Дигиталните вештини каскаат, дигитализацијата ита. Граѓаните ги користат социјалните медиуми како сервис за да остварат некаква цел. Заштитата на личните податоци потекнува првенствено од самите себе, како вештина и капацитет. Но, за максимално да се самозаштитат, треба да ги зајакнат и дигиталните вештини.
Сајбер – криминалот во последните неколку години е тренд, а најголемото „богатство“ се личните на податоци или сетови на податоци кои можат да покажат одрдена категоризација на луѓе, профили и се’ она што може дополнително да се злоупотреби. Во минатото, како таков пример го посочува „Кембриџ аналитика“, во контекст на изборен процес, случај во кој беа собрани личните податоци на луѓето и подоцна се профилираа на одредени целни групи.

Меѓу ризикот од недоволна информираност за ризиците до сајбер – жртви
Секој втор Македонец ја наведува злоупотребата на личните податоци како причина која најмногу ги загрижува при користењето на интернетот како и недоволната информираност за ризиците од сајбер – криминалот. Граѓаните како доминантен извор за информирање за сајбер безбедноста го практикуваат интернетот, а огромен е процентот на Македонци кои не знаат или сметаат дека не постои веб страница, адреса или број во државата каде можат да пријават сајбер – криминал и нелегални интернет активности. Само една третина од испитаниците смета дека може доволно да се заштити од сајбер – криминал. Околу 15%, пак, се изјасниле дека биле жртви на сајбер – криминал или онлајн вознемирување.

Овие резултати од испитување на јавното мислење се дел од извештајот на Агенцијата за електронски комуникации и Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти МКД – ЦИРТ, кои спроведоа теренска анкета на 1 400 граѓани во врска со сајбер – безбедноста.
Анкетата покажува дека безбедноста на интернет е поголема кај помладите генерации и оние со повисок степен на образование. Праксата, пак, според пријавите во институциите – МВР и Дирекцијата за заштита на личните податоци, покажува дека најлесна мета на измами се постарите луѓе.
„Ќе треба време да помине за времето на дигитализација и дигиталните вештини да ги услогласуме. Ние одиме напред со дигитализација на одредени услуги, но дигиталните вештини, дигиталната писменост е на многу пониско ниво. Треба да има комплетен механизам за пријавување на ваквите инициденти. Каскаме како со формалното, така и со неформалното образование, од една страна во делот на објаснување на што значи дигитализацијата како процес, колкава е нашата улога и како поединци и како организации, но, и кој и каква улога има како институции во рамки на спроведување на кампањи за зголемена свесност“, коментира Лилјана Пецова – Илиеска, експерт во областа на заштитата на личните податоци.
Како граѓаните да направат проверка за да се уверат во вистинитоста на Фејсбук – страниците кои ги мамат да им ги споделат личните податоци?
Во принцип, страниците кои спроведуваат лажни наградни игри ги следат едвај стотина луѓе и тие се нови, без никакви други постови. Наспроти нив, официјалните фан пејџови на големите брендови се следени од стотици илјади граѓани и имаат многу подолга историја на објави. Дополнително, „Фејсбук“ страниците на компаниите имаат сина значка до името, која потврдува дека се работи за оригиналната страница, гарантира дека истата е верифицирана и припаѓа на соодветниот бренд. Ако сметаат дека е потребно, граѓаните е пожелно да ја контактираат и компанијата.
Генерално, овие параметри ги користи и Фондацијата „Метаморфозис“ која во соработка со „Фејсбук“ ги проверува и ги оценува лажните наградни игри како невистинити. Измамите претходно биле во помал обем, но, сега, се повеќе стануваат масовни и измамите се прават на поголемо, индустриско ниво.