Контролингот како инструмент во процесот на управување во трговските и производни компании е сѐ поактуелен. Колку контролингот е важен за развојот на компаниите, како малите и средните, а особено компаниите и институциите со државен капитал? Каков е интересот на менаџерите за спроведување на контролингот во своите компании? Која е улогата на контролерите, и колку оваа професија е атрактивна за идните млади контролери? Тема со многу прашања на кои во интервју за Анторис магазин разговараме со  Проф. д-р Синиша Наумоски, претставник на Управата на Институтот ХАЈДЕЛБЕРГ во Скопје, контролинг професор во првата македонска банкарска академија - АБИТ и член на Советот на Народната банка.

1.    Професоре Наумоски неодамна се промовираше вашата нова книга „Контролинг“- книгата е наменета за профилирање на нови контролори или може да се користи како прирачник за трансформација во управувањето во компаниите?

-На крајот на минатата година беше завршена првата, од сетот книги, 240 страни, на македонски јазик, книга за финансиски контролинг. Рецензенти на книгата се истакнати професори од универзитетот од Франкфурт и Мајнц. Книгата ја започнав со пишување уште пред кризата со короната, а е инспирација од домашни збирки на лични писанија, уште од 2008-мата, кога бев член на оддел за контролинг во една банка. Потребата од вакви писанија е неминовна за новите контролери, а особено денес кога сѐ повеќе ни „тропа на врата“ неликвидноста. Имено, станува поважно од сè, компаниите да ги направат своите организациски модели флексибилни за да можат полесно да одговорат на промените на пазарот во услови на кризен периодот. Практично, тие ќе го постигнат тоа со планирање на сценарија и идентификување на проблемите. Во книгата, јасно се елаборираат различните начини за компаниите, како да ја зголемат својата флексибилност. На пример, со воведување на флексибилни работни часови, односно со компензација на времето, употребувајќи надворешни соработници, со користење на индивидуални надворешни услуги што не се јадро на конкуренција, па дури и комплетно надворешно производство. Но, оваа флексибилност не е бесплатна. Затоа трошоците на компаниите ќе се зголемат, што значи дека клиентите на крајот ќе мораат да платат повисока цена. Во македонските производни компании, секторите како што се набавка, развој и производство често не се во можност да ги менуваат своите трошоци на краток рок. Контролинг-алатката, тука, не може да подобри ништо. Наместо тоа, треба да се постави прашањето дали организациската структура може да се приспособи за кризни услови во криза, да се исполнат барањата. Затоа, добро е да се стави во листингот на задолжителна литература во специјализацијата за контролинг во АБИТ и германскиот Хајделберг институт во Скопје.  

Контролерите не контролираат

2.    Што во основа претставува оваа релативно нова категорија во раководењето и работењето и за кого е наменет контролингот?

-Во стручната литература, многу често се сретнува стојалиштето дека контролоингот подразбира начин на споредување и воопштување на актуелните резултати со планираните (ACT & PLN). Од ова, може да се разбере дека клучен елемент во извештајот на контролерите е анализа на варијанса. Јас, често знам да го објаснувам поимот за контролинг, како, менаџмент на варијанси или со други зборови кажано, тој е алатка за преведување (буквално како од еден јазик на друг) на сметководствените политики во трговските и производни компании, за цели на менаџментот и управата. Од друга страна, моите колеги од Хајделберг Институтот во Скопје, со право ќе речат: „контролингот е маркетинг на сметководството“. Имено, како и да го разбереме, ние мора да разликуваме дека контролерите не контролираат. Ова може да звучи парадоксално, но работата на контролерот е да обезбеди најдобри можни информации и разработка на тие информации за потребите на менаџментот и управата. Начините за тоа, мора да бидат обезбедени од страна на управата, со тоа што ќе се дизајнира независна функција на контролинг преку оддел или сектор во компаниите. 

3.    Врз снова на вашето искуство кои би биле клучните инструменти за  организирање и воведување на контролингот во економските процеси?

-Најпрви би дал одговор во насока на прашањето дека контролерите (controllers) мора да се сигурни дека менаџерите извршуваат сопствен контролинг во компанијата. Да подвлечам, контролерот е интерен консултант за контролинг во компаниите. Тој е советник, а не извршител, кој треба да ги убеди вработените да изберат правилна насока во компанијата, на начин што, тој делува преку нив. Тука, морам да истакнам дека особено е важен карактерот на индивидуата – контролер.

Задачата на контролорот е да направи инструменти -„кутија со алатки“ и да покаже како тие алатки треба да се користат. Со други зборови и контролерот има улога во менаџерскиот тим или управата на компанијата. Придонесот, како дел од менаџерскиот тим е неговиот стручен „know-how“ од сметководството и планирањето, како и практично искуство во анализата на трошоците. Матричната структура во компанијата бара тимска работа. Таа зависи како од know-how („да знаеш како“), така и од know-who („да знаеш кој“).

Промоција на професијата контролинг

 4.    Колку кај нас компаниите се запознаени со контролингот, каков е интересот и од кои дејности најчесто се заинтересирани за спроведување на овој процес?

 -Најран развој на контролингот има во банките, според мене, а разбирливо затоа што банките се изложени на големи ризици во своето работење, но од друга страна во македонскиот банкарски сектор има голем процент на странски капитал, преку кој се пренесуваат искуствата и знаењата од странските „банки мајки“ кон овдешните во групацијата. Покрај банките, секако, одличен контролиниг сектор има во најголемите 100 компании во македонското стопанство. Исто така, лидери се оние компании кои имаат странски капитал или се приватизираа уште во 90-тите, успешно, со внесување на истакнати брендови во доминантна позиција во капиталот. Би додал, вистинското прашање кое се поставува овде е: Каде треба да се фокусираме како АБИТ и Хајделберг со промоцијата на професијата контролинг? Во кој правец? Многу, навистина, вложивме енергија изминатава деценија за развој на професијата контролинг. Но, малку е. Треба да се вложиме сите заедно, уште повеќе во развој на контролингот во малите и средни фирми, а особено во државните институции. Тука треба да биде фокусот. Затоа, заедно со банките, најголемите 100 компании во стопанството, организираме многу јавни настани, некои со меѓународен карактер, со цел, покрај трансфер на искуства, сакаме да ја направиме атрактивна оваа професија за идните млади контролери, но највеќе да ја направиме важна за малите и средни компании, а особено компаниите со државен капитал.    

5.    Колку е имплементирана функцијата - контролер во македонските компании, односно колку се ангажирани контролерите и дали се вклучени во стратешкото планирање на компаниите?

-Во минатото, сум видел и состојби на контролери во компании кои се држат само до менаџерските структури. Тоа е погрешно! Вистинските откритија се наоѓаат во оперативата, на пониските нивоа во компанијата. Би додал, дека никој контролер, па ни оној од Хајделберг и Франкфурт, ако сакате, нема да може да ги открие „шуплините“ и проблемите, ако претходно не разговара на оперативно ниво, со сите работници. Во друга компанија, во градот Манхајм, научив, што е тоа колегиум и како се менаџира тоа, но од позиција на контролер. Имено, една од најважните задачи на контролерот е моделирање на колегиумот.

Најмалку еднаш месечно, беше инициран и организиран колегиум од страна на контролерот, на кој, тој имаше прилика да ги покаже своите впечатоци, да ги образложи деталите и да одговара на прашања од менаџментот и останатите од членови на управата. Домаќинот на таквите настани, во Манхајм фабриката за лекови, беше контролерот, кој прв доаѓаше; и тоа, многу порано од останатите колеги (за да се подготви со материјали, техника, место за седење и сл.), а последен заминуваше. Во текот на колегиумот, неговиот настап беше силен, би рекол впечатлив и веднаш на почетокот, а потоа следуваше плодна и темелна расправа по одделните точки од дневниот ред. Моделирањето на состанокот е една од силните квалификации за ликот на контролер во компанијата. Тој е поттикнувач на креативност, енерџајзер во текот на состанокот, кој е полн со креативи и ентузијазам, дури и тогаш кога знае дека работите не се добри. Поточно, од мислите кои контролерот ги истура низ кажаните зборови на состанокот, ќе зависи идната стратегија и правецот на движење на компанијата. Најдобар начин за пренос на информациите од страна на контролерите ѐ тие да се претстават на визуелен пат со слика и графикони. Кога некој ќе каже „гледам“, тој во суштина сака да каже „разбирам“. Исто така и на англиски е – „I see“ значи „I understand“. И очите мора да разберат - ушите сами, не се доволно. Да заклучам: на овој начин треба да биде третирана улогата на контролерите во македонските компании. 

Алатка за оптимизација на трошоците

 6.    Дали стопанствениците од финансиски аспект можат да си ја дозволат имплементацијата на контролингот и кои се придобивките, бенефитот од тоа?

-Контролингот е создавач на поголем профит. Тој е создавач на алатка за оптимализација на трошоците, за нивно вистинско разбирање, а со тоа и контролирање. Контролингот ја создава стратегијата на компанијата и истата ја операционализира преку оперативниот контролинг. Воведува акциски планови и бара решенија за исполнување на истите. Практично ги мери целите, кои се навидум сет на реченици кои не можат да се измерат. Како велиме: нешто што не може да се квантифицира, нема да може и да се измери. Но, контролингот го може тоа. Значи може да мери и не-финансиски параметри. Волшепството е во тоа. Исто, како да свирите на клавир и да правите магијата околу вас, јас имам една ваква метафора. Оттука, нема поголема вредност или би рекол еден збор „бесценет“ е добриот контролинг во компаниите. Резултатите од добар контролер ќе се забележат после првата година. После првата завршна сметка. Ова се причинителите – зошто не смее да се штеди на инвестицијата во контролинг оддел. Тоа е „крвотокот“ на секоја компанија, а срцето е управата. Знаеме од лекарите - ако крвотокот е лош, тоа го намалува работењето на срцето и доведува до срцеви заболувања и инфаркт (читај: промена на менаџментот или загуба за компанијата во билансот).  

7.    Што би ги советувале раководителите, менаџерите и воопшто управните органи кога е во прашање контролингот, односно зошто да го прифатат со оглед на тоа што немаат законска обврска  за тоа?

-Како препораки за работодавците, кои ќе бидат во позиција да избираат член во тимот задолжен за позицијата – контролер, ги давам следниве: (1) треба да се очекува контролерот да биде спремен на континуирано учење и запознавање со новитетите кои се случуваат во таа област; (2) неговата перцепција, исто, зависи и од неговата способност за слушање на останатите, усвојување на нови информации и исфрлање на стари знаења; (3) друга многу важна особина на контролерот е ставот спрема останатите личности во компанијата; (4) лесна способност за воспоставување на контакти односно создавање на пријателство; (5) освен специфичните контролерски знаења, контролерите мора добро да познаваат: сметководство, организација и менаџмент, адекватно ниво на информатичка писменост и т.н. „Sоft skills“ особено во областа на комуникација и презентациски вештини.

Колегите, за да ја ценат неговата работа, контролерот, освен солидни извештаи и анализи, значајно е да се држи и до некои т.н. „златни правила“.  

Најпрво, тој, не може на себе да си допушти големи пријателства со одредени личности во својата компанија. Сега, логично е да се запрашаме - Зошто? Имено, во германските компании таквата пракса станува вообичаена, со цел, контролерот да биде непристрасен и објективен во својата работа. Секое оценување на работата на најдобриот пријател може да биде пропратена од другите со сомнеж. Доколку, тој, навистина сака во целост да ја покаже својата независност, златно правило гласи: „со сите подеднакво, со никој премногу, ниту премалку“. 

Понатаму, како карактеристика за професијата во македонската бизнис и финансиска фела, се истакнува дека контролерската работа треба да биде независна и самостојна. Имено, тоа значи дека тој знае да изврши диверзификација на важни информации и ситуации во компанијата, кои, понатаму преку субјективни и автентични коментари ќе бидат презентирани на објективен начин во извештаите. Од контролерот, токму тоа се очекува на работната позиција. Во спротивно, може да настане проблем кога „неважните” коментари ќе станат подеднакво важни како и вистински „важните”. Диверзификацијата на информациите е важен дел во работата на контролерот. Неговата улога во компанијата не завршува со крајот на работното време. Практично, од негова страна, нешто може да биде кажано, дури и надвор од компанијата, во неформална средба со колеги и пријатели, а да се протолкува бурно или на друг начин, како штетно за компанијата. Затоа, сите ние, имаме обврска од една и одговорност од друга страна, да внимаваме во комуникацијата. Тоа е така, поради тежината на зборовите кои ги изговараме, од позицијата на контролер. Ова, алудира на начелото за чување на деловна тајна согласно кодексот на компанијата. Поточно, во контролингот се креираат деловни извештаи и планови, а најголем дел од нив имаат карактер на деловна тајна. Задачата на контролерот е да се однесува во согласност со таквите начела.  

Германија, овде дома

8.    Покрај во компаниите дали контролинг може да се примени и во државните и јавните институции. Колку овој процес може да влијае на сузбивање на корупцијата во општеството? (што во моментот навистина ни е многу потребно)?

-Во едно писание напишав за мојот копнеж. Имено, додека бев на еден состанок во Манхајм, во компанија, државна, на состанок, ме обзема една емпатија, но од друга страна се појави силен копнеж, таквата состојба на контролинг оддел, да се интегрира тука, во македонскиот систем; и тоа, не само во најголемите 100 компании од стопанството, банките и осигурителните друштва (каде има најран и одличен развој) туку, таквиот модел треба да се интегрира во државните – јавни субјекти. Тоа е мојот копнеж! Само на тој начин, ќе се овозможи ПАТ кон изградба на еден друг систем наречен – Германија, овде дома.

Да! Јасно ќе одговорам на Вашето прашање за сузбивањето на корупцијата во општеството; и тоа знаете како? Со легализирање на системската корупција во државните и јавни институции, со цел – тие да бидат финансиски одржливи. Да креираат вишоци во билансите (читај: тие немаат добивка / загуба на крајот во билансите) и како основица, таквите вишоци да бидат за пресметување на процент за деловна успешност (нешто како легално мито). Секој ќе добива награда онолку колку што ќе биде успешна државната - јавна институција. Така ќе бидат многу подобри билансите, а со тоа и мотивацијата кај управата да биде наградена, легално. По правила.          

9.    Какви се трендовите и меѓународните практики во областа на контролингот? Колку е овој процес прифатен и применет во регионот и пошироко?

-Македонските контролери се интегрирани во рамките на меѓународната групација за контролинг. Практично, со членството на АБИТ, уште од 2015-тата година, ние, заедно со банкарите ја отворивме вратата за интеграција и доближување на македонските до европските контролери. Имено, тоа беше важно, за после пет години, една македонска институција да се стекне (прва во земјите од Западен Балкан) со светска престижна акредитација. Секако, во земјите од ЕУ, Германија е лидер во насока на имплементација на стандардите за контролинг. Потоа, следуваат останатите членки. Од регионот, разбирливо лидерската улога ја има Словенија, но Србија е добра стоечка. Ние се приклучивме во овој екипаж, но од 2015-тата, како што кажав погоре, благодарение на банките и АБИТ.   

 10. Функционира и Македонска контролинг асоцијација. Која е нејзината улога,  да го спроведува овој процес меѓу стопанствениците и институциите или пак да го создава кадарот што треба да го применува контролингот?

-Од анализите направени од страна на светското тело за воведување на стандарди за контролинг - IGC International Group of Controlling, може да се констатира дека во земјите од ЕУ, за жал, не може точно да се диверзифицира одговорноста на менаџерот и контролерот, во насока на тоа, каде започнува, а каде престанува истата.

Во компаниите од Западна Европа, се вели: „нема идеални, туку има добри системи на систематизација.“ 

Мојот ставот е на иста линија со Германците: одделот за контролинг, треба да биде надвор од одделот за финансии; и тоа, сосема независен и неутрален. Да, контролинг одделот треба да биде до управата, но не многу блиску до неа. Луѓето, понекогаш се обидуваат да го решат овој проблем на преклопување (меѓу менаџментот и контролерот) со помош на детално и прецизно формулиран опис на работата. Меѓутоа, со тоа, само се вплеткуваат во бирократски описи и не се блиску до решение.

За таа цел, идејата е: „помалку регулатива, а повеќе управување по основ на слобода.“

Описот на работата на контролерот треба да се формулира во духот на Наполеоновата максима за Уставот: „Elle doeit etre sourte at obscure“- кратко и не премногу прецизно. Но, она што нас ни е потребно, се насоките. Насоките обединуваат, а описот на работата - разединува.

За ваквите дилеми и многу други актуелни теми, во периодот што следува ќе се состануваме во МКА - Македонска контролинг асоцијација. За таа цел, во соработка со коморите најавивме забрзана работа на МКА - Здружението за остварување на заеднички интереси на контролерите и унапредување на нивното работење Македонска контролинг асоцијација. Имено, уште од 2019 година, јас бев инспиратор и силен иницијатор на ваквата идеа, но поради кризата со ковид пандемијата активностите се поместија за овој период. Знаете како, во Македонија, после 10 години работа со АБИТ, шест меѓународни конференции за контролинг со повеќе од 450 учесници и околу 100 сертифицирани македонски контролери со знакот за квалитет од IGC, заслуживме асоцијација; и тоа, силна. Во таа насока, помошта ја црпиме од нашите алумни, од каде промовираме идни консултанти во оваа област, каде има и резултати. Чинам дека неколку фирми кои произлегоа од АБИТ академијата за контролинг веќе се консултанти.  

 11. Имајќи ги предвид сите овие активности, кој би бил заклучокот - до каде е имплементацијата на контролингот во македонската економија и кои се следните чекори во оваа насока?

-Имплементацијата на контролинг функцијата е на добро ниво, како што кажав претходно. Има простор за многу повеќе и ние ќе се фокусираме во таа насока. Следни чекори ќе бидат да се започне со првата генерација на програмата за MBA – Controlling & Finance, прва на балканот, акредитирана во 2018-тата и ре-акредитирана по втор пат оваа година. Исто така, најавуваме германски универзитетски студии за контролинг со двојна диплома. Тоа, барем е мојот фокус во оваа и наредната година.