
Македонската власт неодамна, повикувајќи се на податоци од „Еуростат“, се пофали дека според остварениот раст на БДП во првиот квартал од оваа година, Македонија е на петото место во споредба со европските земји. Наводно, во првата третина од оваа година, „како ретко која држава во Европа имаме инсустриско производство во позитива, мала, 0,2 проценти, но не е во негатива во услови во кои ја имаме најголемата енергетска криза во светот“!
Сериозна власт, која се наоѓа во општосветски економски турбуленции, кои надоаѓаат како бранови на морската површина, при што некогаш вашата глава ќе се најде над нив, колку да земе кислород, а потоа ќе ве вовлече во длабочините од кои можете и да не излезете, треба да биде многу внимателна! Значи се работи за процент што популистички го форсира власта, а тоа е процент рамен на статистичка грешка. При соопштувањето на ваквите „епски успеси“ се прикрива фактот дека бројот на работниците во македонската индустрија во периодот јануари – април 2026 во однос на истиот период од 2025 година се намалил за 3.0 %! Во април годинава, пак, споредено со април лани, бројот на работниците е намален за 2.3 %, соопштува Државниот завод за статистика.
Бројот на работниците во секторот рударство и вадење камен се намалил за 6.8 %, во секторот преработувачка индустрија за 2.2 %, а се зголемил во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација за 1.0 %.
Според главните индустриски групи, бројот на работниците во индустријата во април 2026 година, во однос на април 2025 година, се намалил во групите Енергија за 1.6 %, капитални производи за 2.3 %, нетрајни производи за широка потрошувачка за 3.1 % и интермедијарни производи, освен енергија за 2.8 %, а се зголемил во групата трајни производи за широка потрошувачка за 0.6 %.
Ова се огромни негативни бројки, иако изгледаат ситни. Ако е намален бројот на работниците, тогаш кој го прави тој голем скок на БДП-то? Можеби воведовме роботи што ги заменија нашите работници, но тоа никој не ни го кажа, едноставно од скромност, или вештачката интелигеција ги замени сите тие отпуштени работници.
Pаст на БДП од 3,1 отсто во првиот квартал
Бруто-домашниот производ порасна за 3,1 % во првото тримесечје од 2026 година во однос на истиот период од 2025 година - соопшти Државниот завод за статистика.
Во првото тримесечје од 2026 година поголем пораст е забележан во секторите: Градежништво од 7,2 % и Стручни, научни и технички дејности; Административни и помошни услужни дејности од 6,1 %.
Финалната потрошувачка во првото тримесечје од 2026 година номинално расте за 7,3 %, а нејзиното учество во структурата на бруто-домашниот производ е 86,4 %.
Бруто-инвестициите во првото тримесечје од 2026 година номинално растат за 1,8 % како резултат на порастот на бруто-инвестициите во основни средства.
Според сезонските и календарски приспособените податоци, стапката на раст на бруто-домашниот производ во првото тримесечје од 2026 година во однос на првото тримесечје од 2025 година е 3,3 %.
Како што се гледа овој раст најмногу се должи на финалната потрошувачка (84%), а не на инвестициите (1,8%).
Синдикалната кошничка пониска за 54 денари
Иако Синдикатот соопштува дека минимална кошница во мај била пониска за 54 денари (!), за четиричлено семејство да го помине месецот потребни му се 68,743 денари!!!
Од нив, третина или над 25 илјади за храна и пијалоци. Во споредба со април, токму овде има намалување на трошоците за 610 денари, поради пониските цени на овошјето и зеленчукот, вели ССМ. Благ пад има кај цените на облеката и обувкитe, а зголемување кај транспортот, поради повисоките цени на горивата. Всушност, оваа бројка го покажува вистинскиот успех на домашната економски концепт, ова е вистинскио рејтинг на Македонија во споредба со европските земји.
И уште еден податок што ја покажува сликата на македонската економска сила е процентот на дефицитот во државниот буџет. Имано, министерката за финансии отворено кажува дека со ребалансот на буџетот, кој влегува во финална фаза, дефицитот можно е да го надмине првичното очекување за годинава кое беше проектиранпо на 3,5 отсто. Состојбата ќе била подобра вели министерката, но намалувањето на акцизата имало влијание врз минусот во државната каса.
Колку и да се фалиме дека напредуваме, фалбите не можат да го подобрат животот на граѓаните. Секој од нас секојдневно доживува ценовни шокови и е преокупиран со наоѓање решение за да се истурка месецот. Тоа е огромна животна тешкотија, која носи последици врз нашето здравје кое многу тешко се сервисира во нашиот здравствен систем. Еден проблем не може да остене изолиран, животот е комплициран, а секоја власт, ако сака да се фали, мора да има решение за сите проблеми и последици од нив.
Податоците од „Еуростат“ се должат на соодветна методологија во која растот, ако е воопшто раст од 0,2 проценти, се должи на ниската споредбена основа. Исто така се фалеше една поранешна власт која ги форсираше и ги цитираше наводите од списанието „Дуинг бизнис“, во кое Македонија беше ставена на првото место во светот по можностите за правење бизнис, но не поради условите што владејат во земјата, како владеење на правото, или здравата конкуранција на пазарот, поради административната ефикасност, туку поради тоа што државата финасираше се’, па и придонесите на вработените, само за да се пофали дека во земјава трчаат странските инвеститори и за да ја намли невработеноста, која во тоа време изнесуваше 30% од работоспособното население.
Затоа, работите треба да се кажат до крај, за да биде јасно. Власт која води вистинска и успешна економска политика, не би излегла на прес конференција да се фали, ако растотна на БДП не е барем поголем од, да речеме, 5%. Па, дали некој навистина верува дека нашата економија е поекстензивна од германската, од француската, од италијанската, од англиската, од италијанската, од швајцарската, од полската, од белгиската, од холандската од шведската, од норвешката…???