Обично, некој некому му верува додека не го прелаже, или можеби ќе му даде уште една-две шанси. Но, нашето колективно кредо е непоправливо, иако знаеме, дури сме сигурни, дека тоа што ни се ветува нема да се оствари или нема да го добиеме, никогаш нема да се посоменваме во тоа „ќе“.

Имало многубројни злоупотреби на честичката „ќе“ (на англиски - will), што значи навестување на дејство што ќе се случи во иднина, а можеби и не. Значи – сакаш верувај – сакаш не верувај! Идното време е најнесигурното време за кое не знаеме што ни носи, па и Шекспир рекол - „Tomorrow is mystery“! Но, тоа „ќе“ сите не одржува во живот, затоа можеби сите веруваат, гледаат над реалноста, зашто ако го спуштат погледот - ќе ја видат болната вистина.

Нашата верба во „ќе“ почна од самото осамостојување.  Поверувавме дека законот за приватизацијата ќе биде темелот на новите капитал–социјални односи, дека старото, од кое со презир се откажавме, немаше ништо квалитетно што требаше да го зачуваме, барем внимателно да го копавме новиот бунар, а многу бавно да се откажувавме од стариот и од некои негови вредности. Никому не му текна дека 200 илјади работници ќе бидат отпуштени од работа, а на директорите на фирмите ќе им се даде законска можност да се збогатат, односно сето тоа со сила да го грабнат. Така се формираа „одредите“ што ги контролираат сите текови во државава и ден денес и кои со продажба на тие исти удели заработуват по 20-30 милиони евра.

Но, тогаш информираноста за новите економски категории и термини беше на нула, никој од обичниот свет не знеше што е „акција“, што треба и што може да се прави со неа, па некако можеме да разбереме. Така тие 200 илајди работници пропаднаа заедно со своите акции, зашто веќе беа стари и никој од новите газди не ги сакаше во своите божем новоориентирани и модерни бизниси.

Следното „ќе“, за божем да не извади од таа пропаст, беше употребено во тајната акција на признавање на Тајван, при што послужи како шарено тропче за бебиња при пазарењето за милијардата на Цилета. Тој балон пукна многу брзо затоа што не стоеше на здрави економски темели, а уште помалку на политички, меѓу две неспоредливи и просторно и временски далечни економии - Тајван со висока технологија, Македонија со речиси никакво индустриско производство и со неразвиено земјоделство. Сета таа бурлеска беше сфатена на подбишега, никој вистински не одговараше, па дури сега се раскажува како бенигна ангедота.

Пред продажбата на „Телекомот“ беше употребено едно големо „ќе“ во смисла дека, откако ќе ни го лапнат странците, ќе не молат и ќе ни платат да ги користиме нивните услуги за багатела, а испадна дека ние ги молиме да не почекаат да платиме барем додека стигне пензијата или платичката на тие што ја земаат. Коруптивната афера со подмитувањето на македонските власти за да се задржи монополот немаше некој одек, ниту поука во борбата против корупцијата, дури од тогаш таа шема доби нова плетка и се прошири до невидливи височини.

Продажбата на дистрибуцијата на тогашното ЕСМ на ЕВН одеше со образложение дека мрежата „ќе“ се модернизира, наплатата ќе се зголеми во средините во кои ЕСМ не можеше да влезе, а цените „ќе“ се намалат. Некаде 2003, 2004, 2005 сметката за четиричлените домаќинства во најладните месеци достигнуваше до околу 3 500 ден, а цената на зејтинот беше 40 денари.

На почетокот на новиот милениум следуваше инвестициониот „бум“- трас со архитектонско и урбанистичко уништување на главниот град, од што само добивме потсмев од целиот свет и финансиска дупка од речиси милијарда евра. И т.н.  

По сите овие „ќе“, не постигнавме повисок раст на БДП од просечните 2%! Останавме сиромашни без никакви значајни поместувања!

Дали уште да веруваме во идното и неодредено време кое се формира со честичката „ќе“?

Сега, таа кобна честичка е во „промет“ во време на  задолжувањето од Унгарија и од Британија во вкупна висина од околу 7 милијарди евра. Тоа е повеќе од сегашниот годишен буџет што се собира од нас сиромасите. Власта се’ уште не ги изнесува деталите за британскиот кредит, ниту за некои конкретни проекти, сето тоа е општо: градежништво, инфраструктура, здравство... што отсекогаш сите го ветувале, а состојбата не се подобрила.

Македонија, според математичарите, само за камата треба да врати околу 4 милијарди евра, а што ако девалвира денарот од која и да е причина, бидејќи трговскиот биланс е многу неповолен??? Новиот гувернерисимус на тоа прашање не даде прецизен одговор, рече дека денарот е „натценет“, а потоа „не не не...“, никој не го разбра што сака да каже.

За каква четврта економија во Европа станува збор, кога не можеме да најдеме мајстор за плочки, 70% од земјоделските производи ги увезуваме, а ништо светско не извезувамe? Освен тоа, со тапија сме најсиромашната земја во Европа, со секојдневно намалување на шансите за влез во Европската унија и во европската култура.

Реакците се слаби! Дури и реакцијата на опозицијата е млака. Нема агресивно барање за увид во плановите за торшењето на тие пари, за толкави пари и толкави ризици вреди секој ден да се оддржуваат по 10 прес-конференции и тоа со маркантни портпароли или самите лидери тоа да го бараат, да бидат носители на барањето за висината на овој нејасен и опасен преседан. Но, не мора само најголемите опозциони партии, кај се другите, да не ги именуваме, затоа што веќе ни е здодевно да ги спомнуваме. Кој ни гарантира дека, покрај сите досегашни искуства, проектите ќе се реализират, од каде сега добивме таква креативна сила, од каде изникна таа, кога ние сме исите, со сите маани, од каде таа братска љубов на доверителите да не кренат од пепелот? Дали е условена Македонија? Никој не дава од љубов, бидете сигурни во тоа!

Што се однесува до медиумите, или не сакаат, или не смеат да вреват. Штиците на најнародниот медиум, МРТВ, почнаа да скапуваат уште на почетокот на парламентарниот живот, а сега се сосем гнили, па не држат ниедна квалитетна дебата. Другите се грнапчиња со слаб кадар и со многу тесна лепеза на емисии. Кадарот се одлеа во некави т.н. „поткасти“, чија вкупна гледаност и влијание е околу нулата. Додуша и изборот на соговорниците е многу мал, па тој се сведува на 10-15 фаци што циркулираат секојдневно во сите тие божем дабатни емисии и веќе никој не ги ни гледа.

Сегашната употреба на честичката „ќе“ има многу поголема тежина и опасност, бидејќи досега Македонија се нама  задолжено со толку пари одеднаш. Но, диоптерот на гледање и расудување се доведени до летаргија, до неразмислување и нечувствителност на резовите на нашето тело. Инерцијата не’ носи како река, па не знаеме во кое море ќе не однесе. Тоа „ќе“ е наркотикот што му носи периодичен мир на зависникот, тоа е нашето вјерују во нешто што не е конретно. Ние не веруваме во бога, или во моралот, ако верувавме се’ ќе беше поинаку, но ние веруваме во „ќе“, тоа е нашата катарза, олеснување, прочистување, или надеж, а постојано ја колнеме „државата“, како имагинарно, неконкретно битие, знаејќи дека, всушност, државата не е никој, дека е една општост, без да спомнуваме конкретни имиња и да ги повикаме на одговорност.    

Тоа наше „ќе“ сите овие децении гледа со очите на „лисицата во овновите мадиња“, за кои нејзе и се чини дека во секој момент ќе паднат и таа ќе ги лапне, а времето си лета и си одлета.

Вистинскиот македонски домаќин, чија мудрост извира од  неговото животно исуство и страдање, би рекол - „првин скокни, па речи оп“!

Да беше жив нашиот легендарен сатиричар Дарко Марковиќ, ДАР-МАР, стар скопјанец, цар на карикатурата,    скопскиот фраер „Пецко“, кому му се тресеа сите власти, денес пак ќе ја употребеше својата универзалана предупредувачка порака -  Tomorrow will be бетер.