Државата е на план да прогласи кризна состојба во енергетиката во август, за да отвори простор преку дополнителни мерки да интервенира во зголемување на производството на електричната енергија од домашните капацитети. Во Македонија, кризата се чувствува бидејќи и самата држава има намалено производство на електрична енергија од компаниите кои ја произведуваат. По ковид пандемијата и украинската криза, состојбата на полето на електричната енергија е длабоко нарушена.

Според енергетскиот консултант Митко Андреевски, разликата меѓу Македонија и земјите од ЕУ е што тие подолго време се подготвуваат и веќе направија план со мерки кои се веќе активни. За споредба со нив, кај нас, вели Андреевски, освен најавата за енергетска криза и вонредна состојба за справување со кризата, конкретни чекори нема. Како еден од механизмите го наведува штедењето на енергенсите за да се намали притисокот на цените.

„Во Германија и Австрија, домаќинствата се природно зависни од гас. Тие немаат криза со електрична енергија. Да, можеби имаат повисока цена на електрична енергија, но, и пред кризата во Германија се плаќаше повисока цена од кај нас неколку пати. Во процесот кај нас треба да помогнат стручната јавност и стопанските комори, а државата сама да даде предлог. И во јануари потрошивме 180 милиони евра за купување електрична енергија. Сепак, не очекувам дека ќе имаме рестрикции на струја, ниту пак огромни недостатоци на природен гас. Од 27 април, Бугарија нема доставување на природен гас и не купува од Русија. За волја на вистината треба да се каже дека гасните капацитети кои се резерви кои ги користат земјите од ЕУ се на некое просечно ниво“, вели Андреевски.  

Според него, ако има проблем да се купи струја од универзалниот снабдувач, може да се купи на слободниот пазар. Но, прашање е по која цена.

„Тука државата треба да креира политики за таа цена да се намали. Прво мора да ја зголеми продукцијата на електрична енергија. Незамисливо е да имате криза и постојано да ви паѓа производството на електрична енергија. Да вбризгувате толку средства и повторно да ви паѓа. Дополнително, ако нема природен гас, ќе треба да се користи мазут. Некој ќе рече дека загадувањето ќе биде големо. Да, можеби ќе биде, но ќе биде во време на криза. Дали ќе одбереме да имаме поголемо загадување или студени радијатори и да доведеме други проблеми со домино ефект врз енергетскиот систем, тоа е прашање на одлука“, смета Андреевски.  

Тој напоменува дека компаниите можат да побараат од државата да го зголеми домашното производство преку домашната компанија, за да не се посегнува по механизмот за набавка на слободен пазар и преку увоз.

„Ајде ние да имаме една компанија која ќе има макар 80 насто производство, но, не под 60 насто. На пример Бугарија ги задоволува своите енергетски потреби комплетно. И вишокот го извезува. Тука е револтот кај македонските компании. Рушењето на македонската економија и компаниите кои нема да бидат конкуренти ќе ја сруши и економијата во државата. Нивните барања не се ултиматуми, туку како последен аларм.

Во моментот најсилен е притисокот врз струјата и нафтата. Андреевски прогнозира дека следните години што доаѓаат ќе бидат години на предизвици во делот на фосилни горива кон обновливи избори на енергија и тој притисок ќе го чувствуваат граѓаните.