* На денешен ден, 18-ти септември 2002. година, Вашата другарка од детство Маргита Стефановиќ, замина од овој суров свет, на некое поубаво место. На што обично се сеќавате на секоја тажна годишнина, без Маги?

– Последниве три години најчесто се сеќавам на разговорите кои ги водевме за нашите родители. Откако, во рок од еден месец, загубив и татко и мајка, во годините кога тоа е природно, но, сепак, непреболно, секојдневно се сеќавам на реченицата на Маги: „Ми недостасуваат родителите“. И, како дури сега да ги разбирам сите нејзини трогателни страници од дневникот, што нив им ги има посветено.

Маги многу рано стана свесна на човечката невозможност на вистинска емпатија. Уште бевме деца кога во едно писмо ми напиша: „Никој не разбира она што не чувствува…“ Со години се уверувам во точноста на таа мисла, во разни прилики, па и по повод смртта на нашите родители. Таа, мајката ја загуби на 29, таткото на 37 години. А родителите се незаменлива потпора, како стариот даб, околу кого се обвиткува бршлен во еден од романите на Агата Кристи… „Што се случува со бршленот кога дабот ќе падне, околу кој беше обвиткан? (…) Можеби ќе собере сила. Можеби и ќе свене…“

* Две свои книги Вие и ги посветивте на Маги, на дружењето со неа – „Osećanja. O. Sećanja“ и „Post Scriptum“. Дали во нив кажавте се што имавте за тоа вечно пријателство, или, сепак, некои чувства и сеќавања оставивте само за себе?

– Секако, не е се кажано. Многу работи оставив само за себе. Пред се – нашите интимни разговори кои ги водевме во тинејџерски години, како блиски пријателки, а потоа и покасно, во текот на последните години од нејзиниот живот, кои се однесуваа за други луѓе и нивните судбини. Некои мене ми забележуваа дека во книгите објавив податоци за болеста и за смртта на Маги. Меѓутоа, со оглед дека тоа веќе беше обелоденето, од што всушност таа почина, немаше причина тоа да го кријам. Освен тоа, не разбирам, зошто се смета дека е достоинствено да се почине од срце или од канцер, а дека е срамно да се почине од последиците од AIDS?!

* Можете ли да замислите како некој како Маги би се снашол во овој суров денешен свет?

– Светот за кој сонувавме беше оној од нашата омилена песна „Imagine“ на Џон Ленон. Сигурна сум дека тешко би се снашла во овој наш, современ свет, кој веќе и не е наш. Не се снаоѓаше ниту во оној, кој го напушти пред две децении… Луѓе како неа, кои со своето раѓање го добија кобниот дар од небото, како што е чувствителност, водат борба и со себе, и со светот, се додека можат. А, кога ќе ја воочат илузијата на таа битка, истапуваат од него…

* Кога се зборува за „Екатарина Велика“, обично се зборува како за бендот на Милан Младеновиќ. Сметате ли дека Маги во целата приказна е запоставена? Како да го нема добиено за заслуженото место…

– Точно е дека на Маги и е направена неправда по прашање на признавање за нејзиниот значај, влијание и авторство, како и местото во бендот. И овие денови, по кој знае кој пат, во еден текст ја воочив реченицата, во која се цитираат „познати стихови на Милан Младеновиќ: ‘Ово је земља за нас‘… А песната „Земја“, всушност, е песна на Маги. Вакви примери има безброј…

Меѓутоа, за утеха е тоа што последниве години се почесто се појавуваат текстови на компетентни луѓе, соработници на ЕКВ, музичари, новинари, уредници, сниматели, колеги…, во кои се обрнува внимание на исклучителен значај на Маргита, нејзината голема улога и немерлив придонес за идентитетот на бендот.

* Пријателите и фановите секоја година ги обележуваат датумите на раѓање и смртта на Милан и Маргита. Дали и Вие, на некој начин, годинава ќе учествувате во тоа?

– Деновиве ќе излезе 5-то издание на книгата „Osećanja. O. Sećanja“, која вој пат ќе ја објави „Zepter Book World“. Освен тоа, на белградскиот саем на книгата (кој традиционално се случува кон крајот на октомври), ќе биде објавена уште една книга во чест на големите ЕКВ… Во издание на „Макарт“ ќе биде претставена книгата која јас ја подготвив, со наслов „Сав мој бол“ („Сета моја болка“). Таа претставува панорама на литературни дела, текстови од весници, книжевно-научни трудови и фотографии посветени на Маги, Милан и ЕКВ…

Околу 50-ина автори од целиот регион, познати уметници, поети, раскажувачи, писатели, новинари и музичари, сведочат во своите дела за трагата на „Екатарина Велика“, на членовите на групата и музиката, која тие ја оставија во уметноста и во пишаниот збор. Во осум поглавја, насловени според стиховите од песните на ЕКВ, собрани се приказни, песни, делови од книги, есеи, текстови, писма, како и стручни дела од разни области, кои им се посветени на членовите на ЕКВ.

Наместо планираниот, а никогаш снимен албум „Заедно“ на ЕКВ, во оваа збирка на дела, сите ќе се најдат заедно, кои на достоинствен начин и со свои зборови ќе ги овековечат сеќавања на „Екатарина велика“, нејзината музика, и на музичарите.