжевна проза. Членка е на Друштвото на писателите на Македонија, на Друштвото на хрватските писатели и на македонскиот ПЕН-центар. Добитничка е на десетина книжевни и преведувачки награди, македонски и хрватски...