Македонија е лидер во зелената енергетска трансформација во Западен Балкан. Нашата држава оваа позиција ја понесе со усвојувањето на Националниот план за енергија и клима. Во таа насока Cеверна Македонија е првата земја во регионот која што прави енергетска транзиција на една термоелектрана во капацитет кој ќе произведува електрична енергија со фотоволтаици, беше посочено на почетокот на дводневниот Македонски енергетски форум 2021: „Мапирање на енергетската иднина” (МЕФ).

„Македонскиот енергетски форум 2021“, од иницијатива за зајакнување на дијалогот помеѓу Северна Македонија и Соединетите Американски Држави за теми поврзани со енергетиката, денес прерасна во значаен собир на креаторите на енергетски политики, лидерите на енергетските компании, професионалци и еминетни личности од областа и докажани експерти за енергија од обновливи извори. Главната тема на годинашнава конференцијата е имплементација на „Зелениот договор“ на Европската унија, со кој се предвидува до 2050 година да се постигне целокупната енергија да доаѓа од обновливи извори.

Mапирање на енергетската транзиција


Оваа година темите на МЕФ Енергетскиот форум се фокусирани кон мапирање на енергетската транзиција и ги опфаќаат клучните предизвици на секторот енергетика не само за македонската држава, туку и за регионот и целиот континент, кои се однесуваат на Зелената агенда, екологијата и заштитата на животната средина.

-Ние сме земја на сонцето, тоа сите го знаеме, за жал во минатото истото не било искористено соодветно, меѓутоа сега во последните три до четири  години, во фаза на градба се веќе 60 мегавати на фотонапонски електрани по пат на премиум тарифи, и 100 мегавати во Осломеј по пат на јавно приватно партнерство кој ќе го заменат РЕК „Осломеј“.Досега, додаде, во севкупните намери за инвестиции и отпочнати од почетоци на разговори имаме покриеност околу 1.500 мегавати фотонапонски централи за коишто интензивно се разговара за дел од нив е готова и документацијата и повеќе од 550 мегавати ветерници во државата. За праведна енергетска транзиција посочи дека очекуваат помош од ЕУ и Енергетската заедница, нагласи премиерот во поздравното отворање на конференцијата, подробно осврнувајќи се на активностите кои се спроведуваат од измени на легислативата до активности на терен.

Агим Селами, директорот на ЗИП Институтот посочи дека четвртиот енергетски форум ќе биде насочен кон енергетската иднина на регионот и ќе ја мапира енергетската иднина на земјите од Западен Балкан и додаде дека се покажа оти соработката ќе биде главен двигател во иднина.

„Ќе заборуваме за напуштање на јагленот како начин на греење. Знам дека тоа е прилично тешко зашто зависиме од јагленот, но климатските промени влијаат на нашиот секојдневен живот и затоа треба да зборуваме за достапни и чисти извори на енергија. Затоа сакаме да ја зголемиме свесноста на граѓаните за овие прашања“, рече Селами посочувајќи дека важен ресурс во енергетската транзиција е природниот гас.

Зелен договор, чија цел е за една декада да се постигне намалување на емисиите од 50 проценти. Треба една генерација за да се стигне до нула емисии од јаглерод, а тоа е до 2050 година“, рече Гир.

Стратегијата за развој на енергетиката до 2040


Досега во севкупните намери за инвестиции и отпочнат процеси на разговори имаме покриеност од околу 1.500 мегавати фотонапонски централи за кои интензивно се разговара  и над 550 мегавати ветерници во државата. Се надеваме дека голем дел од тоа ќе биде успешно реализирано.

- На панел сесијата насловен „Придонесот на Западен Балкан кон Зелениот договор на Европската унија“  на Форумот говореше и Министерот за економија. Тој образложи дека политиките на Министерството за економија во областа на енергетиката се фокусирани на енергетската транзиција, енергетска ефикасност и заштита на животната средина. Се наврати дека за таа цел  е донесена Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 која што предвидува намалување на потрошувачката на енергија за 27 отсто,  но при истовремено зголемување на БДП и зголемување на учеството на обновливи извори на енергија од сегашните 18 на 45 проценти во 2040 година. Според него стратешкото планирање на политиките и идните чекори ќе допринесат за навремено и правилно постигнување на зацртаните цели.

-Северна Македонија е прва држава што изработи Национален план за енергија и клима кој опфаќа декарбонизација, енергетска ефикасност, безбедност во снабдувањето со енергија, внатрешен пазар на енергија и истражување, иновации и конкурентност кој ќе биде донесен во октомври оваа година“, кажа министерот Бектеши и додаде дека Северна Македонија е лидер меѓу земјите Договорни страни на енергетска заедница со изготвувањето на овој план.

Министерот потенцираше дека енергетската транзиција поттикнува намалување на стакленичките гасови поради што се размислува за затварање на термоцентралите во земјата, но и изградба на нови хидроцентрали, гасни централи и зголемени инвестиции во изградба на фотонапонски централи.

„Министерството за економија во 2019-2020 година успешно спроведе тендерски постапки за доделување на право на користење на премија за изградба на фотонапонски централи на државно и приватно земјиште за вкупен инсталиран капацитет од 62 MW, по што беа склучени вкупно 35 Договори за право на користење на премија.

Досега се изградени четири фотонапонски електроцентрали на приватно земјиште со инсталиран капацитет од 2,5 MW. Минатиот месец беше објавен нов Јавен оглас за доделување на договор за право на користење на премија за електрична енергија произведена од фотонапонски електроцентрали на приватно замјиште за вкупен инсталиран капацитет од 80 MW и истиот е отворен до 05.10.2021 година“ кажа министерот и потенцираше дека покрај ова Владата даде согласност за изградба на две фотонапонски централи по принцип на јавно-приватно партнерство со вкупен инсталиран капацитет од 100 MW и ќе се градат на постојната инфраструктура на ТЕЦ Осломеј.

Гасификацијата на Македонија е уште еден клучен момент за енергетската транзиција и диверзификација на енергетските ресурси


„Во моментов има еден прекуграничен гасовод со Бугарија, имајќи ги предвид целите за намалување на емисии на стакленички гасови и ЕЕ, како и за подобување на сигурноста во снабдувањето со конкурентни цени, целта на Македонија е да се спроведат проектите за изградба на гасоводи на природен гас кон Грција, Косово и Србија. Преку гасоводот кон Грција, Македонија може да пристапи до Трансјадранскиот гасовод преку грчкиот преносен систем (DESFA), кој носи природен гас од Каспискиот регион во Европа, но исто така ќе овозможи пристап до светските пазари и на ТНГ преку Грција. Се очекува овој проект да овозможи пристап до ликвидни пазари и да го стимулира влезот на трговци на природен гас на македонскиот пазар. Ова ќе овозможи поголема конкуренција и пазарно поставени цени на природниот гас што ќе обезбеди одржливост на секторот, со конкурентни цени. Во моментов, проектот е во фаза на финализирање на меѓусебната физибилити студија по што треба да следи поднесување на апликација за финансирање и започнување со изградбата“ кажа министерот и додаде дека гасоводот кон Србија и Косово може да обезбеди дополнителен алтернативен извор и можност за транзит.

Директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Јанез Копач  упати честитки за позитивниот исчекор напред направен во изминатиот период посочувајќи дека земјата бележи напредок во однос на енергетската трансформација ,а исто така позитивно беа оценети досегашните реформски процеси во поглед на потребната законска усогласена регулатива во насока на понатамошно следење на новите трендови од ЕУ.

„Сеопфатен пристап на транзицијата кон чиста енергија“


Главната тема на конференцијата, имплементација на „Зелениот договор“ на Европската унија, со кој се предвидува до 2050 година да се постигне целокупната енергија да доаѓа од обновливи извори продолжи и на вториот панел посветен на „Сеопфатен пристап на транзицијата кон чиста енергија“.

-Но, за да го реализираме успешно овој процес не е доволно да имаме само цел, неопходно е да имаме и план и тоа на две нивоа, технички и финансиски, истакна Штефан Петер, претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија.

Според него,- ако сакаме да ја исполниме оваа цел и да ги имплементираме чекорите за транзиција на енергетскиот систем кон принципите на „Зелениот договор“, покрај прецизен технички и финансиски план, потребна е и подготовка на мрежата, која е стара повеќе од 100 години и нема можност за двонасочност, со што енергијата само се испорачува до корисниците, но тие не можат да ги вратат и продадат вишоците што ги создаваат.“

Покрај другото во рамките на своето излагање, Петер подвлече: „Транзицијата кон енергија добиена од вода, сонце и ветар е важен процес, за кој требаат сериозни финансиски средства и уште веднаш треба да почнеме да работиме на соодветно информирање за сите аспекти од овој сложен процес, бидејќи цената за неговата реализација ќе ја платиме сите. Притоа треба да внимаваме и на создавање на систем кој ќе се базира на балансирана енергија, бидејќи неопходна ни е континуирана одржливост. Имено, јас сакам да готвам и да гледам ТВ и кога не дува ветар, а за тоа треба да се обезбедат балансирани извори на енергија“.

Имајќи го предвид искуството на ЕВН во повеќе земји, компанијата веќе реализираше неколку проекти кои создадоа солидни предуслови за оваа голема транзиција. Компанијата работи на зголемување на свеста за енергетска ефикасност, а е една од првите компании која создаде инфраструктура за поголемо користење на електричните возила во земјата. ЕВН изгради систем на 50 електрични полначи, кои овозможуваат поголема електро мобилност во земјата.

Покрај Петер, на панелот насловен „Сеопфатен пристап на транзицијата кон чиста енергија“ зборуваше и генералниот директор на „ЕСМ“ Васко Ковачевски, кој ги престави проектите за користење на обновливи извори на енергија со што ќе се придонесе кон исполнување на критериумите на „Зелениот договор“, а на долг рок ќе ѝ обезбеди на земјата енергетска независност.

Директорот на МЕПСО зборуваше за реализираните и планирани проекти во делот на транзитната високонапонска инфраструктура и поврзувањето со соседните земји, во насока на градење на поголем број на енергетски коридори.

Во рамките на форуот  третиот панел беше посветен на „Природниот гас како транзиционо гориво кон спроведување на Зелениот договор на ЕУ“.

Денес форумот продолжува со панели на следните теми: „Локалните влади како двигатели на климатската отпорност“. Потоа, „Иден развој на обновливи извори на енергија во регионот“ и „Зелени финансии и достапни инструменти за финансирање (поддржано од Прокредит банка).

Форумот традиционално се одржува четврта година по ред во организација на ЗИП Институтот, Владата и Амбасадата на САД во земјата.

Инаку, на дводневниот „Македонски енергетски форум 2021: Мапирање на енергетската иднина“, покрај премиерот, воведни обраќања на Форумот имаа и американската амбасадорка во земјава Кејт Мари Брнз, шефот на Делегација на Европската Унија во Скопје, Дејвид Гир и директорот на ЗИП Институт, Агим Селами.

М.Б