-Приходите од продажбата во 2023 година се зголемени за 1,2 насто во однос на претходната година и се во износ од 193,4 милиони евра. Според неревидираниот финансиски извештај „Телеком“ во рамки на приходите од основниот бизнис бележат раст од 4,3 проценти кај мобилните услуги, додека во фиксниот сегмент има раст од 3,5 отсто, стои во неревидираниот финансиски извештај, што Македонски Телеком го објави на СЕИ-нет на Македонска берза.

Мобилни говорни и неговорни услуги

Според интерните проценки, на пазарот на мобилната телефонија „Македонски телеком“ има удел на паѕарот од 48,2 отсто. На крајот на 2023, располагаат со база од 1.281 илјада претплатници, што претставува раст од еден процент во однос на претходната година.

Приходите од говорните и од неговорните мобилни услуги во доменот на малопродажбата бележат раст од 3,8 насто во однос на2022 година, што првенствено е засновано на поголемиот број пост-пејд претплатници и на приливите од роамингот. Во големопродажбата, пак, приходите од говорните услуги се намалени за 3,1 отсто.

Како што е наведно во извештајот, компанијата од комбинираниот ARPU, односно просечниот приход по корисник од говорни и неговорни услуги бележи зголемување од 1,6 насто во споредба со 2022 година, достигнувајќи 378 денари.

Македонски Телеком ја има и водечката позиција на пазарот на фиксни говорни услуги со  228 илјади корисници, односно држи 61,9 проценти од пазарот и раст на приходите од 1,7 насто.

За една година вкупниот број на пристапи кон широкопојасниот интернет е зголемен за 3,2 проценти – од 226,6 илјади во 2022 на 233,8 илјади минатата година. Притоа, има и 3,5 насто повеќе претплатници – 210,5 илјади. Уделот на пазарот на широкопојасен интернет на крајот од 2023 е 49,6 отсто.

Инвестициите во оптичката мрежа резултирале со над 314 илјади пристапи до оптика, што е за 14,6 проценти повеќе во однос на 2022 година.

И понатаму лидер на ТВ пазарот 

Во однос на ТВ пазарот, Телеком има лидерска позиција со 34 отсто удел од вкупниот телевизиски пазар. IPTV услугата (дигитална телевизија преку Интернет протокол) на крајот на 2023 година оствари зголемување на бројот на корисници за 1,8 проценти што резултираше со база од 150,4 илјади корисници на крајот на минатата година.

Со тоа приходите од малопродажен интернет имаат раст од 13,6, а од дигиталната телевизија преку IPTV се намалени за 5,8 отсто.

На страна на трошоците , лани зголемени се само расходите поврзани со вработените – за 9,4 насто, додека кај сите други е регистрирано намалување.

Вкупните капитални инвестиции (CAPEX), на крајот од 2023 година изнесуваат 2.628.214 илјади денари.

Како резултат на горенаведените движења на страната на приходите и трошоците како и финансиските приходи и расходи, нето добивката за 2023 година е зголемена за 38,7 проценти во споредба со претходната година и изнесува 2.080.351 илјади денари.

Очекувањата на „Македонски телеком“ се и дека и понатаму ќе се задржи позитивниот тренд, односно добивката ќе се зголемува како резултат на растот на приходите од основниот бизнис.