Колку чини електричната енергија во Европа? Прашање кое последниве месеци е во фокусот на светските, европските и домашните пазари. Дотолку повеќе што сме на почетокот на грејната сезона, барем на оваа страна од земјината топка, најзасегнати се домаќинствата кои своите домови ги загреваат на електрична енергија.
Колку чини електричната енергија во Европа?
Украина плаќа најевтина, а Германија најскапа струја
Според последните официјални податоци на Евростат за првата половина од годинава најевтината струја во Европа плаќаат жителите на Украина. Киловат ги чини Украинците 5,06 евроценти. Што се однесува пак до титулата шампион со најскап киловат, таа и припадна на Германија со 31,93 и вицешампион е Данска со 29 евроценти.
Така барем покажуваат официјални податоци на Евростат за првите шест месеци од оваа година. Додека неофицијалните податоци укажуваат дека цените во повеќето европски земји скокнале од 5,7 на 12 отсто во септември и октомври поради енергетската криза.
Минатата година, поради економската криза и затворањето на градовите и државите, беше одбележана со пад на цената на електричната енергија низ Европа. Цените на киловатите во Германија, каде потрошувачите традиционално, заедно со Данска, плаќаат најскапа струја во Европа, во 2020 година се намалени на околу 30 евра за мегават-час, што е за седум евра пониско од 2019 година.
Причините за тоа се минималните трошоци за гориво минатата година, падот на побарувачката за електрична енергија како резултат на пандемијата и рекордната количина на електрична енергија произведена од обновливи извори.
Годинава ситуацијата е обратна, поради што и цената на електричната енергија скокна на сите пазари. Покрај во Данска и Германија, струјата скапо ја плаќаат и домаќинствата во Белгија - 27,02 евроценти, Ирска - 25,55 евроценти, Шпанија - 23,55 и Италија - 23,59 евроценти.
Македонија и БиХ годинава плаќаат поскапа струја од Србија
Дека пазарот е променлив, потврдува и фактот што претходните години домаќинствата во Северна Македонија и БиХ плаќаа помалку струја од граѓаните во Србија, но сега ситуацијата е обратна. Така, Македонците плаќаат 8,41 евроценти за киловат со даноци и давачки, граѓаните на БиХ 8,75 евроценти, а албанските семејства 9,33 евроценти.
Струјата е значително поскапа и во Црна Гора, односно изнесува 9,80 евроценти за киловат, во Хрватска 12,91 додека во Словенија е дури 16,62.
Експертите предупредуваат дека е јасно дека енергетската криза наскоро нема да престане, па поради тоа многу земји во кои е забележано значително поскапување на струјата, ја разгледуваат можноста да им помогнат на домаќинствата да си ги подмират обврските.
Така, грчката влада планира да понуди енергетски субвенции за повеќето домаќинства, кои плаќаат 16,80 евроценти за киловат. Опција е и еднократна исплата за домаќинствата со ниски приходи, како и месечна субвенција за првите потрошени 300 киловат часови, кои ги користат 70 отсто од населението.
Засега е неизвесно дали и другите европски земји ќе прибегнат кон таква помош, но она што е сигурно, исто како примерот со Италија е се поголем проблем за граѓаните за подмирување на обврските. Буџетите покажуваат дека во последниот квартал годинава ќе биде уште потешко бидејќи постои можност сметките да се зголемат и за 40 проценти.