„Кувет“, семеен бренд на органски производи од калинка

-Во нашиот град се е во знакот на калинката, а за мене и за моето семејство посебна чест, задоволство и гордост претставува тоа што врз основа на ова овошје започнавме и градиме сопствен бизнис“, вели Ристе Гошевски, управител и еден од сопствениците на „Тера Мегдан“ во село Раброво, Валандово. Семејна компанија која прва во Македонија започна да ја преработува калинката и произведе 100 процентен природен сок од калинка.

„Кувет“, семеен бренд на органски производи од калинка е веќе препознатлив на домашниот пазар. Но, со нивните садници се поврзани и несекојдневни интересни настани. Еден од нив е поврзан со  калинките кои се засадени покрај гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“, садници од нивниот дедо. -Сега ние направивме едно продолжување на традицијата, раскажува Гошевски -садници од валандовски калинки подаривме на американската амбасадорка во Македонија при нејзината посета на нашиот семеен бизнис. Очекуваме тие да се најдат во дворот на Американската амбасада во Скопје.

Први направивме производ од калинка


- Калинката е одомаќинета во валандовско - гевгелиската котлина повеќе од еден век, но во изминатите години се продаваше само плодот. Во родните години се јавуваа проблеми со откупот на калинката, најчесто со втората и третата класа, па производителите ја фрлаа. Ако погледнеме наназад скоро немало никаков начин на преработка и финален производ од неа, се до мојот прв обид да спасам дел од богатиот род да не скапува неискористен. Ние сме првото семејство кое овде произведе сок од калинка за пазарот, семејство кое започна да ја пишува валандовската автентична приказна“, раскажува овој вљубеник во овоштарството.

Приказната започнала пред 10-ина години. Годината била добра па родот од калинките бил богат, но како што вели нашиот соговорник,-не успеав да го продадам. За да не ги фрлам калинките, во домашни услови, на обична цедалка ги исцедив и сокот го замрзнав. И да бидам искрен, од замрзнатиот концентрират на калинките остварив поголем приход од вообичаената продажба на свежиот плод,- вака ја започна својата приказна Ристе Гошевски, кој наместо како дипломиран правник да гради кариера во семејната адвокатска канцеларија, заедно со татко му и брат му, се одлучил својата идеја за преработка на плодот од калинка да ја преточи во семеен бизнис. Терк по кој сега развиваат и други производи од калинката, но и концепт што го следат и други нивни сограѓани, како индивидуални производители или кооперанти во нивната семејна компанија.

Семејната компанија „Тера мегдан“ е основана во 2013 година, а веќе во 2014 започнале со тестирање на производите. – Помина многу време додека стигнавме до овој уникатен слатко кисел вкус на нашиот сок од калинка, вели Гошевски.

На почетокот процесот на производство се одвивал преку полуавтоматизирани цедалки, но сега „Тера мегдан“ располага со италијански современи технолошки машини. Цела оператива во погонот на Гошевски е со автоматизирани линии. Машината сама ја прави целата обработка на плодот, ја отвора калинката, ја пресува, ја чисти.

Особено е горд што сега овоштарите  ги продаваат и калинките од втора и трета класа, кои се со ист квалитет, но без можност за пласман на пазарот поради големината, формата или некое друго физичко оштетување, кое не влијае на квалитетот на плодот.

 Производството е контролирано


Гошевски вели дека од септември, оваа година производите од калинка ќе го носат и знакот на органски производи затоа што насадите со калинки поминале три години на органска сертификација (период што законски е предвиден). Практично, производите и  до сега де факто се органски, бидејќи калинката не се третира ниту со пестициди ни со хербициди, ни со инсектициди. Но, сепак сертификатот за органско производство е во надлежност на швајцарска врвна сертификациона куќа која досега прави редовни контроли.

Инаку, во функција на органското производство оди и изборот на локации за новите насади. Како што објаснува Гошевски, подигаат насади на земјиште кое претходно не се обработувало, поради што почвата е чиста од било какви хемиски третирања. Еден дел одводнувале, друг го чистеле од нискостеблести растенија.

-Ние отсекогаш сме имале калинки, и детството ни помина покрај нив, но тоа не беа многу големи плантажи. Но, сега веќе зборуваме за сериозно индустриско производство на финален производ од калинката. Поради тоа, секоја година подигаме нови насади. Располагаме со околу осум хектари на калинки. Годинава се засадуваат уште три хектари, а во година планираме уште два. Практично, семејството Гошевски во моментот се сопственици на еден од најголемите насади со калинка во Македонија- 15 000 садници, на две до три различни локации. Или како што вели овој вљубеник  на калинката,  имаме една плантажа со јужна експозиција, која се смета за епицентар на калинката.  Зборувам за село Раброво - место каде се вкрстуваат патиштата за Дојран, Грција и Бугарија. Всушност брендот „Кувет“ се создава во атарот на ова село кое е еднакво оддалечено од Дојран, Гевгелија и Струмица – едноставно е раскрсница со стратешка позиција. Има што да понудиме.“ И дообјаснува:

„Имаме кооперанти од општината со кои соработуваме на трајна основа и практично преку нив имаме и строго контролирано географско потекло на самиот производ што го нудиме. Немаме увоз на суровини, се е автентична валандовска калинка. Кооперантите се локални мештани. До појавување на овие сокови (кои сега освен нас ги произведуваат и други) втората и третата класа од плодот немаше никаква употребна вредност. Сега првата класа, луѓето си ја продаваат, додека втората и третата класа оди за производство на сок.

Инаку, пикот од родот, Ристе го очекува за околу пет години кога сите нови насади ќе бидат родни.

Палетата на производи од калинка, се шири


Засега семејството Гошевски произведуваат околу 10 тони ладно цеден сок од калинка, а анализите на своите сокови ги прават во една од најдобрите лаборатории во Турција. „Кувет“ е 100 процентно чист сок од калинка, кој не содржи вода, дополнителни шеќери, конзерванси, вештачки бои или ароми.

„Кувет“, семеен бренд на органски производи од калинка -„Кувет“ произлегува од турскиот збор што е одомаќинет не само во нашиот јазик, туку е препознатлив на овие простори и пошироко, а значи сила, моќ и потенција. - Името на нашиот бренд е во знак на сеќавање на баба ми, која знаеше да каже: „јади од ова, оти немаш кувет, или јади од тоа за да имаш кувет“. Оттука и брендот „Кувет“ -Имаш или немаш кувет.

Тие веќе пет години се присутни на домашниот пазар, а соковите се пласираат преку  локалните маркети и продавниците за здрава храна.

-Од минатата година правиме обиди за ширење на пазарот надвор од државата, во Австрија, Германија, Чешка. Се работи за мали количества, колку да го тестираме пазарот. Во меѓувреме работиме на зголемување на капацитетот, како и развојот на технолошките преработки и маркетинг, вели Гошевски.

Ристе Гошевски, кој е целосно предаден и посветен на семејниот бизнис, нагласува дека производството ќе се зголемува паралелно со ширење на насадите од калинки, кои за волја на вистината, за разлика од 90- те години на минатиот век, кога се ископачуваа, сега постојано никнуваат нови овоштарници.

„Кувет“, семеен бренд -покрај сокот од калинка, го носат и оцетот и балсамико од калинка. Наскоро, под  овој семеен бренд ќе се појави и чај од кората на калинката, кој сé уште е во тест фаза, а од семките планираат масло од калинка што е многу барано во светот. На тој начин плодот од калинка целосно ќе се искористува. -Тоа ни е крајна замисла која брзо ќе ја реализираме, заклучува Гошевски.

Во таа насока на целосно искористување на плодот е и производство на ракија. Таа се подготвува од оние 10 проценти талог што се добива при процесот на обработка на плодот за сок. „Тоа е густата смеса која ја оставаме да ферментира, а потоа започнува процесот на производство на ракија, дообјасни Гошевски.

Ристе заедно со својот брат Душко веќе го имаа и пробното ревијално производство на ракија од калинка на 21 издание на Рајкијада во Валандово.

-Ракијата од калинка предизвика големо внимание со својот автентичен вкус. Затоа почнавме постапка пред државните органи за добивање на лиценца и дозвола за мини дестилерија , за кога ќе влеземе во производство да понудиме ракија од калинка и од јапонско јаболко, вели овој стопанственик.

Под брендот „Кувет“ се пакуваат и маслинки и мед


Покрај преработката на калинка во сок, оцет, ракија, вино, Гошевски објаснува дека веќе пласираат и „Кувет“ маслинка, подготвена по домашна рецептура. Органски сертифицираниот насад од маслинки е во истиот атар на Раброво. Маслинките, како што објаснува овој стопанственик поминуваат низ природен процес на ферментација, во текот на една година. Не користат никаков индустриски процес за побрзо созревање, не додаваат адитиви, конзерванси, никаква хемија.

Додека за калинката сами прават садници, маслиновите садници ги увезуваат. Моментно имаат еден хектар родни маслинки, а подготвуваат и нов маслинар. Под  брендот „Кувет“ пакуваат претежно маслинки од грчката сорта халкидика, и во помал дел шпанска сорта. Гошевски открива дека наскоро започнуваат и со преработка на маслинките. Планираат производство на органски намази од маслинка (класик, лут и со лук) за што организираат подигање на втор погон –фабрика со друга полуавтоматизирана технологија.

Под брендот „Кувет“ во семејната компанија се произведува и суров мед чиј квалитет е потврден со сертификат од QSI Bremmen, Германија, најдобра светска лабораторија за пчелни производи. Пчелните семејства се сместени кај овошните насади, затоа што калинката се вбројува меѓу најмедоносните растенија. А, дека тоа е така потврда се црвените линии на рамките од пчелните сандаци во екот на цветање на овошките.

„Кувет“, семеен бренд

Гошевски се членови и основачи на прва органска задруга на калинки и јапонски јаболка во валандовскиот крај.

Нашиот соговорник вели дека имаат големи амбиции, но признава дека си поставиле и високи критериуми за работа кои резултираат со одличен квалитет. Додава и  дека интензитетот на раст е природен, етапен, затоа што како сега стојат работите не можат да дојдат до поголеми кредитирања кои би ја забрзале нивната развојна компонента. Причината е што тие, со „Тера мегдан“ не можат да одговорат на банкарските барања додека се во фаза на опремување и развој на одреден технолошки процес. Поради тоа одат чекор по чекор со сопствени вложувања. Во иднина, покрај овоштарниците од калинки, маслинки и јапонско јаболко, покрај семејната фабрика за преработка на калинката и маслинките во Раброво планираат развој на рурален туризам, можеби и ресторан на органска база.

М. Балдазарска