Само 9.999 граѓани и компании се подновиле со нови автомобили, купени преку дилерски компании во изминатата 2023 година, покажуваат статистичките податоци на Царинската управа.  
Математички, ова се 1.209 нови автомобили повеќе во споредба со 2022 година. 

Сепак, бројките се прилично ниски ако се земе во предвид бројот на увозени половни или употребувани возила. 

Во изминатата година, во Македонија влегле 33.213 половни автомобили на автоплацевите во државата. Тоа претставува трипати повеќе од ново увезените возила. И покрај што увезените возила се веќе амортизирани по отприлика 10 години, тоа не е проблем за македонските граѓани да се одлучат на поефтината варијатна, сходно со нивната финансиска моќ, велат експертите. 

Во 2023 година, и физичките и правните лица купиле 47.050 патнички возила. Во споредба со 2022 година, табелите од Царинска управа покажуваат дека биле набавени 8.790 нови автомобили и 23.381 користени автомобили. Односно, тоа е вкупно 35.458 возила што е за 11.592 помалку од 2023 година.

Ако се погледнат табелите по месеци, во јуни 2023 година биле набавени најголем број бозила, односно 1.009. 

Според Светска банка, во земјите со низок и среден приход, многу домаќинства имаат стари автомобили, воопшто немаат автомобили, главно користат јавен превоз или пешачат, трошат релативно малку на транспорт бидејќи не можат да си дозволат гориво. Ситуацијата е обратна во земјите што граѓаните стануваат побогати.

Инаку, тука некаде се и бројките кај товарните моторни возила. Во 2023 биле продадени 1.202 нови камиони и 2.355 половни товарни возила, односно двојно повеќе. 

Најниски се бројките кај увозот на патнички автобуси и минибуси. Домашните агенции и компании за транспорт на патници во нивниот возен парк набавиле само 17 нови автобуси и 264 употребувани.