Семејната компанија „Адут“ ГВН која се наоѓа во атарот на кумановското село Тромеѓа, веќе 28 години се занимава со производство и пакување на основни артикли за готвење. Компанијата располага со палета од 147 производи препознатливи под брендовите: „Зелена долина“ и „Директно од природата“. Тие, како што вели нејзиниот сопственик Драган Цветковиќ, на македонскиот пазар станаа прeпознатливи по производството на индиско чили во македонски услови. Компанијата е посветена на спасување на старите автохтони сорти, што во најголем дел го реализираат преку Здружението „Живот“ (Здружение за развој на земјоделство и заштита на животна средина преку истражување, едукација и одржување на биодиверзитет) од Куманово, кое брои над 400 членови, а го води неговата сопруга Благица Гавриловска Цветковиќ.

Инаку, под бренд „Зелена долина“ се пакуваат, конфекционираат производи кои ги произведуваат други земјоделци: ориз, леќа и други зрнести и прашкасти производи. Додека под брендот „Директно од природата“ се пласираат органски и диворастечки производи, кои претежно сами ги произведуваат или собираат во природата, ги сушат, мешаат и пакуваат.
Во „Адут“ се застапени две програми, сува – сушење и дехидрирање на овошје, зеленчук и зачини, како и сопствени насади на органски гравчиња, житни култури, магдонос, оригано, различни зачински пиперки, чили и друго. Втората е мокра програма-оцетара, каде се произведува оцет од аронија, од модра слива и од јаболка.
Индиско чили во македонски услови
Последните осум години компанијата се вброи меѓу првите во Македонија кои произведуваат индиско чили, приспособено на домашни услови. Всушност тие во 2015 година први посадија индиско чили, кое денес е застапено свежо и суво во специјални ресторани.
„Токму по овој производ за прв пат не препознаа медиумите во Македонија, раскажува сопственикот на компанијата, Цветковиќ.
Меѓутоа, чилито не е единствениот производ по кој оваа кумановска компанија стана препознатлива меѓу органските производители.
-Во 2016 година обновивме стара автохтона сорта на бела пченица. Знаете дека во Република Македонија има неколку села што се именувани како Белица, но луѓето не знаат зошто нивните села го носат тоа име. Малкумина се свесни дека всушност нивните предци со години ја одгледувале само таа пченица. Како што Буково е именувано по буковецот, “ вели Цветковиќ.
Тој објаснува дека при обновувањето и одгледувањето на автохтоните сорти најтежок е патот што треба да се изоди преку институциите и факултетите кои тешко прифаќаат и уште потешко се впуштаат да им помогнат на одгледувачите на одредена култура да ја впишат, умножат и заштитат.
„Конкретен пример за тоа претставува нашата упорност за обновување на автохтоната сорта на бела пченица. Ние во „Адут“ сами со сопствени сили ја обновивме иако постоеше притисок од некои институции и фармацевтски компании на кои им смета што го обновивме семето. Постапката на обновување траеше неколку години. Буквално од три-четири килограми старо семе кое го сеевме во двор и рачно го беревме и лупевме, успеавме да обезбедиме семенски материјал за поголема површина. И самите посадивме 2,5 хектари со бела пченица. Тој род годинава прв пат е сертифициран, конфекциониран и пченицата конечно ја пуштивме во продажба, “ раскажува Цветковиќ, задоволен од приносот.
По успешното обновување на пченицата и постигнатите резултати, започнавме да обновуваме стари автохтони сорти на сите билки кои ги има во Македонија.
Годинава започнуваме со обнова на стар автохтон див лен, доколку ни дозволат институциите. Исто така сакаме да ги обновиме и сортите на кафен и бел мак (што своевремено најмногу успеваше на полињата во Кочани и Велес), затоа што Македонија не е позната по плавиот мак,“ вака Цветковиќ детално ги опишува активностите на кои се посветени.
Уров- враќање кон традицијата
Оваа година заради биодиверзитет, Драган вели дека наместо пченица се сади една друга постара традиционална култура која одлично упева на нашите простори. -Зборувам за уров. Намената е многу широка. Порано луѓето на село го користеле како храна за животните, особено кога биле болни или кога требало да се интензивира понапорна работа за да имаат сила (снага). Инаку во медицината е препорачан како неспоредлив афродизијак во комбинација со други органски производи.
Уровот се користел и како база во индустријата со кафе. Секој кој ја познава оваа билка, јас верувам дека не би пиел кафе. Уровот бил тој што на кафето му давало чистота, сила. Тоа го потврдува и научното истражување од Институтот во Белград, каде се направени сите хемиски анализи, според кои тој е единствениот лек што го лекува срцевиот мускул. Затоа не мора да го пиете како кафе, туку можете да го консумирате во чај, чорба, салата. Значи не мора да се пече, затоа што тогаш губи доста од корисните својства, но може да се користи во низа прехранбени домашни специјалитети,“ ги образложи предностите на уровот Цветковиќ.
Но и покрај ваквите позитивни својства, уровот не бил на Националната сортна листа во Управа за семе и саден материјал при Министерството за земјоделство. Иако, уров успева само во Македонија и Јужна Србија на Балканот и малку во Бугарија. Меѓутоа, нашиот соговорник вели дека нивните заложби вродиле со плод и сега уровот е веќе на листа како заштитен производ.
Во тек заштита на редок вид круша и ловоров лист
Откако успеале уровот да го впишат на сортната листа сега бараат субвенции за неговите производители. Всушност тоа е една од обврските на договорното производство што тие го практикуваат од 2015 година - проекти коишто ги буткаат преку здружението......
Кумановски „Адут“ преку Договорно производство им обезбедува на земјоделците ѓубриво, поддршка од агроном кој тековно ги следи фазите на одгледување на даден производ. И на крај целиот род го откупуваат. Потоа пакуваат и го пласираат во домашни специјализирани ресторани и продавници и извезуваат во Србија и Косово.
Цветковиќ раскажува дека тие се во постојана потрага и акција за заштита на стари автохтони видови зеленчук и овошје. Така на пример, сега е во тек процедурата за заштита на еден вид на круша, која овој стопанственик ја нашол само на Козјак и само едно дрво. Крушката меѓу народот е позната под називот смокварка, лубеничарка. Но, тоа се измислени имиња, објаснува нашиот соговорник, кои произлегуваат од изгледот на крушката кога ќе се пресече наполу. И како што тој опишува, плодот на крушата од надвор е зелена, а во внатрешноста целосно црвена. Како лубеница или смоква и зрее исклучиво на 18-19 август.
За овој редок плод Здружението „Живот“ добило помош и понуда од Министерство за земјоделство од Србија. Тие предложиле да ја впишат на нивната сортна листа и да ја размножат. Цветковиќ, признава дека нашиве професори од земјоделството со кои постојано контактира не се заинтересирани. Иако според него можат да ја понудат како магистерска работа, труд на некој студент и да се истражат сите карактеристики за тој плод.
Периодов, Цветковиќ интензивно соработува со неколку манастири во Македонија за спроведување на акцијата околу заштита на автохтониот ловоров лист.
„Замислете ние имаме ’Струшки вечери на поезијата’ со награда „Ловоров венец за поезија“. Зошто? Исто така, во грбот на Македонија стојат афион, памук, ловор. Зошто? - затоа што тие култури биле одлика на македонското стопанство.
Со години се увезува ловор, а нашиот ловор кој успева и кај нас и во Србија е многу квалитетен и се распаѓа кога ќе се свари,“ убедливо ја пренесува својата теза овој органски производител.
217 вида на обоено гравче
Целта за формирањето на Здружението „Живот“ кое веќе го споменав, произлезе поради низа препреки на кои наидуваше компанијата околу специфичните процедури во постапката на признавање на автентичноста на старите сорти. Преку Здружението, како што објаснува Цветковиќ, постапката за обновување, размножување и впишување на автохтоните сорти во референтно признаената листа била попристапна. Сега веќе започнале и со географска заштита на одредени култури.

Нашиот соговорник инспиративно кажува дека поседуваат колекција од 217 вида на обоено гравче. За значењето на ова богатство ни пренесе и едно убаво доживување од 2019 година од саемот за органска храна Biofach во Нирнберг. Таму ги посетиле претставници од COOP, најголемиот трговски ланец што работи со органска храна во Швајцарија и во Европа. Тие биле изненадени од збирката на обоено гравче, затоа што веќе соработувале со македонски земјоделски институции, а никој не им го понудил. (Во моментот Адут има резерва од 1,4 тони).
По еден месец од саемот во Германија, делегација со претставници од швајцарската компанија, од Институтот за истражување на органско земјоделство (FiBL) и Пропециерара (PropecieRara), најголемата тамошна гем банка, како и од компанијата „Сатива“, нивниот најголем производител на органски семиња и растенија, дошле во Тромеѓа. Цветковиќ признава дека средбата резултирала со плодна соработка.
- Добивме понуда нашите семиња од грав да ги сочуваат на пет специјализирани места во свет. И не само од гравот, туку и од други видови на стари сорти. На пример, имам девет вида автохтони сорти на пиперки кои ги размножувам, со локални називи - везенки, долга, кратка...“
„Органска трпеза“
Здружението сакајќи да придонесе кон здружување и соработка на сите инволвирани релевантни фактори во државата во делот на одгледување и заштита на здрава храна формира Комора на органски производители (КОП) во која се вклучени сите оние кои сакаат да создаваат, чуваат и одгледуваат тоа што успева во нашава земја. Комората постои веќе петта година и како економско-социјален партнер на Влада на Македонија работи на проекти. Здружението пред формирањето на Комората организирало уште еден значаен настан за промоција на органските производи. Започнале со одржување на саем за здрава и органска храна: „Органска трпеза“. Настан што годинава ќе слави петгодишен јубилеј. Саемот се одржува секоја последна сабота во септември. А неговата потреба и популарност се потврдила уште од втората година, затоа што прераснал во Меѓународен саем, а лани имало дури 47 изложувачи од странство.

Органската храна - приоритет за нашите деца
Цветковиќ се присетува дека кога започнале со пакување на производи, а подоцна и со сопствено производство, чилито не било актуелно. За неговиот квалитет и атрактивност се избориле самите. Со години докажувале дека имаат златен домашен производ.
„Сега се бориме со сите странски фондови и организации, кои не учат и тренираат да извезуваме органска храна.
Меѓутоа тука се наметнува и една дилема, од една страна не располагаме со големи површини за органско производство за да можеме да имаме извозен континуитет. А од друга страна, зошто нашите деца во градинка да јадат таџикистански, узбекистански прскан грав, а нашиот органски грав за преполовена цена да го извезуваме на Запад. Или, наместо да добиваат за ужина органско овошје и зеленчук – јаболко, крушка, грозје, ние нашите деца ги храниме со кивито донесено од Кина и фарбано во танкерите, кое патува и по неколку месеци до Македонија, или да јадат печени банани. Состојба од која ниту ние заработуваме ниту своето го штитиме. Што правиме?, прашува Цветковиќ. На пример, јас органското гравче го давам 330 денари овде, а се продава 640 денари во продавниците за здрава храна во Скопје. Додека увозното чини 180 денари на зелен пазар, а нашето органско на пазарите во западните земји се продава 120 денари.“
Состојба која неминовно наметнува уште едно прашање, - зошто овие наши органски производи не се пласираат овде? Прашање кое Цветковиќ го образложува на следниот начин:
„Мислам дека прво треба регулатива за заштита на домашното производство. Односно, законски да се инфилтрира користењето на домашните органски производи. На пример, да се наметне макар една ужинка во текот на неделата во градинките да биде од домашните производители. На истиот принцип, домашните производи можат да се вметнат во исхраната во болниците и институции за деца со посебни потреби, за згрижување и нега на стари лица, студентски домови. Барем да се санкционира користењето на основните производи. Држaвата да не откупува преку тендери најевтино и нечисто, стоено со години. Пожелно е барем храната да се обезбедува од домашни производители за кои Министерството ги има сите детали од тоа колкава површина се обработува, колку се произведува и што и кога се собира.“