Еден од највпечатливите примери како сиромаштијата се претвора во деловна можност е економијата „Направи сам“ во Лагос. Во овој огромен град во Нигерија, меѓу 50 и 70 отсто од населението преживува благодарение на сивата економија. Градот е познат и по самоникнатото технолошко село Отигба, каде годишно се вртат две милијарди долари во лудата конкуренција меѓу самоуци улични програмери и мултинационалните корпорации.

 

Според истражувањето на консултантската компанија „Е.Т. Кирни“, во светот годишно се заработува, но не се прокнижува повеќе од една петтина од светскиот бруто домашен производ. Сивата економија е најголемиот двигател на градовите во сиромашните земји, а секторот „направи сам“ задоволува дури три четвртини од сите потреби во африканските градови.

Меѓу највпечатливите примери за тоа како неформалната економија го пополнува јазот што го оставила државата е Лагос, еден од најнаселените градови на африканскиот континент, за кој се предвидува дека ќе стане најголемата метропола во светот до 2040 година. Овој град во Нигерија веќе сега има речиси три пати повеќе жители од Лондон, збиени на простор што е за една третина помал од Лондон. Огромен, пренаселен, бучен, валкан, хаотичен, опасен, но и енергичен, Лагос е олицетворение на некои од најлошите особини на модерната урбанизација, но и на некои од најдобрите.

Градот кој е распослан на група острови стана озлогласен по своите диви населби, криминалот, корупцијата, по страшната инфраструктура и метежот за што тешко може да се најде конкуренција во денешниот пренаселен свет. Колку и да звучи неверојатно, во Лагос има десет пати повеќе автомобили на километар пат, отколку во Њујорк.  Од непрегледните долги колони камиони што минуваат низ градските улици со дупки полоши се само непрегледните  редици танкери со нафта и товарните бродови кои чекаат да влезат во градското пристаниште Апапи, кое е преполно со напуштени товарни бродови и урнатини.

На копно, дење и ноќе се слуша звукот на приватните дизел генератори. Тоа е град кој постојано се шири во мочуришта и водни области и затоа не може на своите жители да им обезбеди постојано напојување со електрична енергија, здрава вода за пиење или да се справи со приближно 10.000 тони отпад што се произведува секој ден. Идниот најголем град во светот сега е епицентар на диви населби, ги има над двесте, а во нив живеат две третини од неговите жители. Сите што доаѓаат во Лагос, првото нешто што го забележуваат е џиновската пловечка населба Макоко, каде што околу 300.000 луѓе живеат во дрвени цистерни поставени на потпорни столбови. Нигерискиот писател Тони Кан го опишува овој град како месојад, во кој животот не само што е суров, туку и краток.

Бесконечен трговски центар без сопственик

Зошто тогаш жителите од другите делови на Нигерија толку брзаат во Лагос? Затоа што тој во исто време е град богат со нафта, најголемиот производствен и финансиски центар во земјата, којшто има три пристаништа и еден од најголемите меѓународни аеродроми во Африка. Дури 70% од вкупната трговија на Нигерија со светот тече низ Лагос. Ако Лагос беше земја, ќе беше петта најбогата земја во Африка.

Само овој град генерира повеќе од две третини од бруто домашниот производ на Нигерија, а неговиот приход по глава на жител е двојно поголем од националниот просек. Покрај економскиот бум, Лагос стана мека за модната, музичката и филмската индустрија. Неговиот „Ноливуд“ е втората по големина филмска индустрија во светот, веднаш по индискиот „Боливуд“.

Лагос е град на милиони претприемачи и илјадници мали економии кои напредуваат „под радарот“. Се проценува дека меѓу 50 и 70 отсто од населението преживува работејќи во сивата економија. Во овој град има околу 11 милиони „микро претпријатија“ од кои највпечатливи се уличните продавачи кои продаваат сѐ живо. Како прво, тоа е масовна кујна среде незамислив сообраќаен метеж, каде што најмногу се туркаат продавачите на мекиот агеге леб. Овој леб се пече во стотици мали пекари во една населба во Лагос од каде што го носи своето име и се дистрибуира до илјадници улични продавачи кои ги облетуваат муштериите уште наутро, веднаш штом тие ќе заминат на работа.

Продавачите носат векни леб на главите, наредени како пирамида и завиткани во целофан, заедно со кантички со путер и мајонез.

Сепак, најпрофитабилната храна на овој бесконечен пазар е клас од пченка. Продавачите на пченка пресметуваат дека првичниот трошок за овој бизнис е помал за 30 долари од трошокот за роштиљ, штанд, јаглен (ќумур), садови и пченка и дека може да се направи профит од околу четири долари за тој ден. Тоа е нешто малку над просечната дневница, но е производ за кој побарувачката никогаш не престанува, бидејќи се  смета за еден од основните намирници во овој град. Сè за економијата на продажба на пченка е многу кратко опишано од една продавачка:

„Таа работа ми носи храна на маса, ми ја плаќа киријата и како вдовица ми овозможува да ги образувам децата. Нигеријците не можат да живеат без пченка, така што никогаш не можеме да престанеме да заработуваме пари од нивната зависност“.

Во овој „трговски центар“ без сопственици, покрај храната можете да купите телефонски картички и полначи за мобилни телефони, но уличните продавачи ќе ја искористат секоја прилика на муштериите да им наметнат и целосно извртени работи - иглички за капи, играчки на надувување, душеци за плажа, штици за пеглање, метли, друштвени игри... На прв поглед, овој претприемачки мравјалник изгледа како кошмар, но во овој хаос постојат правила кои жителите сами ги воспоставиле, смислувајќи како сиромаштијата да ја претворат во бизнис можност.

Самоникнато компјутерско село

Еден од најдобрите примери за виталноста на неформалниот сектор во Лагос е технолошкото село Отигба, група улици во метрополската област Икедџи, во близина на аеродромот „Муртала Мухамед“. Тоа е клаустофобична област од еден квадратен километар, полна со наметливи огласувачи на стока, сервисери, софтверски инженери, хонорарци (фриленсери) кои работат за ИТ компании, трговци од различна фела и измамници.

Кој првпат ќе зачекори во Отигбо, ќе му делува како жив „бит-пазар“, какви што има низ цела Африка. Но, Отигба е многу повеќе од тоа. Во ова раздвижено и неорганизирано технолошко село, постои најголемиот пазар за електроника во Западна Африка, каде работат повеќе од 8.000 големи и мали бизниси. Овде живеат околу 24.000 продавачи и самоуки програмери, нудејќи ги на продажба најновите паметни телефони, лаптопи и слична опрема, заедно со поправени или реновирани уреди. Овие, несекојдневни ИТ претприемачи ќе ви ги поправаат мониторите, ќе го надградат софтверот, ќе ги обноват изгубените податоци и ќе ги поправаат матичните плочи за клиентите за кратко време.

Конкуренцијата е луда, бидејќи големите технолошки компании се натпреваруваат со индивидуални трговци и занаетчии, за да понудат најповолни цени и да зграпчат парче од импресивните две милијарди долари, колку што е годишниот обрт на тој пазар.

Паралелно со куќите кои се во улога на канцеларии и улични тезги под тенди, има и елегантни, супермодерни изложбени салони. Купувачите доаѓаат овде не само од Лагос, туку и од цела Нигерија и Африка и напорно се пазарат, без разлика дали го купуваат најновиот модел на iPhone или антички компјутерски глушец.

Никој не го планираше технолошкотo село Отигба, а уште помалку некој можеше да предвиди дека неговиот дневен промет ќе надмине пет милиони долари. Во 1990-тите, тоа беше станбена зона, која поради некоја причина стана собиралиште на мајстори на машини за пишување. Кон крајот на деценијата се „преквалификуваа“ за поправки во ИТ индустријата. Со доаѓањето на Глобалниот систем за мобилни комуникации (GSM) во Нигерија во 2001 година, овој пазар експлодираше.

Мултинационалните компании кои нудат услуги базирани на GSM не можеа да се натпреваруваат со постојаните трговци на Отигба, ниту со нејзината нова индустрија за поправка и надградба на компјутерски хардвер и софтвер. Ова е причината зошто малите претприемачи во Отигба успеаја да ја задржат високата технологија во 

, како бизнис кој се одвива на улиците и пазарите, а не во мултинационалните корпорации.

Иако селото е нерегулирано, има свои занаетчиски и трговски здруженија, внатрешна администрација, па дури и сопствен образовен систем. Уличната ИТ индустрија функционира на меѓусебна соработка, во која се подразбира дека поискусните претприемачи земаат ученици. Кога овие млади мажи и жени „дипломираат“, тие започнуваат сопствен бизнис и потоа самите преземаат ученици за да го пренесат своето знаење.

Извор: Бизнис и финансии