Денеска е тој прочуен ден кога илјадници потрошувачи, вооружени со празни ташни и длабоки надежи за поволности, ги шетаат моловите, кликаат по веб-продавниците и се препуштаат на идејата дека купувајќи - можат да заштедат. Црниот петок, познат и како Блек Фрајдеј, што доаѓа од англискиот израз Black Friday, е феномен што ги покори световните пазари, па така и македонскиот.
Во изминативе неколку години, оваа американска традиција, која настана во доцните педесетти години на минатиот век во Филаделфија кога полицијата го употребуваше терминот за да го опише хаосот што владееше по Денот на благодарноста, кај нас прерасна во цел викенд или дури и во целомесечна кампања на распродажби, акции, промоции и наводни поволности кои, според сведоштвата на граѓаните и аналитичарите, се почесто изгледаат како внимателно дизајнирани маркетиншки трикови отколку вистински попусти.
Искуствата на македонските потрошувачи низ изминатите години често вклучуваат разочарување и чувство на измама. Она што требаше да биде ден на мега попусти, не ретко се покажува како манија на лажни акции.
Организацијата на потрошувачите на Македонија, која годинава реализира над 1.600 советувања со граѓани, континуирано предупредува дека Црниот петок кај нас повеќе се користи како маркетинг отколку како реален попуст. Поплаките што пристигнуваат во организацијата се речиси идентични секоја година – трговците ги подигнуваат цените неколку недели пред акциите, само за да ги намалат до оригиналното ниво или дури и малку повисоко, создавајќи илузија дека потрошувачите се стекнуваат со некаква повластица.
Од ОПМ укажуваат дека постојат случаи кога старата цена не е пречкртана или не е исправно означена, а попустот се пресметува на каса, што доведува до полна конфузија и чувство на доведување во заблуда. Освен тоа, граѓаните пријавуваат дека најатрактивните производи на попуст се достапни во ограничени количини или пак се стари модели кои трговците сакаат да ги расчистат од магацините, а цената им е иста или дури и повисока отколку што била претходно.
Државниот пазарен инспекторат, институција одговорна за надзорот на пазарните практики, секоја година најавува засилени и вонредни инспекциски контроли за време на Црниот петок. Во минатите години, инспекторите извршија десетици проверки низ моловите и продавниците во Скопје и другите градови, со цел да се спречи доведувањето во заблуда на потрошувачите и примената на измамнички трговски дејства. Од ДПИ постојано апелираат до трговците да обезбедат фер пазарни услови и да ги почитуваат законските обврски, посебно новиот закон за заштита на потрошувачи кој предвидува дека на производите задолжително мора да биде означена старата цена која важела најмалку триесет дена пред попустот, а до неа новата со вкалкулиран попуст.

Сепак, пракса е дека кај многу трговци, врз старата цена е залепена нова налепница, при што често цената е иста, додека впечатокот во јавноста е дека производот е на попуст. Во случаи кога се утврдуваат пропусти, на трговците им се издаваат опомени со решенија, а доколку не ги поправат забелешките, предвидени се и парични казни, но ефектот од овие мерки, според граѓанските коментари на социјалните мрежи и форумите, е уште премногу слаб.
Психологијата на Црниот петок
Од психолошка и маркетиншка гледна точка, Црниот петок е совршен пример на тоа како се користат длабоко вкоренети ментални механизми за да се манипулира со потрошувачкото однесување. Психолозите објаснуваат дека денови како овој ги активираат неколку моќни психолошки двигатели кои го тераат човекот да купува импулсивно, често без рационална пресметка. Најпрвин, тука е чувството на недостиг или на дефицит, кое се карактеризира со уверувањето дека артиклите кои се ограничени или достапни само за кусо време имаат поголема вредност.
Кога трговците вклучуваат тајмери, натписи како „уште само два примероци", или „десет луѓе го гледаат овој производ", тие всушност создаваат чувство на итност и панична потреба за акција. Оваа техника нас, како потрошувачи, не ни дава време за размислување, туку нè тера да дејствуваме импулсивно, бидејќи стравуваме дека ќе го пропуштиме нешто важно.
Овој страв од пропуштање е посебно изразен кај помладите генерации, особено кај генерацијата Z, која е постојано вклучена во културата на потрошувачка и е многу подложна на агресивните маркетинг стимулации. Истражувањата покажуваат дека дури 60 проценти од купувачите донеле одлука за купување во рок од дваесет и четири часа, односно чувството дека ако не купат веднаш, ќе изгубат невидена можност.
Понатаму, тука е и психолошкиот концепт на авeрзија од загуба – идејата дека луѓето попеќе го чувствуваат губитокот на нешто отколку радоста од добивањето. Секој производ на Црниот петок е пакуван во приказна за заштеда и шанса која не смее да се пропушти, иако реалноста честопати е дека цената не се разликува многу од редовната. Современиот контекст, со забрзан ритам на живот, постојана изложеност на стимули и дигитална анксиозност, дополнително создава плодна почва за прекумерно купување на денови како Црниот петок. Уште еден значаен фактор е и допаминската награда – импулсивното купување го активира мозокот на сличен начин како што тоа го прават опојните супстанци, создавајќи привремено чувство на задоволство, но исто така и зависност од актот на купување.
Токму како одговор на овој глобален феномен на консумеристичка лудница и прекумерна потрошувачка, во меѓународна рамка се развива едно паралелно движење кое го носи идеолошки спротивниот пристап – Buy Nothing Day или Денот без купување.
Основан во Канада во 1992 година од канадскиот уметник Тед Дејв, овој ден на протест против конзумеризмот денеска се одбележува во повеќе од шеесет земји низ светот, токму во петокот по Денот на благодарноста, односно на истиот ден кога се одбележува Црниот петок.
Целта на Buy Nothing Day не е само да се бојкотира купувањето туку и да се подигне свеста за негативните последици што прекумерната потрошувачка ги носи за животната средина, за општествените односи и за нашата психичка благосостојба.
Денот без купување ги поттикнува луѓето да преиспитаат дали нивните потреби се вистински или креирани од рекламниот притисок, да го намалат отпадот, да ја намалат карбонската стапка и да вложуваат во непазарни активности како прошетки во природата, време со семејството или волонтерски активности во заедницата.
Иницијативи како Green Friday, Giving Friday или Blue Friday, исто така, се дел од оваа алтернативна култура која ја поттикнува одржливоста, донациите, локалната економија и свесното и одговорно трошење наместо слепо следење на акциските кампањи. Во Македонија, сепак, оваа противтежа е сè уште недоволно присутна во јавноста и нема значаен одѕив, иако граѓаните почнуваат сè посвесно да ги сфаќаат манипулациите на трговците и да се однесуваат покритично кон најавените поволности.
Со оглед на тоа што светот се менува, а потрошувачите стануваат посвесни за влијанието на нивните одлуки врз општеството и околината, се поставува прашањето колку долго феноменот на Црниот петок ќе продолжи да владее со истата интензивност.
Дали ќе успееме да ја смениме нашата перцепција за среќата која доаѓа од купување на нови работи, или ќе продолжиме да бидеме заробени во циклусот на креираните потреби и импулсивно трошење, зависи од нас самите, но и од јачината на институционалните механизми кои треба да обезбедат правичност и транспарентност на пазарот. Се чини дека Црниот петок во Македонија останува симбол на амбивалентност – ветување за извонредни зделки кое се судира со реалноста на полуистини и лажни попусти. Во таа празнина меѓу ветувањето и реалноста, најголема е одговорноста на самите потрошувачи да бидат критични, информирани и свесни за она што навистина го купуваат и зошто го прават тоа.