Работите со каматите имаат свој логичен след: зголемена основна каматна стапка на Народната банка на благајничките записи (сега изнесува 6%) - зголемена цената на кредитите (на парите) од страна на комерцијалните банки.

Банките ги поскапеа кредитите и ги зголемија провизиите по повеќекратното затегнување на монетарната политика откако почна инфлацијата со почетокот на пандемијата на Ковидот и на украинската криза.

Така, во јуни, каматата на вкупните кредити стигна 5,12%, додека каматата на новоодобрените кедити 5,26 проценти. Според НБРМ, каматата на вкупните депозити изнесува 1,4%, а на новопримените 2,7%. Од ова се гледа дека и натаму е голема разликата меѓу каматите на кредитите и на депозитите. Значи, граѓаните за тоа што го имаат во банките добиваат незначителни средства, а ако земат кредит ќе ги чини како „свети петар кајгана“.

Ако ги прашате банките - зошто ја имаат покачено цената на кредитите, со што се отежнува земањето кредит и отплаќањето, ќе ве упатат на политиката на НБРМ, која им дава 6% на благајничките записи, па не им се исплати вас да ви ги даваат по пониска цена, со ризик да не ги вратите, а и на долги рокови од неколку години. Целта на монетарнта политика (НБРМ) е исполнета – количеството пари во оптек е намалено, инфлацијата е намалена, со што Банката се фали, иако тоа не е постигнато со зголемено производство и понуда, туку со стегање на ременот – на штета на стандардот на граѓаните. Но, Таа си ја гледа својата работа, првиот лек што и’ е достапен на монетарната политика е тој – зголемување на цената на благајничите записи. Во вакви времиња стагнираат инвестициите, па развојот забавува, што се одразува врз натпреварот за меѓународните пазари и врз споредбата со напредокот на другите земји.  

Од друга страна логиката на пазарните односи упатува на тоа дека кога има поголема сиромаштија, побарувачката за кредити, особено за потрошувачките, е зголемна, па зголемувањето на цената на кредитите има оправдување во принципот на „понуда и побарувачка“.

Каматите на депозитите секогаш биле ниски, зашто чувањето на вашите пари од стана на банаките е, всушност, услуга што ви ја дава бакната за сигурноста на чувањето на вашите пари (освен ако станува збор за несигурни банки, но и за нивното пропаѓање има инструменти за осигуривање на штедните влогови). Се разбира дека банката располага со вашите пари, но никој не ве тера да и ги давате, можете да си ги чувате дома, на сигурно место, под перница на пример.

Единствена надеж останува - смирување на инфлацијата по „природен пат“ (зголемување на понудата), намалување на основната каматнкна стапка, но тоа нема да се случи бргу, со оглед на глобалните политички околности, на климатските промени, а најмногу на домашната производна  структуираност, односно зависност од увозот.