Извозот на македонски производи во 2025 година преку продажната мрежа на Лидл достигна 15,5 милиони евра, што е јасен показател за извозниот потенцијал на домашните производи и можноста за пласман на европските пазари што ја нуди Лидл. Ова претставува огромен раст, во споредба со 5 милиони евра извоз во 2024 година и 570 илјади евра во 2023 година, се вели во соопштението до медиумите од компанијата. 

Од Лидл посочуваат дека странските пазари најголем интерес покажаа за трпезното грозје, од кое беа реализирани приходи од 3,3 милиони евра, а имаше најголем пласман во Полска. Одлични резултати имаше и од извозот на јагнешко месо во Бугарија, чија продажба донесе прилив од 2,2 милиони евра. 

Дека свежото овошје и зеленчук се еден од домашните извозни адути покажа податокот според кој од вкупниот износ од 15,5 милиони евра, во минатата година беше реализиран извоз од 5 милиони евра. Преку мрежата на Лидл се извезени 15 вида од овие земјоделски култури, од преку десет добавувачи. Петте најизвезувани производи беа грозје, зелка, пиперка, моркови и домати, кои одлично поминаа во Бугарија, Германија, Романија, Полска, Словачка, Србија, Чешка и други земји. Во рамки на редовниот извоз од 7 милиони евра доминираа конзервираните производи, со остварени продажби во странство од 5,8 милиони евра, по што следуваат кондиторските, млечните производи, како и виното и пијалаците.

„Постои голем потенцијал за извоз на македонските производи. За нас во Лидл е успех што можеме да ги поддржиме и да бидеме мост за македонските производи кон европските пазари. Постојано соработуваме со производители од земјава и сме особено горди што на десетици компании можеме да им помогнеме во процесите на сертификација, зголемување и унапредување на капацитетите за производство и да овозможиме извоз на европските пазари“ изјави Стефан Георгиев, комерцијален директор на Лидл Северна Македонија.  

Преку иницијативата „Македонска недела“, Лидл во претходните две години организираше 22 промоции во маркетите во Бугарија, Словенија, Србија и Хрватска, со понуда на над 70 македонски производи од 17 добавувачи и над 2.200 палети производи, правејќи ги многу повидливи и препознатливи за странските потрошувачи. 

„Лидл“ се позиционира како сериозен и значаен партнер на македонската економија, со мерливи резултати во извозот на домашни производи и конкретна поддршка на домашните компании. Со отворањето на маркети низ целата земја компанијата очекува зајакната соработка со домашните производители, со цел на потрошувачите да им понуди широк спектар на квалитетни производи по пристапни цени, се вели во соопштението до медиумите.

„Лидл“ не е започна со продажба во Македонија поради одолговлекување во изградбата на логистички центар и продавници, и покрај раното купување на парцели и основање на фирма во 2021 година.

Компанијата купи земјиште во Горно Коњаре кај Куманово за логистички центар (17 хектари за 5,3 милиони евра) и парцели во Битола, Штип, Гази Баба, Тетово, Кичево, Кавадарци и Велес, но градењето напредува бавно. Почната е изградба само во Битола, додека за другите локации се подготвуваат терени, но без конкретни рокови поради административни и логистички предизвици. Од слични причини Lidl доцни и во Косово, БиХ и Црна Гора.

Неофицијално, првите продавници се предвидени за 2026 година, по целосно завршување на логистичкиот центар и мрежата од седум до десет објекти. Ова одложување е типично за влезот на „Лидл“ на нови пазари во регионот, каде приоритет е сопствената инфраструктура пред продажбата.