Македонија живее во многу бурен филм, трилер, со триста заплети и кулминации, но на ниеден од тие јазли не му се гледа расплетот, што сите љубители на филмот го очекуваат. Веројатно затоа што за да се доврши тој филм, режисерот нема идеја, а и средствата се потрошени, на дупката не и се гледа дното, па сега – удолу длабоко, угоре високо. Добар филм без добро сценарио, без јасна претстава за крајната поента и без големи пари не може да се направи.

Кога има пари се е добро, расположено, цветно, среќно, миризливо, кога нема пари се е смутрено, нечисто, смрдено, одвратно, намуртено и безнадежно.

Во ваква ситуација мора да е голема одговорност и храброст да се застане зад некаков голем проект и, откако ќе се  добие довербата на продуцентот, да се продолжи со засмејување на јавноста со убедување дека се е доборо, а во стварноста ситуацијата е доведена до опасност за опстанокот, што од немаштија, што од војни, за кои нашата режија не се секира многу, иако лелеците се се’ погласни.

Нашата стварност потсетува на генијалниот филм „La vita è bella“ (Животот е убав) на Роберто Бенини, произведен во Италија 1997 година, жанр – трагикомедија. Во овој филм Бенини е и главен актер, заедно со неговиот филмски син, Џузое. Филмот ја раскажува приказната за Гвидо, весел и духовит Евреин во Италија во 1930-тите. Кога почнува Втората светска војна и нацистите ги депортираат Евреите, Гвидо и неговиот син завршуваат во концентрационен логор. За да го заштити детето од ужасната реалност, таткото цело време го уверува детето дека сето тоа е само игра – и дека ако ги следи правилата ќе ја освои големата награда - тенк, и затоа треба на сето тоа да гледа со оптимизам, а не да се плаши од тоа што го гледа и што е присутно насекаде околу нив.

Филмот е познат по тоа што е сплетен од хумор и трагедија, покажувајќи - како една сурова реалност може да се прикаже како розова. Но, таа имагинација може да се задржи само во детските очи, зашто никој што гледа што се случува не би поверувал во спротивното.

Во нашиот филм чувствата се помешани од нејаснотијата на тоа што го очекуваме и од суровата реалност. Неизвесноста  е најлошто чувство, страв и депресија, но вербата во режијата е се’ уште голема, иако дистрибутерите на нашиот филм се почесто и повидливо ги откажуваат проекциите. Таа неоснована верба е нашиот општонароден мазохизам што не’ тера нашите животи да им ги довериме на лошите режисери, иако длабоко во потсвеста знаеме дека од нашата животна содржина ќе направат тиња, трагедија или  во најдобар случај, бурлеска.

Колку жално изгледа кога еден глумец со насилена  насмевка длабоко и се клања на публиката, која му возвраќа со куртоазен аплауз, тој не сфаќа дека не го заслужил, затоа што не ја одиграл добро улогата во своите уметнички финеси, ниту го спотнал нејзиниот емотивен вознес. Да се биде глумец е многу тешко, а режисер уште потешко. Иако нема аплауз, режисерот, обиколен од своите глумци, се клања како да слуша френетични овации. Така е во  моментите на „творечкиот занес“. Човек се чувствува силен и ништо не му значат дофрлањата и потсмевот, тие што свиркаат се ставаат во безначаен процент на незадоволни и се рамнат со статистичка грешка, се смета дека таквите немаат изграден вкус за естетика, па затоа дибиваат нагон да ги урнат кулисите од пред потемкиновите села, а баш тие села цветаат, сите се задоволни во својот селски и назаден живот. Важнo е што велат анкетите.

Нашиот филм е за десет оскари: фрапантна економска  експлозија во Европа (или во светот, веќе никому не му е сосема јасно), минималецот е многу максимален, во потрошувачката кошничка едни ставаат едни продукти, другите други, бензинот е најевтин, ама платата не треба да се споредува со неговата цена, непринципиелни коалиции под изговор дека во политиката се’ е можно, невидлив криминал, невидливи криминалци, неодговорност на виновниците, роднинини судии, сите се виновни само системот е совршен, полицијата нема униформи, ама е многу јака, секој што партиципира во власта владее на своја територија, прославува свои празници и вее свои знамиња, царината е поделена меѓу коалиционите партнери, увозниците добиваат напади на парализа, фашистите и ден-денес ни се виновни и други приказни...сите се тепаат да се вратат и да добијат некаква улога во овој филм.

За македонската филмска уметност само небото е граница, тоа е еклатантна фантазмагорија, збир од чудни, нереални, фантастични или привидни сцени и слики кои изгледаат како сон, халуцинација или магична појава. Во таков безидеен и бездушен манир беа сите државни филмски солзи по повод годишнината од смртта на коначнските жртви,  никаква утеха за родителите.

На македонската режија и се одвратни земните реалности, како на пример новата модуларна технологија во која ќе партиципираат сите европски земји на чело со Франција, па и Србија која вложува 2,3 милијарди евра за развој на програмата. Ние сечеме вени на „Заветена“. Дали некому му се јасни овие дистанци, дали некој прави разлика? Вештачката интелигенција кај нас се сфаќа само како употреба на алатката „чат џи- пи-ти“, а земјоделците од соседството имаат побогат речник од нашите министри.

Навистина уникатни заплети!

Само во нашата режија никаде го нема, како филмски и психолошки еленет, како средство за стимулирање,   „афилијативниот мотив“ за постигнување заеднички успех за доброто на сите. Во нашиот блокбастер се’ упатува на високо развивање на себичниот мотив - да се успее во својата група, национална, партиска или мафијашка.

Филмскиот успех со антиката и со Субрата Рој ја подзаборавивме, ама светот не ни ја заборава, бидејќи такава режија не беше видена дотогаш, а ни оттогаш.  Насловот во “Гардијан“ „Скопје - европска престолнина на кичот“ ќе остане во аналите на филмската уметност и ќе се предава на факултетите, студентите ќе се потсмеваат и ќе се прашуваат која е таа земја со толку генијални  сценарија. Во тоа време имаше некои квазирежисери што во своите квазианализи го фалеа тој проект и тврдеа дека тие камени страшила, без никаква уметничка вредност, се добра сценографија за снимање филмови. Па да, еве времето ја потврдува нивната генијална теза и долговечноста на тие креации што се распаѓаат. Тоа нивно знаење е стекнато на нашите алтерантивни универзитети, кои се многу попосакувани од регуларните: во кладилница се учат високите науки - комбинаторика и математика, партиите се универзитети за политички науки, министерствата се за субспецијални науки - како да не се оди на работа, а да се зема добра плата, да се живее добро, како службените возила да се товараат со зелка и со дрва, да се гради без обѕир на околината на Водно или во Дебар Маало, без план и дозвола со приватни обезбедувања, и сето тоа, и да беше од приватизацијата, немаше да има толку. Како, во најсиромашната држава такви големи богаташи? Па, тоа го има само во филмовите. Како долгот на државчево достигна повеќе од 10 млрд евра, дали имаат врска хациендите со долгот? Има ли друго толку празно тенџере во светот од кое некои се прејадоа до пукнување. Медиумите нека ги прашаат луѓето што мислат за оваа појава!

На крај можеме да сумираме - нема гордост во сиромашните театри, затоа на следните претстави се’ повеќе има празни редови. Но, во името на успехот треба да се глуми дека сето ова е игра и дека ќе помине, парадигма што ја постави Бенини, но не даде одговор на прашањето – „како?“, туку отиде во смрт со маршев чекор, засмејвајќи го неговото синче кое го дочека ослободувањето качено на тенкот на сојузниците.

Ние сме уште појаки, главен одговор на сите прашања е  мистиката, што е суштински театарски и филмски штос, секогаш се прашувате кај одат глумците и што мислат кога не се на сцената? Тоа ја држи претставата и вниманието. Тоа е таа фантазмагорија.

Бенини би реклол „Ла вита е бела“, нашиот сатиричар  Дарко Марковиќ генијално предвиде – „Tomorrow will be бетер“, а нам, на обичните статисти, ни останува да одбереме - како ќе ја завршиме судбинската поента - „Ла вита е ....“