„Културата како алатка за развој на туризмот и заштитата на културното наследство“ беше насловот на темата „Културната рута Итер Витис и нејзините членки“ за која говореше професор д-р Сашо Коруновски од Факултетот за туризам и угостителство од Охрид на неодамнешниот форум за културните рути на советот на Европа во функција на развој на културниот туризам, што се одржа во Скопје.

 

-Културата и туризмот ги поврзуваат многу нешта – но, денес имаме една силна потпора од новото Министерство за култура и туризам. Уште од 2000 година откако почна да се зборува за поврзување на туризмот со културата се подготвија  многу документи, како на пример: економетриски анализи на влијанието на културата во туризмот; многу декларации за културата и туризмот, но генерално е важно да се образложи процесот дека културните вредности по дефиниција не се туристички вредности.

Значи културните вредности треба да ги трансформираме во туристички вредности низ еден процес во којшто треба да се водиме од умешност и знаење, објасни во воведното излагање професорот Коруновски, говорејќи на тема „Културната рута Итер Витис и нејзините членки“.

За заеднички настап на туризмот и културата потребна е и заедничка работа на: државните институции, локалните заедници, културните и туристичките работници, уметниците, истражувачите да ги претвориме културните рути во мостови меѓу народите, генерациите, минатото и иднината. Културното наследство не треба да го чуваме во витрините и книгите туку да може да го живееме, да биде вистинска приказна пред светот. Културните рути се жив доказ дека културата може да биде двигател на просперитетот, инспирација за соработка, извор на длабоко човечко поврзување.

Генерално кога културата е приклучена кон туристичкиот производ, таа дава квалитет и е предзнак за диверзификација, односно за различни форми на туристички производи. Што значи дека дестинацијата преку културата може да ги искористи сите потенцијали на одреден простор. И како што нагласува професорот -точно е дека ние ги имаме рутите, но сега треба да ги трансформираме.

Токму во тој дел, смета дека треба да се вклучиме во еден процес според кој компаративните треба да ги трансформираме во компетитивни предности, бидејќи тие се побарани и се продаваат на пазарот. „Јас би рекол имаме култура, значи имаме капитал, кој не треба да го потрошиме, туку треба да го надоградуваме, збогатуваме, што значи живата култура да биде дел од она што значи наследство. Затоа што туристичкиот производ се консумира преку живата култура, преку контактите со луѓето, со локалните заедници. Значи генерално има многу шеми како тие процеси се водат, но важно е дека културата му дава особеност, специфичност на туризмот, затоа и ја нарекуваме локална, иако функционира во рамките на генералната култура. И многу е важно да се направи таа врска меѓу сите стејт-холдери, дециден е професорот.

-Туризмот подразбира сложен систем којшто е составен од јавен, приватен и од невладин сектор. И да признаам не е лесно да ги споите, затоа што сите тие го сочинуваат производот и сите тие учествуваат во неговата реализација. Главниот проблем е во тоа што јавниот сектор ја води културата како непрофитна дејност, а бизнисот сака да направи профит од тоа. Е кога ќе успееме да ги усогласиме тие интереси тогаш значи сме на добар пат“, уверува професорот.

Бидејќи, како што вели тој, при продажбата сепак треба да се има предвид, јавниот интерес исто како и приватниот.

Генерално постојат различни модели како да се направи тоа – најчесто се споменуваат ДМО (Destination management organizations), кои се повеќе одат кон оние хибридни форми на организираност, а помалку кон форми на одделенија, агенции итн.

Суштината, како што образложи професорот, е да се обезбеди интероперабилност и заедничко делување на многу чинители. Тоа во основа значи дека треба да се направат такви платформи кои ќе ги соединат навидум трите различни сектори, со цел тие да делуваат во еден правец. – Се разбира дека тука клучната улога ќе ја има Министерството за култура и туризам и слободно можам да речам дека во 25 земји во светот културата и туризмот се споени во едно министерство. Се разбира целта е да имаме одржлива дестинација со познати критериуми по кои треба да се водиме.

Усогласување на туризмот и културните вредности

Според Коруновски со ваквата промена во делот на туризмот, државата практично направи системска промена, односно туризмот сега е внесен во друго министерство и треба да видиме што бара новонастанатиот систем. Затоа што туризмот верувајте  функционира како сериозен систем и колку подобро го патентираме тоа функционирање толку ќе бидат подобри и резултатите.

Според Коруновски со промената на системот, се наметнуваат и нови правила и форми на усогласување за неговото функционирање, а за да се спроведат тие професорот е убеден дека треба да почнеме од неколку едноставни прашања:

1.Кои закони и акти треба да ги смениме? Треба да видиме што се тангира туризмот за да можеме да усогласиме едно со друго .

2.Кои социјални и воопшто други врски меѓу сите актери треба да се модифицираат, затоа што тоа се три различни елементи на еден голем систем- невладиниот има еден интерес, јавниот и заштитата има друг... и на крај бизнисот, кој има свој интерес. Значи треба тие врски да се детектираат и секако да не го заборавиме локалното население, бидејќи тоа го нуди производот. И на крајот на денот да видиме кои промени пак во обврските меѓу актерите треба да се направат.

Долги години работам на спојот меѓу културата и туризмот -Треба да сфатиме како размислува еден археолог, историчар на уметност, но и како размислува еден туризмолог, еден бизнисмен или како размислува оној од невладината организација. Да пробаме да се сфатиме едни со други, а не да си противречиме. На крај на денот сите сме во иста екипа... Може во екипата да ги имате најдобрите играчи, но ако тие не се усогласени, нема успех. Потоа да видиме кои улоги можат да се додадат и во тој систем за да се обезбеди подобро функционирање. Како што реков, нас ни треба нова технологија без неа не може да се функционира, бидејќи во туризмот ни фалат податоци. Не може да носите одлуки без податоци затоа што секторите не комуницираат меѓу себе. Не дека ги немаме, но таквите платформи мора да ги обезбедат податоците, па оние кои планираат да го продаваат културно-туристичкиот производ- на пример, да имаат можност да види колку влезници во тековниот ден се продадени во еден музеј. Секако дека тие бројки ги има ама мора да се полесно достапни, или пак извештаите од мета- податоците ако се обработени.

Исто така треба да се анализира кои измени можат да се направат кај имателите на добрата. Затоа што има многу културни добра кои можат преку јавно приватно партнерство да бидат дел од усогласувањето и функционално адаптирање на културно-туристичкиот систем.

-И на крај би рекол, кои промени треба да ги направиме ние самите како личности- да тргнеме од самите себе. Ни претстои усогласување на еден сложен систем што треба да го реструктурираме, бидејќи, како што реков, туризмот е во ново министерство и ова е почеток, првите тест прашања за да знаеме што понатаму. Европа има два клучни документа кои го тангираат туризмот до 2030 година, кои работат на три столба: платформи со интероперабилност на податоците, достапност на сите чинители, споделување на донесувањето на одлуките, иако задолжителната платформа за институциите е веќе во функција.

Рутата Интер Витис веќе е во продажба, а и другите рути кои веќе се продаваат сѐ уште една валоризација на културата во туризмот. Тоа само ќе ја збогати културата, нема да ја осиромаши.