Таман си велам – во моментов нема ништо ново од литерарниот свет во регионот што сакам да го имам, бидејќи ги набавив и „Стовариште“ на Сергеј Трифуновиќ, и книгата за Неда Арнериќ, и „Најдобрите српски албуми, од ’92-ра...“..., кога некој ќе ме демантира.

Ако нечија автобиографија не треба да пропуштите, тогаш тоа е дефинитивно автобиографијата на Мира Фурлан, „Voli me više od svega na svijetu“, која само што ја објави реномираниот издавач Booka.

За што се работи? Мира Фурлан бескрајно емотивно ги открива своите интимни драми, го прикажува лицето и изгледот на животот на актерот, го оживува безгрижното време во кое луѓето верувале во подобар свет и го опишува општиот пад на овие простори.

„Voli me više od svega na svijetu“ е пред сè исповед на жена - нежна, ранлива и благородна - која постојано се преиспитувала себеси и чиј живот бил полн со возбуда, успех, пречки, неуспеси, љубов и предавство.

Мира, никогаш прежалената филмска дива, во својата автобиографија отворено зборува за тоа што значи да се биде жена на овој свет.

„Зимата 1991 година, е една од најтешките досега забележани во Њујорк. Во мојата келнерска униформа, излегувам од кафе „Монако“ каде работам, со странски весник во рацете. Смрзната во деколтирана блуза (задолжителна униформа на моето работно место), стојам на аголот на „Амстердам“ и „Бродвеј“ и ја отворам главната статија со наслов: „Трагичната судбина на големата хрватска актерка“. Тогаш очите ми се лизнаа на насловот: „Тешкиот живот на лесна жена“. Кој би можел да биде, се прашувам. Секако не јас. Како може тоа да сум јас?

Се обидувам да се сетам на моето несигурно чувство за идентитет. Зарем не бев „реномирана театарска актерка и популарна филмска ѕвезда со големи театарски и филмски награди“, како што тврди моето CV? Зарем публиката и колегите не ме сакаа? Како одеднаш ме третираа како предавник? Од каде доаѓа оваа необјаснива омраза? И како да се справам со тоа?“ – се прашува Мира Фурлан во автобиографската сторија, која, и пред да биде објавена, стана бестселер.

Опишувајќи го не само нашиот простор, туку и искуствата на лицата без државјанство и емигрантите во Америка, оваа книга, со поднаслов „Приказната за припадноста“, е и шокантно сведоштво за тоа што носи (не)припадноста.

Конечно, моќната проза проткаена со духовити и остри коментари, како за долгото минато, така и за сегашниот свет и тенденциите во него, е потврда за исклучителната дарба на Мира Фурлан за пишување

- Уживавме во подготовката на оваа навистина посебна книга, веруваме дека ќе уживате и вие – велат од Booka.


Мира Фурлан големата ѕвезда на југословенската театарска и филмска сцена е родена во 1955-та во Загреб, а починала лани во Лос Анџелес. Светот ја памети по изклучително успешни улоги во сериите „Вавилон 5“и „Изгубени“.

Во Загреб Мира Фурлан дипломирала глума на Академијата за драмски уметности, а во 1978 станала членка на Хрватскиот народен театар. Филмското деби го имала во „Киклоп“ во 1982 година, за што освоила Златна арена за најдобра споредна улога на Филмскиот фестивал во Пула, по што станала една од водечките југословенски глумици. Во 1986 година била наградена и со Златна арена за најдобра глумица за култниот филм на црногорскиот режисер Живко Николиќ – „Лепота порока“.

Од крајот на 1980-ите главно работела во Белград, а во 1991 се преселила во САД, заедно со сопругот, режисерот Горан Гајиќ, каде што продолжила да глуми, остварувајќи ги забележителните улоги во сериите „Вавилон 5“ и „Изгубени кои имаа планетарен успех.

Таа повремено пишувала и колумни за списанието Ферал трибјун од Сплит, кои обединети, беа објавени во книгата „Тотална распродажба“.

Истакнатиот режисер Рајко Грлиќ за неа изјавил „Мира беше најголемата југословенска и хрватска глумица од мојата генерација“. Кревка и силна, исклучително чувствителна и истовремено храбра жена“.

Нејзината ненадејна смрт во Лос Анџелес, лани во јануари, како последици од заразата со вирусот на Западно-Нилска треска, силно одекна во регионот, каде продолжи да живее преку феноменалните филмски рољи кои ги остави зад себе.

Иван Беќковиќ