Во последните години, со се' поголемиот пробив на ИТ индустријата во Македонија, секторот постојано бара да регрутира нови кадри за кои не штеди на пари. Покрај приватниот сектор, се почести се и огласите на државните институции кои бараат квалификувана работна сила. Последен таков пример е огласот во Народна банка на Република Македонија, која нуди 52 000 денари за програмер. Со моментот дека прво треба да се докаже на работната позиција пробно, за потоа да добие договор за работа. 

За разлика од државните институции, праксата покажува дека приватните компании нудат поширок спектар на подобри услови за работа. Покрај вработувањето, нудат и постојани обуки, тим билдинзи за тимовите, а со зголемувањето на обемот на работа, со тек на времето добиваат и поголеми плати. Тоа можеби се и клучните причини зошто програмерите се незаинтересирани за работа на државно. Бидејќи таму, платата се вреднува по бодови и нема простор за покачување.  

Дури и според последните објавени фицијални податоци на Државниот завод за статистика, просечната исплатена месечна бруто плата по вработен за ИТ секторот, односно компјутерско програмирање за месец април годинава изнесувала 124 719 денари. Истата е за 2,6 пати поголема од просечната исплатена месечна бруто плата за сите сектори кои изнесувала 47 092 денари. Споредувајќи го месец април од годинава со истиот месец од 2021, платата во ИТ секторот е зголемена за високи 13 насто. 

Дека ИТ инсдустријата мора да се позиционира во стратешките документи за политики како еден од водечките сектори за економски развој на државата, сметаат и од Управниот одбор на ИКТ Комората при Сојузот на стопански комори. Тие неодамна ги разгледуваа актуелните состојни и потреби на компаниите кои функционирааат во оваа сфера.

 „Поради трендот на брз раст и развој на секторот, а со тоа и на зголемување на бројот на деловни субјекти, беше утврдена и потреба за поставување на сертифицирани процедури кои ќе бидат потврда за деловниот бонитет на компаниите во овој сектор. Како и засилена промотивна кампања на успешните компании. Донесовме заклучок дека е потребно повторно да се актуелизира до надлежните институции неможноста целосно да се користи сервисот за плаќње  PayPal, бидејќи сега кај нас преку него може да се плаќа во странство, но, не и обратно. Поради ова се соочуваме со состојба голем број на млади професионалци од овој сектор кои креираат иновативни производи и услуги, да ги дислоцираат визнисите во земјите во соседните држави и оттаму да продаваат онлајн“, велат од ИКТ Комората при Сојузот на стопански комори.  

Нивните следни активности како што велат е во наредниот период поважен акцент да се стави на организирање на повеќе настани за унапредување на соработката и комуникацијата меѓу домашните компании, како и нивно вмрежување со деловни партнери од други држави.

ИТ секторот и образованието

Во тек се и претстојните уписи на факултетите низ државата. Како и секоја година, така и во академската 2022/2023 година најдобро рангираните 10 студенти на Факултетите за информатика ќе бидат ослободени од плаќање на партиципација. Деканката на овој факултет, Цвета Мариновска - Банде, вели дека се анализираат програмите во оваа сфера од Шангајската листа и факултетите од соодветната област во регионот.  

„Индустријата на информатичките технологии претставува најбрзо растечки сектор во Македонската екомомија. Веќе постојат домашни и странски компании кои работат на изработка на софрвери за надворешниот пазар. Имаме и водечки компании кои се во македонска сопственост и генерираат големи профити. Морам да нагласам дека во дел од овие компании работат студенти кои произлегле од нашите клупи. Секаде во светот индустријата на информациските и комуникациските технологии е најмногу доходовна и најмоќна и има најголеми плати. Голем дел од компаниите кои произведуваат работни места на кои ние треба да одговориме“, смета Мариновска - Банде.