Во ерата на новите технологии, се менува и економскиот систем. Се поставува прашањето дали капитализмот функционира според неговите основни столбови врз кои е создаден. Дали вложувањата во производни ресурси сè уште носат профит? Грчкиот економист и поранешен министер за финансии Јанис Варуфакис, преку своите анализи, го прогласи колапсот на пазарот како таков.
Додека скроламе низ социјалните мрежи, нарачуваме работи од нашите фотелји или ја плаќаме сметката со еден клик - едвај забележуваме дека економскиот систем се менува пред нашите очи.

Функционирањето на капитализмот според принципот на профит – вложувања во продуктивни ресурси што носи профит, според анализите на грчкиот економист, еволуирало во нешто што наликува на дигитална верзија на феудализмот наречена технофеудализам.
„Кога зборувате за технофеудализам, тоа зборува за нешто што е, пред сè, влијанието на технологијата врз однесувањето на обичните луѓе. Гледаме дека луѓето многу потпаѓаат под влијание на социјалните мрежи, и секако вештачката интелигенција“, вели Бојан Станиќ од Српската стопанска комора.
Во средниот век, кмет му плаќал закуп на земјиште на својот феудален господар. Денес, трговецот плаќа провизија на платформите за да продава, а корисникот плаќа на платформите за да ја користи мрежата. Ние не само што купуваме стока - всушност изнајмуваме простор во туѓ дигитален замок.
Според тезите на Јанис Варуфакис, профитот станал секундарен, додека моделот на изнајмување станува сè подоминантен. Технолошките гиганти се господари, додека сите други се кметови, кои ја обработува земјата за неколку парички за возврат.
„Мислам дека овие компании дошле во монополски позиции и ги постигнуваат сите овие монополски позиции преку фактот дека ги совладале овие мрежни економии, но мислам дека е далеку од фактот дека се феудални господари“, вели економистот Иван Остојиќ.
Главната карактеристика на феудалните господари
Главната карактеристика на феудалните господари, вели тој, е тоа што тие извлекуваат огромна вредност и дека таа вредност ја претвораат само во сопствен профит, додека компаниите инвестираат многу во истражување и развој.
„Значи, она за што зборуваме овде е многу силен монопол во симбиоза со големи држави, според мое скромно мислење, а не класичен феудален систем“, вели Остојиќ.
Бојан Станиќ истакнува дека пазарот е глобализиран и дека е можно да се пристапи до него.
„Меѓутоа, сега се обидува да се ограничи преку воведување царина, нецарински бариери и така натаму. Повеќето луѓе во понудата и побарувачката се ориентирани кон цената“, вели Станиќ.
Со секое лајкување, ги храниме алгоритмите
И корисниците кои мислат дека ги користат апликациите бесплатно, всушност плаќаат. Со секое лајкување, пребарување, ги храниме алгоритмите и создаваме вредност за платформите. Податоците стануваат новата нафта, а алгоритмите се новите законодавци.
„Ако податоците и управувањето со технологијата се новото злато и новата нафта, тоа станува ресурс за кој се борат големите сили. И тогаш она што се случува е дека ако сакате да скалирате нешто, ви треба огромна популација, како што Кина и Америка доминираат и преку таа популација тие добиваат пристап до огромен број потрошувачи и нивните податоци“, вели економистот Остојиќ.
Во потенцијалниот систем на технофеудализам, влијанието врз демократијата и општеството е алармантно. Платформите ја концентрираат моќта во свои раце, обликувајќи ги нашите мисли, навики на потрошувачка и одлуки. Дали капитализмот е мртов? Според овие соговорници, не, но се чини дека не е тоа што беше порано.
Наместо конкуренција и слободен пазар, сега имаме структури во кои пазарниот колач е веќе поделен - а ние само плаќаме за да го јадеме. Рентиерски монарх го замени капиталистичкиот крал.