По бурната 2023 година, која беше одбележана со висока инфлација и со вртоглав раст на цените на храната, првите месеци од оваа година покажуваат стабилизација и намалена инфлација. Токму во таа насока Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на вчерашната седница оцени: „Домашната инфлација забавува и во февруари 2024 година се сведе на три проценти на годишно ниво, при значително намален притисок од цените на храната и енергијата, но и пониски ценовни притисоци од помалку променливите категории, во согласност и со преземените монетарни мерки.“
Според Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, сигналите од анкетите за инфлациските очекувања на потрошувачите исто така се поволни, односно во февруари веќе преовладуваат очекувања за намалување на цените во следниот период. Стапката на инфлација во февруари е блиску до онаа во еврозоната. Цените на примарните производи на берзите и натаму надолно се приспособуваат, а воедно и прогнозите за следниот период се надолно ревидирани.
Остварувањата кај инфлација од почетокот на годината се пониски од очекувањата, но нивото сѐ уште е над историскиот просек, а ризиците во однос на идната динамика на цените и натаму постојат. Имено, сѐ уште отсуствува поизразен пренос на берзанските движења врз домашните цени кај храната, а постои и неизвесност поради актуелните воени конфликти, како и поради престанокот на привремените мерки за дел од домашните прехранбени производи. Оттука, беше оценето дека е потребна натамошна претпазливост при водењето на политиките, вклучително и на политиките што делуваат врз побарувачката во економијата.
На ваквото стабилизирање и намалување на инфлацијата и кумуваа пред сѐ владините мерки за гарантирани цени на прехранбените производи и субвенционирањето за електрична енергија кај ранливите категории и секако зголемувањето на минималната плата.
Индекси на трошоците на животот и на цените на мало, февруари 2024 година
Според податоците од Државниот завод за статистика, инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во февруари во однос на јануари 2024 година, изнесува 0,4 отсто.
Зголемувањето на инфлацијата во февруари во однос на јануари годинава, е резултат на зголемувањето на трошоците на животот во следните групи: транспорт за 1,6 отсто, разновидни стоки и услуги за 0,8 отсто, храна и безалкохолни пијалаци за 0,5 проценти, мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата, здравје за 0,4 отсто.
Мало померување има и кај категоријата домување, вода, електрика, гас и други горива, алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 0,2 проценти.
Во февруари годинава, во однос на јануари, намалување на трошоците на животот е забележано во следните групи: облека и обувки за 0,3 отсто, рекреација и култура, ресторани и хотели за 0,1 отсто.
Трошоците на животот во групите: комуникации и образование остануваат на исто ниво како и во претходниот месец.
Индексот на цените на мало во февруари во однос на јануари 2024 година изнесува 100,3.
Индексот на трошоците на животот во февруари 2024 година, во однос на февруари 2023 година, бележи зголемување од 3,0 отсто, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 2,7 проценти.
Во регионот
Помала стапка на годишна инфлација во регионот од Северна Македонија имаат само Албанија со 2,6 отсто. И Босна и Херцеговина, која воедно има најниска стапка на инфлација во регионот. Всушност во БиХ во јануари оваа година година инфлацијата изнесува 1,96 отсто на годишна основа.
Србија и натаму е рекордер во регионот по годишна стапка на инфлација. Според последните податоци објавени во земјите од регионот, Србија е на прво место со годишна инфлација во февруари од 6,4 отсто.
Според српскиот завод за статистика, цените на производите и услугите за лична потрошувачка во февруари во однос на јануари 2024 година се во просек повисоки за 0,6 отсто.
Потрошувачките цени пак, во февруари оваа година во однос на истиот месец од претходната година се повисоки за 5,6 отсто, додека во однос на декември 2023 година се во просек повисоки за 0,9 отсто.
Зад Србија следи Црна Гора со годишна инфлација од 4,4 отсто (според податоци за јануари 2024 година), потоа Хрватска со 4,1 отсто и Словенија со 3,4 отсто.