Скопје и неговите жители живуркаат на горештините. Јавните фонтани ретко да се во функција, а кога станува збор за водата - скопјани во главниот град се ограничени и кога станува збор за разладување и капење во базени.
„Не можам да разберам, главен град да нема што да им понуди на жителите за да
преживеат топлотни бранови. Ние постарите можеби и не би отишле на базен,
меѓутоа со сопругот бевме чести посетители на езерото Матка. Сега и тоа го
нема“, вели 56-годишната скопјанка Весна И.
Летната сезона е на прагот, а на скопјани не им останува голем избор за тоа каде
ќе избегаат од жештините. Со доаѓањето на летото и пеколните температури,
скопјани се соочуваат со ограничен избор за разладување – некои базени се
санираат, додека други капацитети пак се заборавени или со мал капацитет.
Од спортскиот центар „Борис Трајковски“ изјавија дека базенот не работи од 22
април поради оштетување на покривната конструкција. Постои процедура за
санирање, но базенот нема да биде отворен сè додека не се завршат сите
технички работи. Аквапаркот пак, не функционира веќе втора година по ред,
поради истечени гаранции на дел од опремата и ненавремена конзервација.
Езерото Треска во Ѓорче Петров веќе неколку години е нефункционално и има
статус на мочуриште. Засега, локалните власти не излегле со конкретно решение
за неговото евентуално возобновување.
Во моментов, единствените оази во жешката престолнина за разладување се
олимпискиот базен „Центар“ и базенот Аеродром.

Од 11 јуни, летната тераса ќе биде отворена за сите љубители на капењето на
базенот во Центар. Рекреативците во јуни ќе можат да го посетуваат базенот од
7:00 до 15:00 часот попладне, како и навечер од 20:30 до 23:00 часот. Во другиот
дел од денот, тој е зафатен за репрезентативни и клубски активности.
Во јули, распоредот може да се прошири, а сите информации ќе бидат достапни
на билетарницата и на веб-страницата на базенот.
За посетителите ќе биде достапна и летна тераса со бесплатни лежалки и чадори,
како и шанк за освежителни пијалоци и грицки. Влезниците за дневна рекреација изнесуваат 500 денари, а за ноќна 600 денари, со можност за купување на месечни припејд карти.
Надвор од централното градско подрачје, пак, постојат вили и викендици со
базени, но, за нивно изнајмување, мора да се одвојат и повеќе пари. Во секој
случај, тие нудат помал капацитет.
Но, не е само недостатокот на базени за разладување. Јавните чешми во Скопје
често остануваат неми сведоци на „жедните минути“ на граѓаните. Иако во
главниот град има околу 250 јавни чешми и фонтани, многу од нив се само украс
на улиците, без да капне ниту капка свежа вода.
Еден таков пример е во епицентарот на градот, во паркот Жена борец, каде
чешмата на функционира.
Оваа ситуација ги принудува скопјани да бараат спас во продавниците, каде
најмало шише со вода е 30 денари, додека јавните чешми остануваат суви, како
симбол на занемарување во гаснењето на жедта.