Климатските промени предизвикани од пожари, поплави, долготрајни суши, нереални емисии, не се само опасност за живиот свет и здравјето на луѓето, туку оставаат големо влијание и врз економиите и финансиските системи, а ризиците што произлегуваат од нив можат значително да ја нарушат ценовната и финансиска стабилност. Под тие влијанија, според Светската банка, во изминатите 20 години нашата држава се соочила со штети од над 650 милиони долари. Паралелно со тоа, само пет отсто од компаниите во Македонија имаат планови за справување со климатските ризици. Поради тоа, централните банки веќе ги интегрираат овие ризици во аналитичките и супервизорските рамки.Токму на оваа тема вчера во Скопје беше одржана Конференцијата за климатските  ризици и финансиска стабилност: справување со денешните предизвици и искористување на утрешните можности, во организација на Народната банка и на Фондот за зелен развој.

„ Народната банка ги следи меѓународните практики. Планираните активности од усвоениот Среднорочен план на активности за периодот 2023-2025 година се во завршна фаза, супервизорските очекувања се вградени во Насоките за управување со климатските ризици за банките, а климатските ризици се интегрирани во регулаторната рамка за кредитен ризик и регулативата за обелоденување податоци и известување. Анализите за влијанието на климатските ризици врз банкарскиот систем се составен дел од Извештајот за финансиската стабилност, а тековно се работи на развивање климатски сценарија и стрес-тестови“, истакна гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на отворањето на Конференцијата.

Супервизорски пристап кон климатските ризици

„Супервизорски пристап кон климатските ризици“ беше една од темите, на која говорниците се  фокусираа на супервизорска евалуација на имплементацијата на принципите и практиките неопходни за справување со климатските ризици.

Се говореше за практичното користење на постојните регулаторни рамки како што се Водичот на Европската централна банка (ЕЦБ) за ризици поврзани со климата и животната средина и Принципите на Базелскиот комитет за ефикасно управување и надзор на финансиски ризици поврзани со климата.

 Акцентот на дискусиите беше ставен на интеграцијата на климатскиот ризик во Процесот на супервизорски преглед и евалуација (SREP) и сите идни планови за областа.

Се очекува ваквиот преглед да покаже како физичките и транзициските климатски ризици влијаат врз бизнис моделите на финансиските институции, кредитната изложеност и оперативниот ризик. Сознанијата од супервизорските органи, како што се централни банки, агенции за финансиски надзор, регулатори - да се споделат за да се прикажат предизвиците со кои се соочиле, научените лекции и иновативните решенија развиени за време на имплементацијата. 

Споделување знаења во регионот е клучно...

 До каде е Македонија на ова поле, дали има значителен напредок во справување со климатските промени и кои активности ги презема супервизорскиот тим  на панелот говореше Викторија Глигорова, генерален директор на секторот за супервизија при Народна банка на Македонија.

„Македонската централна банка доста рано ја препозна улогата што финансиските институции ја играат во управувањето со климатските ризици и широко ја усогласивме нашата политика во оваа област со усвојувањето на Акцискиот план 2023-2025 година. Една од клучните точки во областа на регулирање и супервизија беше визијата, односно насоките од 2023 г за управување со климатските ризици за банките. Со овие насоки ги утврдивме нашите супервизорски очекувања кои банките треба да ги земат предвид во однос на овие ризици во нивните политики.

Главната цел беше и сè уште е, дека климатските ризици систематски се вградени во управувањето на банките, рамките за управување со ризици, во нивните генерални бизнис стратегии, посочи Глигорова.

 Таа образложи дека во втората половина на минатата година побарале од банките да направат проценка на нивните практики, споредено со очекувањата утврдени во насоките  со цел да им се олесни овој процес и да им помогнат на банките да ги оценат своите практики на еден конзистентен начин и критично да дадат осврт на своите практики. За таа цел супервизорскиот тим  задно со Финсет развиле еден вид структуриран сеопфатен прашалник за оценка. Прашалникот бил споделен со банките.

„Тоа беше една алатка за авто-дијагностицирање. Каде што ќе се утврдат проблемите и јазовите кај банките во смисла на спроведување, интегрирање на препораките за ЕСГ ризиците. Самооценувањето покажа дека дел од македонските банки веќе презеле значајни чекори. Започнале со приспособување на нивните практики и политики со цел да ги опфатат и климатските ризици во нивното работење. Меѓутоа, дел од нив беа на самиот почеток во нивниот развој, дури некои од нив воопшто немаа воведено практики.

Истовремено и врз основа на самооценувањето побаравме од банките да направат и акциски планови, во кои детално ќе ги наведат своите активности за да дојдат до целосна усогласеност со насоките до крајот на 2026 г. Како  Централна банка направивме оценка на квалитетот и сеопфатноста на поднесените акциски планови од банките.

Евалуацијата посочи дека иако сите банки имаат направено и доставено акциски планови, квалитетот на тие планови значително варира. Затоа беше потребно да се таргетираат поединечни институции како приод што централната банка треба да го направи и во тој контекст веќе ја завршивме првата рунда на супервизорски дијалози со банките поврзани со нивните акциски планови со цел да се зајакнат активностите предвидени со плановите“, објаснува Глигорова.

Според неа главната цел на супервизорскиот дијалог била, прво да се даде структуриран фидбек за банките, особено во однос на изводливоста и соодветноста на активностите што тие ја предвиделе во своите акциски планови. Додека втора работа била да се осигурат дека банките применуваат пристап којшто е базиран на ризици, сразмерен и соодветен на самата банка.

Oценување на акциските планови на годишна основа  

Глигорова вели дека ќе продолжат со нашите активности, односно оценување на акциските планови на годишна основа водејќи сметка банките да постигнуваат конкретен видлив напредок и целосно усогласување со овие насоки.

„Годишните оценувања ќе ни дадат простор да ги увидиме јазовите и да утврдиме стратегија и активност, дополнителни насоки на банките на кои им е потребна поголема поддршка, на кои им недостига експертиза и знаење за усогласување и воведување на најдобрите практики.

Згора на тоа овој вид на супервизорски дијалог не е единствениот од ваков вид. Ние оваа година започнавме и ќе продолжиме со теренски прегледи, односно ревизии за климатски ризици, почнувајќи со понапреднатите банки во овој процес. Целта на теренските супервизии ќе биде да се добијат информации за главните предизвици со кои се соочени банките, но и да се дознае за најдобрите практики кои понатаму ќе ги споделиме со помалку развиените или помалку напреднатите банки во процесот“, објасни супервизорката.

Со оглед на овој добро структуриран пристап, како што посочи Глигорова, -  нели прво ги имаме насоките, па самооценувањето, супервизорскиот дијалог на акциските планови и теренските контроли и прегледи, - што овој приод го применуваме е со цел да добиеме еден јасен и систематски пристап во ова област. Сето ова може дополнително да ја негува и да ја зајакне супервизорската средина  што ја поддржува не само банкарската стабилност туку го поддржува и економскиот развој, заклучува Глигорова.

 Оваа е една слика од искуствата и препораките до кои дошле супервизорите при неодамнешно истражување на банките спроведено од страна на Народната банка и Европската инвестициска банка.