Стопанството е директно изложено на енергетската криза- енергетскиот пазар е надвор од контрола. Ценовниот притисок што го предизвикуваат рекордните вредности на енергенсите, а посебно на струја на берзите претставува закана за опстојувањето на најголем дел од компаниите, истакна претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, Трајан Ангелоски на денешната прес конференција. Тој нагласува дека цената на струјата мора да се ограничи и компаниите да ја плаќаат до одредено ниво, а над тоа државата треба да го субвенционира од своите фондови.

„Во глобални рамки енергетскиот отворен пазар е надвор од контрола. Не постои производ или услуга која може да поднесе цена на струја од 600 или 700 евра за мегават час, односно не постои компанија која можe да го покрие овој трошок без многу сериозни последици. Покрај тоа домашните производи со овие цени на електричната енергија се целосно неконкурентни на надворешните пазари, бидејќи во соседните земји струјата се продава по цени кои се движат помеѓу 50 и 85 евра за мегават час. Слободниот енергетски пазар не треба да значи и пазар без никаква контрола,“ истакна Ангелоски.

ССК смета дека ЕЛЕМ мора да обезбеди дополнителни количини на енергија од домашно производство за слободниот пазар и на овој начин да изврши одреден позитивен притисок за намалување на енормно високите цени. Исто така и да не се дискриминираат компаниите кои се наоѓаат на слободниот пазар во однос на оние на регулираниот.

-ЕЛЕМ мора да го зголеми производството, во овој момент не сме убедени дека го има достигнати максимумот и да почне да продава струја на пазарот што позитивно ќе делува за намалување на цената, наведе Ангелоски.

Тој ги претстави предлозите на ССК за помош на стопанството кои се неопходни за да може да се зачува ликвидноста на претпријатијата и нивната деловна активности. Без државна помош македонската економија ќе доживее колапс, ќе се затворат многу компании.

„Цената на електричната енергија мора да се ограничи на одреден начин, односно до одредено ниво да ја плаќаат компаниите, a над тоа ниво да ја плаќа владата преку фондовите наменети за енергетска кризна состојба. Ваков тип на субвенции постојат во повеќе европски држави.

Во ваква кризна состојба треба да се овозможи побрзи процедури за поставување фотоволтаици, односно ЕВН да дава енергетска согласност во рок од седум до десет дена, а останатата документација да се обезбедува во период од 120 дена. Нелогично е да се бараат 24 документи само во Регулаторна комисија и да се плаќаат 500 евра непотребни давачка на секое барање, смета Ангелоски.

Се истакнува и барање за укинување на ДДВ за фотоволтаици и опрема за монтажа на фотоволтаици, како и за инвертер клими и агрегати со кои може да се намали количината на енергија која се ангажира за загревање на објектите. Со цел да се дестимулира употреба потребно е да се воведе дополнителен данок за користење на енергетски неефикасни уреди за загревање, а во Скопје и во другите градови каде има можност да се обезбеди бесплатно приклучување на систем на централно греење (парно).

„Претседателот на Сојузот, презентираше и мерки за зголемување на енергетската  ефикасност, меѓу кои се оданочување со повисок данок на стариот тип светилки со вжарено влакно, кои во продавниците треба да се одвојат на посебен рафт и да се обележат како енергетски неефикасни. Потребно е да се реконструираат сите енергетски неефикасни државни објекти со замена на прозорци, фасади и кровови.“

Од Комората предлагаат во Законот на градење да се изврши измена со која при градбата на нови објекти задолжително ќе постои обврска за монтирање на  енергетски ефикасни решенија и фотоволтаици на крововите. Потребно е и да се класифицираат новите градби според степенот на енергетската ефикасност и еден дел од комуналните давачки  да се одредува според  енергетска класа на објектот.

„Ситуацијата во која се наоѓаме во овој момент се должи и на тоа што со години наназад не му се дозволуваше на приватниот сектор да инвестира во енергетиката. Сега е време овој пропуст да се исправи и да се плати неговата цена. Државата да направи конкретен чекор - да излезе и да каже што и колку е таа финансиска помош. По стабилизирање на состојбите приватниот сектор каде се создава додадената вредност во економијата ќе врати за поддршката која ќе ја добие”, порача Ангелоски.