Кога ќе почнеме да живееме?- Животот има смисла само ако се живее комотно, во спротивно е само мачење. Често пати, најголем дел од населението, се кае што се родило на овие простори и се прашува зошто не се родило некаде на север или на запад, каде што се живее поквалитетно, кај што функционираат „службите“ и кај што е ЧИСТО.

Кога ќе почнеме да живееме?

Проблемите на лошиот живот без исклучок ги креира лошото владеење на тие што добиле доверба да ја менаџираат државата (буџетот). Проблемите почнуваат од лошото образование. Не може земја, чии млади се едни од најнеписмените во светот, да се развива економски. Во Македонија не се стимулира знаењето, се стимулира незнаењето. Најголемиот број од младите (чест на исклучоците кои во најголем број го напуштија бродот што тоне) не разликуваат основни поими. Не е виц дека не прават разлика меѓу Иран и Ирак.

И тие што се останати велат дека дури 58 проценти од нив би се ислелиле од Македонија ако имаат можност за тоа, а 35 отсто сметаат дека државава се движи во погрешна насока.

Тоа е главната причина на нашето економско ненапредување, односно назадување. Да потенцираме дека Македонија економски не напредува туку назадува, што значи дека населението осиромашува и живее се полошо.

Окупација на државните работни места- генерира назадување


Политчките борби за власт и за партиска окупација на државните работни места се исто така меѓу најголемите причини за назадувањето. Во администрацијата буквално се лежи, не се работи ништо, а никој и не бара некоја стручност. Неодамна во медиумите излезе снимка на административка која признава дека зема 1000 евра плата, а на работа одела еднаш-два пати во неделата. Во секоја административна единица работата ја вршат неколкумина „рмбачи“, кои на својот грб ја носат целата тежина, тоа се без ислучок постари кадри со искуство, кои секогаш се потценети и врз чии глави виси дамокловиот меч – ако и следната работа не ја завршат така како што се очекува од нив, ќе бидат санкционирани, најмалку деградирани.

Македонскиот развој назадува поради тоа што Македонија, како отворена економија, не се спротивставува со свои оригинални производи на увозната конкуренција и не може да ја достигне ниската цеа на производство во однос на цените на странските производители. Кина, на пример, го „растури“ цел свет, што е своевиден светски и историски феномен. Причина за тоа, освен кражбите и корупцијата, најмногу е неинвестирањето во науката, немање научни институти, лаборатории, непомагање на издавање научни трудови... Се разбира дека нашиот менталитет ни вели: „што мие е гајле, не сум јас тој што ќе се грижи за проблемите“.

Како пример за конкуренција на светскиот пазар со свои оригинални брендови и богато профитирање од нив, слободно можеме да ја земеме Швајцарија.

Оваа мала земја, пребогата, има свои четири основни  брендови: банкарството, туризмот (скијањето), чоколадите и часовниците. Тоа се главните „марки“ на кои, кога ќе се спомне името на земјата, ви оди умот.

Македонија, едноставно нема такви свои адути и тука е тајната на нашето економски прпелкање, малиот извоз, високиот трговски дефицит, па оттаму и држење на курсот на денарот на вештачки начин.

Фирмите што имаат технолошки успех на меѓународен план, љубоморно се рекетираат на разни начини, за нив важат строгите правила на исполнување на стандардите, за државата не важат, иако таа ги има усвоено во разни документи.

Затоа Македонија не оди напред. Таа трепери по секое менување на цените на светскиот пазар и на репроматеријалите и на цената на нафтата, кои меѓусебно се поврзани.

Се инвестира само во политичка популарност


Кога ќе почнеме да живееме? -Секоја македонска власт досега „инвестираше“ во назадување, не во  продуктивност. Таа „инвестиција“ е инвестиција во својата естрадена популарност и привлечност на гласачкиот „материјал“, правеќи од него неинветивен, инертен квантум, онеспособен со партиската  гаранција за вработување, на сметка на тие што не се занимаваат со политика, туку со наука. Еден од најстрашните примери е објавен деновиве, според кој општинската администарација си служи самата на себеси, а не на општинскиот развој: во просек две третини од општинските пари се трошат за плати на вработените, а само една тетина на развојни проекти.
Трошење на Буџетите за 2020 годиона:

Тетово: буџет 24 милиони евра, потрошени 24,2 милиони –

17 милиони за плати и надоместоци, само 1,5 милион во развојни проекти.

Битола: буџет 26 милиони евра, потрошени 12,6 милиони за плати и надоместоци

Велес: буџет 12 милиони евра, потрошени седум милиони евра за плати и надоместоци итн.

Ова е најсрамната распределба на парите на даночните обврзници која не може да се сретне во земји што имаат искрена намера да го зголемат стандардот на своето население. Затоа е и актуелната тапачка за градоначалници, толкав број листи, на зависни и независни, на толкав број кандидати за советници, со цел да се цица од секаде кај што е можно и тоа со малку или ич работа. Жално е кога граѓаните општинската администрација ја гледаат како можност за бизнис.

Но, сите власти се прават дека не го забележуваат тоа, ако го семнат соодносот на трошење на општинските пари (и на државниот буџет), си потпишале смртна пресуда на следните општински избори, а и на парламентарните.

Кога ќе почнеме да живееме?

Процент на развој не гарантира зголемување на стандрадот на македонскиот граѓанин


Во развиениот свет, односот меѓу работата и задоволствата е: повеќе работа - помалку задоволства, за општото добро, кај нас: повеќе задоволства - помалку работа за општото лошо. Затоа Македонија не може да го надмине прагот на развој од два насто во целиот 30 годишен период од својата независност до сега. Просечниот раст на БДП во тој период е 1,7 проценти. Ова е процент што не гарантира поскорешно подигнување на стандардот на населението. Според овој процент на развој, македонскиот граѓанин двојно зголемување на стандардот што го живее денеска може да очекува дури по 50 до 70 години, ако политичката ситуација биде мирна кај нас и во светот и ако не не’ погоди некоја катастрофа како пандемијата на ковид 19.

Ниеден орган на правдата не презема ништо, никој не одговара за тоа што на македонскиот граѓанин му се одзема правото да биде побогат и да живее поубаво. Па и тоа е едно од елементарните човекови права, ако се држиме до почитувањето на човековите права.

Деновиве од добро упатени извори, уште еднаш ја слушнав приказната за приоритетното враќање на ДДВ-то на фирмите, од што некои „алки“ во тој синџир остаруваат огромен ќар за себе преку „аванта“.  Тој синџир си „врвчи“   како прстените на кучешката тенија во инфициран организам.

Македонија има многу малку производи за светскиот пазар. Овде не ги сметам производите што се произведуваат во слободните економски зони, тие се сепак производ на странскиот ум, не се домашно made, иако учествуваат во поткрепата на курсот на денарот, но тоа е многу малку.

Многу болно изгледа вистината дека македонските граѓани  никогаш нема да го достигнат европскиот животен стандард.

Според податоците на Светската банка, БДП по жител на Норвешка, во 2019 година изнесувал 75 419 долари, на Исланд 66 944 долари, на Лихтенштајн неверојатни 181 402 долари.

Македонија, БДП по жител на крајот од 2019 година, имала само 6 000 долари.

Голем број економисти оваа спордба (БДП по глава на жител) ја сметаат за најрелевантна за оценување на големината на стандардот за жителие на една земја.

 И самовработените си дале „отказ“


За какво економско закрепнување зборува власта? Експонираните подтоци за некаков раст од 13 проценти во вториот квартал од оваа година само на лаиците им изгледа голем. Никаде не се спомнува спордбенатта основа. Која и да е, таа е сигурно многу мала, уште повеќе намалена со кризата што ја донесе епидемијата. Пластичен пример може да изгледа вака: ако еден сточар имал една крава (споредбена основа), во втоиот квартал купил уште една, тоа е зголемување за 100 проценти. Сега сточарот има две крави.  Како може да се зборува за некаков развој кога над 2000 самовработени престанале да си ги плаќаат придонесите во периодот од април до јуни. Според податоците на Државниот завод за статистика, најголем дел од овие лица се земјоделци.

Според истите податоци, сосојбата со рабтниците не е  подобра ниту во индустријата, во вториот квартал бројот на работници во преработувачкиот сектор бил помал за 4000, споредено со првите три месеци од оваа година. Критичен останува и транспортот во кој, во вториот квартал, бројот на вработени се намалил за околу 4000 лица. Во овој сектор и бројот на фирми се намалил за над 1000. Намалување на бројот на фирми има и во градежништвото за околу 800, споредено со првите три месеци од годинава.

Значи дека официјалната стапката на невработеност во вториот квартал од 15,9 отсто, споредено со 16 отсто во првиот, не е реална.

За да се излезе од овој вител на пропаѓање, на ненапредување можеби е тешко, а можеби и не е толку. Можеби е само прашање на ресетирање на целиот „оперативен систем“, но треба да се најде вистинското копче.

Бране Стефановски