Во Јапонија, како антитеза на видео игрите и дигиталните социјални мрежи, нова форма на угостителски објект станува сè попопуларна - кафуле кое им овозможува на гостите, за мал паричен надомест, да се дружат и да се забавуваат играјќи аналогни друштвени игри што се состојат од табли, коцки и фигури.

Додека спектарот и влијанието на апликациите и социјалните мрежи на интернет незапирливо растат, во Јапонија се шири и релативно млада и несомнено необична угостителска индустрија, иако ненаметливо и со многу помалку медиумска помпа - кафулиња чија главна понуда не се пијалаците, туку можноста да се ужива во разни друштвени игри со семејството или пријателите.

Кафулињата со друштвени игри нудат можност за дружење и засолниште од секојдневната галама и вревата на улиците.

Станува збор за т.н. „кафулиња со друштвени игри“, ретка и корисна алтернатива на дигитализацијата на животот, односно доминацијата на компјутерските игри и површното и логоритамско дружење преку дигитални социјални мрежи.

Во Јапонија, овие кафулиња не само што нудат одмор од досадата и засолниште во еден тажен, дождлив ден, туку генерално обезбедуваат и одмор од неподносливите толпи на улиците на пренаселените градови, кои сега се под силна опсада од странски туристи привлечени од смелата либерализација на визниот режим и падот на трошоците за живот поради слабеењето на домашната валута, јенот.

Интересни игри за забавно потрошено време 

Друштвените игри генерално вклучуваат употреба на коцки и, во помала мера, карти за поместување на фигури на табла со специфичен дизајн. Тие грубо можат да се поделат на тркачки игри, во кои задачата е да се стигне до целта што е можно побрзо, предаторски игри во кои целта е да се „изедат“, односно да се збришат фигурите на противникот, игри на опкружување во кои натпреварувачите се обидуваат да го блокираат и опколат противникот и игри на распоредување, кои бараат стратешки пристап во распоредувањето на сопствените сили со цел да се изгради и развие материјално богатство, населби или држави.

Друштвените игри на табла може да се сметаат за поджанр на игрите на маса, кои се поширока категорија бидејќи вклучуваат игри базирани на домино и игри со карти како што е покерот, како и игри кои се базираат на употреба на коцки, но не бараат табла, како што е јамб. Понекогаш, заедно со гореспоменатите игри на маса и други игри што се одвиваат во тродимензионален простор, се нарекуваат и аналогни, за да се разликуваат од видео игрите и да се истакне фактот дека не се потпираат на дигитални технологии и екрани.

Кафулињата каде што се играат друштвени игри во Јапонија обично се отворени од 13 до 23 часот, а клиентите кои уживаат во овие игри плаќаат часовна цена вон шпицот од само две и пол евра.

Ваквиот вид на кафулиња го остваруваат својот профит главно од продажба на пијалаци и игри, како и од настани како што се групни натпревари или изнајмување простор за роденденски забави. Меѓутоа, бидејќи лавовскиот дел од просторот го зафаќаат полици со стотици кутии со игри, слично на популарните кафулиња со животни, понудата на пијалаци е обично ограничена и скромна, а најчесто се состои од (инстант) сокови, чај и кафе, иако има и такви што, особено во вечерните часови, служат и алкохол.

Клиентите добиваат и објаснувања и упатства за игрите

Посетителите на овие кафиулиња не се препуштени сами на себе во потрагата по игри што би можеле да ги испробаат, туку можат да побараат совет или препораки од персоналот, кој не само што го знае видот и времетраењето на секоја од многуте игри, туку честопати напамет ги знае и правилата за одредена игра. Овие објаснувања што ги даваат вработените во кафулињата, кои се најчесто студенти, заштедуваат труд и време, кое е важно за клиентите бидејќи го плаќаат.

Исто така, веб-страниците кои ги држат компании кои управуваат со кафулиња или љубители на друштвени игри и на табли, покрај тоа што даваат информации за локацијата и карактерот на поединечните објекти, организираат и онлајн гласање за најзабавните или најомилените игри.

Патем рангирањето коешто произлегува од овие онлајн анализи може да им биде корисно на посетителите да донесат одлука кога ќе нурнат во фасцинантната шума од шарени кутии во кафулето коишто заведуваат и опиваат, нудејќи откривање на тајни и мистерии, бајковити авантури во далечни, егзотични земји или чекор во магични цивилизации од далечното минато.

Реакција на отуѓување

Во Јапонија, се верува дека моментално има над 550 кафулиња специјализирани за друштвени игри.

Првиот угостителски објект од ваков вид во Земјата на изгрејсонцето бил отворен во 2008 година, по модел од Северна Америка, каде на почетокот на овој век постепено се развиваше јавната свест дека интернетот и видео игрите водат кон изолација, отуѓеност и осаменост - начин на размислување што некои гостилничари го преточија во конкретна акција: отворање оази за тродимензионални друштвени игри што физички ги зближуваат луѓето.

Во Јапонија, ваквите кафулиња останаа незабележани сè до 2015 година, кога нивниот број одеднаш почна експоненцијално да расте - популарност што брзо растеше сè до епидемијата на коронавирус и што се припишува на реакцијата на општеството и компаниите на тогаш веќе огромното ширење на дигиталните социјални мрежи и појавата на психолошка зависност од нив.

По брутално тешкиот период за угостителите за време на епидемијата, нивното присуство повторно се прошири и сега можат да се најдат низ целата земја, понекогаш концентрирани во одредени населби и разновидни, не само во однос на ентериерот и атмосферата, туку и во содржината на нивната понуда.

На ранг-листата на популарност на интернет, водат игрите „Сплендор“, „Каркасон“, „Агрикола“ и други.

Постојат игри кои се прилагодени за деца од предучилишна возраст, такви каде што се зборува само англиски или такви каде што персоналот носи униформи што потсетуваат на карактеристично јапонски кафулиња или пабови со послуга.

Интересно е што кафулињата за игри, особено ако припаѓаат на синџир во сопственост на поголеми компании, исто така имаат влијание врз дизајнот на самите игри, бидејќи ги пренесуваат впечатоците и желбите на своите клиенти до производителите и поднесуваат барања за креирање игра ексклузивно за нив што другите ја немаат. Компаниите што ги управуваат организираат и големи настани надвор од кафулињата, како што се турнири и фестивали, кои собираат поголем број навивачи.

Социјално корисно

Како противтежа на самоизолацијата и квази-дружељубивоста диктирани од современите дигитални технологии, кафулињата за игри наликуваат на мала едрилица што храбро се движи обратно од текот на реката и покрај измамничкиот ветер.

Ова, меѓу другото,и поради тоа што тие бараат време и трпение од луѓето денес, кои (особено во земјите на Далечниот Исток каде што има многу работа) се растргнати од разни обврски и во постојано брзање, па имаат кратко и мало внимание и се расеани.

Во оваа смисла, кафулињата со друштвени игри не се само општествено лепило што ги поврзува отуѓените поединци во една заедница, туку и еден вид мелем за немирната душа на поединецот.