Се очекува во наредниот период да поевтинат околу 2.500 производи на кои профитната маржа им е ограничена до 10 отсто.

Со Законот, покрај ограничен рабат, трговците не смеат да наплаќаат дополнителни трошоци за маркетинг, репрезентација, како и за истакнување одреден производ на полица. 

Надлежен орган за контролира на примената на Законот е Комисијата за заштита на конкуренцијата, која може да поведе прекршочна постапка доколку се прекрши која било одредба од Законот. Во зависност од тежината и значењето на прекршувањето, предвидени се казни за најтежок прекршок и полесни прекршоци.

Прекршочната постапка пред Комисијата се поведува по службена должност или по барање на физичко или правно лице, а глобите шо може да ги изрече КЗК се различни и зависат од видот на прекршокот и големината на прекршителот (микро, мал, среден и голем трговец) и варираат од 50 до 20.000 евра за потешките прекршоци согласно Законот доколку се утврди дека правното лице кое во својство купувач кон неговите добавувачи употребува значителна преговарачка моќ со наметнување нефер трговски практики.

Според Министерството за економија, највисокиот износ на казна за најтежок прекршок може да изнесува до 20.000 евра за голем трговец и од 350 до 500 евра за одговорното лице во правното лице кој е голем трговец. Казните за полесни прекршоци зависат од тоа дали прекршокот го сторило правно или физичко лице. Највисокиот износ на казната за полесен прекршок што може да се изрече во постапка е 5.000 до 6.000 евра за голем трговец и 350 до 500 евра за одговорното лице во правното лице кој е голем трговец.

Според неодамнешните размислувања на економистите, пред да се примени Законот, треба да се види дали се високи маржите или, пак, набавната цена. Така, на пример, некој производ може има висока набавна цена, а маржата е само 10 отсто. Тие сметаат дека со примена на Законот, многу маркети ќе ги редуцираат производите што ги продаваат, особено оние што имаат повисока маржа и пократок рок на траење.  

Со Законот за нефер трговски практики во синџирот на снабдување се опфатени 2.548 земјоделски и прехранбени производи, а во мониторинг периодот утврдени се 26 нефер трговски практики.

Се очекува Законот да воведе ред во делот на регулирање на односите на сите инволвирани страни во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи, а пред се да се ограничат дополнителните трошоци што се наметнувале досега (за складирање, реклама, маркетинг и персонал), и нивно ограничување на рабат на најмногу до 10 проценти. – Оваа разлика директно влијаела на крајната цена на земјоделските и прехранбените производи, а ние се надеваме дека со доследно спроведување на Законот за одреден период ќе имаме стабилизација на цените на прехранбените производи и нивно постепено намалување, велат за МИА од Министерството за економија и труд.

Првичните резултати од примената на законот се очекуваат во јанауари 2025 година по што ќе се знае дали одредени делови ќе претрпат измени.
Законот за нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи е донесен на 13 март лани, а стапи на сила на 28 септември, кога беше краен рок трговците да ги усогласуваат договорите за снабдување со добавувачите и производителите каде трошоците за рабат и други маркетинг трошоци се ограничени на 10 отсто.

Правен е по примерот на Хрватска, Словенија, Бугарија и Шведска и е донесен според ЕУ Директивата 2019/633 на Европскиот парламент и Советот од 17 април 2019 година, за нефер трговски практики во односите бизнис-бизнис во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи.

Со него се уредуваат правилата и мерките за спречување на наметнување нефер трговски практики кои отстапуваат од доброто трговско однесување, се утврдуваат нефер трговските практики во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи со чие наметнување се искористува значителната преговарачка моќ на купувачот во однос на неговите добавувачи, постапките за утврдување нефер трговски практики, како и соработката меѓу надлежните органи за спроведување на надзорот над примената на нефер трговските практики.

Со Законот се ограничуваат надоместоците (за складирање, реклама, маркетинг и персонал) и рабат најмногу до 10 отсто, а кои согласно досегашната пракса (информации од производители и добавувачи) изнесувале од 20 до 35 отсто, што индиректно ги зголемувало малопродажните цени на производите.