-Важните теми за кои постојано зборуваме кога е во прашање македонската економија во јавниот дискурс се сведуваат на следното: - Зборуваме за даноците (ќе има ли прогресивно оданочување или не, ќе се зголемуваат или нема; што ќе се случува со минималната плата; со пензиите, дали ќе се зголемат и колку, зошто итн. Ќе има ли субвенции и за кого, колку и кому ќе му плати државата; ќе има ли друг тип на државна помош; што се случува со пазарот на работна сила- ќе има ли работници со потребните квалификации; што се случува со образованието, со јавното здравство, со енергетиката? - Вака го започна своето обраќање на темата „Каква пазарна економија сакаме“ Зоран Јовановски, потпретседател и советник во Кабинетот на претседателот на Стопанската комора на Македонија за макроекономски прашања и јавни финансии. И продолжи изнесувајќи ги своите согледувања, базирани на анализи, искуства, предлози и активности од стопанствениците:

Прашањето е дали сите овие теми, кои циклично се вртат во одреден период од годината се најважната тема? Мислам дека не се. Затоа што, кога зборуваме за сите овие теми, чувството е како да разговараме за некоја зграда од првиот кат нагоре, а воопшто не го споменуваме темелот на зградата. Јас би сакал да зборуваме за темелот на зградата. Бидејќи, структурното прашање е каква пазарна економија имаме? А, пазарна економија имаат и САД, Германија, Азија, но моделите се различни по своите карактеристики. Во теоријата за политичка економија постојат различни модалитети, но ние ќе се фокусираме само на два.
Избор на одреден модел на пазарна економија
Првиот е слободна пазарна економија. Модалитет, каде пазарната економија е либерална, а улогата на државата е редуцирана- сведена на тоа што го дава едно цивилизирано општество, значи владеење на правото, безбедност на граѓаните. Фокусот на општеството е на поединецот, секој сам си го бере гајлето. Пример на таква пазарна економија се САД.
Вториот модалитет е она што се нарекува социјална пазарна економија или уште позната како координирана пазарна економија. Неа ја карактеризира нешто друго –поединецот е многу важен, но се води сметка и за пошироката заедница, има координација меѓу заинтересираните страни. Државата е активен чинител во ваквата пазарна економија и врши значајна редистрибуција на буџетските приходи, значи од едни зима, а насочува кон други. Пример на земја со ваква пазарна економија е Германија.
И сега, колку поставеното прашање: Каква пазарна економија сакаме?- Изборот на одреден модел на пазарна економија не е само економско туку и општествено прашање затоа што импликациите се такви што практично детерминираат на кој начин ќе функционира и целото општество, а не само економијата.
Изборот на одреден модел на пазарна економија е посуштинско прашање од заложбите за побрз економски раст, што релативно гледано е оперативно прашање. Затоа што вие и денес може да имате определен економски раст, но прашање на време е кога ќе го изгубите, бидејќи основното прашање, каква пазарна економија сакаме не ви е разрешено. Ова не е само академско туку е практично прашање, бидејќи креира импликации и бара конкретни решенија.
Каде е Македонија во приказната?
Кога се распадна Југославија, излеговме од самоуправното социјалистичко управување, социјалистичка економија и влеговме во нешто што требаше да биде трансформација во пазарна економија.
Речиси 30 години подоцна ние не можеме да одговориме јасно во што се трансформираше македонската економија. Имаме нејасна трансформација, односно некласифициран микс на двата модалитети за кои зборувавме: слободна и социјална пазарна економија, и тоа само по себе создава триење внатре во општеството и во економијата, што на долг рок е неприфатливо.
Состојба што ја потврди и истражувањето: „Големата слика – македонската економија на среден и на долг рок“, спроведено експлицитно за македонската економија (финансирано од Фридрих Еберт). Тоа покажа дека нашата економија не можела да се вклопи во ниту еден од двата модалитети и е класифицирана како зависна пазарна економија. Практично, како пазарна економија која се менаџира и управува врз основа на начинот на којшто транснационалните компании преку нивните странски директни инвестиции влијаат на тој процес.

-И каде е Македонската приказна?- продолжи Јовановски преку прашања и одговори, акцентирајќи ги клучните препреки и предизвици за македонските стопанственици: - Кој е фундаменталниот проблем во македонската економија?- Секако, фундаментален расчекор меѓу желбите и очекувањата на граѓаните, од една и материјалната основа тоа да се испорача, од друга страна. Кога зборуваме за желбите и очекувањата, граѓаните очекуваат да имаат квалитетно бесплатно здравство и образование, очекуваат линеарно покачување на пензиите независно каква е кондицијата на пензискиот фонд, очекуваат покачување на платите независно од продуктивноста на трудот, очекуваат заштита од правниот систем. Помош од државата без разлика дали се тоа субвенции. Очекуваат да сме сите исти без разлика кој колку се вложил, колку е спремен за ризик, дали некој учел?
И ова со корен од времето на социјализмот е пренесено на помладите генерации. И тоа од две причини- Прво затоа што немаат финансиски услови да си обезбедат нешто подобро и чекаат државата да го направи тоа за нив. И второ во системот политичките елити ја создадоа илузијата за бесплатен ручек во економија без материјална основа- што не постои во економијата.“
-И, како што објасни Јовановски, -сега сите овие очекувања, се сметаат за стекнато право, што е сериозен проблем . На другата страна на фундаменталниот расчекор се можностите. На долг рок тоа значи задолжување на државата – и тоа не за капитални расходи. И тоа е привидот, во услови кога немате материјална основа ги задоволувате очекувањата со позајмици од странство (хеликоптерски) ги расфрлате средствата низ економијата. Навидум луѓето ќе бидат среќни бидејќи си мислат дека тоа им е стекнато право и дека државата има обврска да го реализира. Прашањето е до кога може ова да трае?
Потреба од нов општествен договор
Следното е неконкурентноста на македонската економија – ако се види индексот на глобална конкурентност ние во континуитет немаме никакво позначајно подобрување и тоа во период кога вештачката интелигенција сѐ уште не беше толку изразена, каде ние тешко ќе го држиме чекорот кога немаме материјални можности.
Проблемот е во тоа што нашиот дефицит е стабилен, а изворите за финансирање на тој дефицит се нестабилни. Бидејќи тоа се финансира со прилив на девизи по основ на странски директни инвестиции и со приватни трансфери-дознаки од странство. Сето тоа на крај се рефлектира во билансот на плаќање и таму е точката на прекршување и ако таму мора да се приспособуваме изнудено, цената ќе биде многу висока.
Зошто е сето ова важно за бизнисот?- Значи прашањето на избор, на модел на пазарна економија е прашање за сочувување на долг рок на амбиентот за опстојување на сопствениот бизнис. Дополнително расплинувањето, осиромашувањето на населението, социјалните разлики ја зголемуваат можноста од социјални тензии во даден момент особено во услови на рестриктивни мерки.
Целта на ова обраќање е да се изостри сензибилитетот на бизнис секторот за ова бизнис прашање- бидејќи никој не го отвора, а и нема кој да го отвори затоа што популизмот е вроден. Ако се отвори прашањето ќе се види дека некаде, некој книжи негативни поени, што на крајот пак бизнис секторот ќе го плати. Затоа ваквата состојба не е одржлива на долг рок и логично прашање, што да се прави во ваква ситуација?
Треба да избереме една од двете можности. Или ќе избереме либерална пазарна економија – секој ќе си го бере гајлето. Ама во тој случај, промената ќе се случи кај очекувањата на граѓаните. И тоа во најмала рака значи дека државата ќе обезбеди бесплатно основно и средно образование, ограничено бесплатно здравствено осигурување, секој понатаму сам си плаќа. Значи колку е долга чергата, толку се пуштаат нозете. Значи очекувањата ќе се приспособат на постојната материјална основа за таа работа.
Или ќе одбереме координирана пазарна економија каде ќе се координираме. Тогаш промената се случува на двете страни од расчекорот. Делумно кај очекувањата и желбите на граѓаните- таму ќе има мало адаптирање, ама се случува и на другата страна, каде што ќе се координираме за да создадеме поголема материјална основа за поголема благосостојба на граѓаните. Тоа од една стана ќе значи зголемена одговорност и влог на бизнис заедницата и најбогатиот слој во општеството за сочувување на иднината на земјата и сопствениот бизнис во тој процес, а од друга страна драматично зголемување на одговорноста кај државниот апарат. Теза од која јасно произлегува нулта толеранција за корупција, цврста медиократија, владеење на правото воопшто, а потоа и подеднакво за сите итн. А, сето тоа значи потреба од нов општествен договор - солидарност во општеството- кој кому ќе плати, колку и за што.Тоа треба да биде јасно и сите во општеството да го разбираат.
Улогата на државата
Дојдовме до улогата на државата. Таа или во либерална економија ќе обезбедува услови за фер натпревар, па после кој како сака на тоа поле нека се натпреварува или ќе има проактивна улога. Проактивна улога значи дека ќе дефинира јасна индустриска политика, ќе направи избор на одредени сектори и ќе насочи средства за да ги поддржи тие сектори кои произведуваат нови вредности.
Сега е актуелно замрзнувањето или намалувањето на цените, ама никој не го постави клучното прашање на оваа тема - Дали е обврска на пекарот, млекарот, или некој од таа област да се грижи за социјалниот статус на граѓаните или функционираме во пазарна економија. Ако тоа е така, зошто само прехранбената, а не и другите индустрии да се грижат за граѓаните. Ние како мала економија, треба да се договориме и организираме во општеството, како ќе ја пребродиме кризата. И товарот да падне по малку на сите, а не да биде на оние кои по некоја случајност се производители...Кога ќе се замрзне цената на лебот ја замрзнувате и за социјално загрозените, но и за оние кои можат да платат пет пати поскапо ...Зошто да се субвенционираат таквите. Замрзнувањето на цените не е пазарно решение. Решението е во креирање пазарна цена што ја диктира понудата-побарувачката, а државата треба да даде таргетирана државна финансиска помош точно на оние семејства во општеството кои ќе плаќаат по замрзната цена а сите други во ланецот нормално ќе се однесуваат.
Како заклучок на темата: Каква пазарна економија сакаме?- Јовановски јасен: -При изборот мора да имаме инклузивност и широк консензус околу долгорочните економски политики во земјата. Има две можни решенија –или либерална пазар економија или координирана. Вториот избор е веројатно подобар во услови на поголема сиромаштија како што имаме сега- тоа не може да се пресече одеднаш и да се остават граѓаните да се соочат со либерализмот на пазарната економија. И, - бизнис заедницата треба да се обедини за посилна координативна улога во случај на координирана пазарна економија, а механизмот за тоа е искористување на кадровскиот потенцијал на комората и нејзините членки, органи и тела на фирмите –членки.
Оваа исклучително важна општествена тема, во иднина треба да се најде не само во фокусот на медиумите туку и во фокусот на општеството- да разговараме не само ние, бизнис заедницата туку и сите оние кои носат одлуки и да се обидеме да изградиме консензус.