И оние малку, три моторни патнички гарнитури - возови кои сообраќаат од Скопје-Гевгелија-Скопје и Скопје -Битола-Скопје не се сигурни, не се придржуваат до возниот ред. Доцнат од половина до два, па и до три часа (се расипуваат по само неколку поминати километри од станиците). И тоа не е единствениот проблем, немаат тоалет, немаат греење, ниту пак „контролирани“ машиновозачи (секоја чест на исклучоци). Неретко „во пет до 12“, како што вели народот- со продадени возни билети - одеднаш штрајк и пак патниците, колатерална штета. Секој си тера своја политика. Па така и оние малку патници кои останаа лојални или пак користат воз од „немајкаде“, секој ден се судираат со нови предизвици- доцнат на работа или се враќаат дома во никое време, студентите и учениците поради попристапна цена, сакале или не се смрзнуваат како и останатите патници, а пак луѓе кои одат на закажан термин во болница, одложуваат.

 

Дали министерот за транспорт се возел со воз?

Револтираните патници прашуваат: Дали министерот за транспорт се возел со воз и дали знае за колку време се вози од Велес -Скопје, а да не зборуваме Битола -Скопје и при тоа да не можете да користите тоалет. Дали генералниот директор  влегол во воз. Дали луѓето кои се на чело на Македонски железници транспорт и Македонски железници -инфраструктура, заедно со својот претпоставен министер воопшто ги разгледале објектите кои се во нивна надлежност (нечисти и распаднати) и машините со кои превезуваат патници. Дали се запознаени воопшто со инфраструктурата и како тоа се нафаќаат на позиции за кои не се свесни дека имаат многу повеќе работа и одговорност отколку да ги исполнуваат партиските обврски (секако ова не се однесува само за оваа гарнитура, Македонски железници со години наназад бираат само политички директори, наместо директори кои ќе понудат каква било развојна програма како да се среди и стави во функција на граѓаните железничкиот сообраќај). Во секој случај состојбите ескалираат- патниците не можат да се воздржат. Неретко, едвај се избегнуваат тепачки. Луѓето доцнат на своето работно место и не само еднаш, затоа што не можат да патуваат со поскап превоз. А гледано од друга страна нели се залагаме за европски стандарди, за еколошки превоз, а токму тоа не може да им се обезбеди на граѓаните.   

Трите моторни гарнитури наменети за превоз на патници од Скопје-Битола-Скопје и Скопје-Гевѓелија-Скопје со попатните станици, ретко стасуваат навреме во одредениот правец. Секојдневно нешто се случува: „Ај задоцнување од 15-тина минути и така некако. Но, тука не се работи само за неколку минутно задоцнување, туку за несигурност дека и кога ќе дојде возот, не се знае дали ќе стигне до Скопје. Минатата недела стигна до станицата „Јане Сандански“ и потоа бевме принудени да чекаме градски превоз, а и самите знаете дека и тие се редуцирани. Па така по половина час дојде 67 и се возевме уште цел час до градот. Но, некогаш возот се расипува на локации од каде нема градски превоз и мора да се чека да дојде друга локомотива да го повлече возот. Како што беше случајот на почетокот на неделава: тргна од Скопје за Гевѓелија во 16:55и по половина час се расипа во Зелениково. Цели два ипол часа се чекаше локомотива за да продолжи. Во Велес стигна во десет минути до 21 часот, а во Гевгелија на полноќ. И тоа трае и трае и никој не се обидува да најде решение за проблемот. Кондуктерите дигаат рамена, и тие трпат. Машиновозачите секој по свое. Повисоките органи незаинтересирани за проблемот. А гледаме дека по светот луѓето претежно користат воз како најевтин и најеколошки превоз“, раскажуваат група револтирани патници.

И тоа не е единствениот проблем. Во возот нема тоалет. Патници кои патуваат од Гевѓелија или Битола минатата недела физиолошките потреби ги извршуваа во природа. Или пак за патници со посебни потреби возот мора да чека на одредена  станица.

Некои машиновозачи ја злоупотребуваат наредбата за ограничување на брзината

Сега патниците сѐ уште повеќе револтирани бидејќи одредени машиновозачи ја злоупотребуваат наредбата за возење со ограничена брзина на одредени делници од патот, па наместо само на посочениот дел возат со 20 километри на час целиот пат.

Иако поради поправка на патната инфраструктура минатата година неколку месеци се патуваше дупло часови до одредените дестинации, сега се покажа дека работите не се докрај завршени, бидејќи повикувајќи се на несигурноста на пругата, издадена е наредба според која на критичните места треба да се вози и до 20 километри на час. И тоа навистина е точно. Според издадената наредба од надлежното Министерство до која дојде „Анторис“ прецизно се назначени местата од каде до каде треба да се вози со минимална брзина од 20 километри на час. На пример, од излезната станица под број пет во станица Зелениково на километар 474 +375 до километар 486 +800 е ограничена брзината на 20 километри на час. Но станува збор за ограничување на 12 километри во должина, а пред тоа и по тоа ограничување е дозволено да се вози со 50 километри на час. Меѓутоа некои од машиновозачите од непознати причини (кажано меѓу редови од вработени: партиски репресирани, казнувани или од инает) возат со минимална брзина на целата делница.  Колку за пример, од Велес за Скопје може да стасате за два часа без десет минути, по претпоставка во меѓувреме да не се расипе локомотивата. Во спротивно, треба да чекате уште дополнителни два часа да се активира и тргне друга локомотива од депото.Значи самоволието на неколку машиновозачи дополнително создава револт кај патниците, што може да заврши не само со инцидент туку некои од патниците се подготвени и да ја напуштат работата. Па така, заради секој по свое, дополнително ќе се оптоварува државата со социјалните давачки.

 

И вработени во железници, кои патуваат од други општини до Скопје се револтирани на случувањата и раскажуваат: „Ова веќе не се трпи. Целосно пропаднавме-башибозук. Секој си прави што си сака и никој ништо не знае. Па да не е локомотивата Кенеди, кој за волја на вистината не се произведува од средината на седумдесеттите години на минатиот век – која секогаш се користи за испомош до крајната дестинација, секако по чекање од два па и повеќе часа, патниците остануваат заглавени најчесто на релација од каде не се ниту за напред- ниту за назад.“

И тоа не се единствените проблеми. Железничката станица во Скопје која е еден од најубавите објекти од ваков вид во Европа, се распаѓа. Со години не е исчистена, стана гулабарник. Лифтот не работи (па луѓето кои имаат некој инвалидитет не можат да дојдат до перонот), а елеваторот до првиот кат, им сметал на дежурните полицајци, и затоа го исклучуваат. Па затоа вработените прашуваат: Дали  надлежните се одважиле да видат со што „директоруваат“ или им се важни само функционерските места.

И додаваат уште едно прашање: „како министерот мисли да воведете воз за Волково? Со кој воз, кога и сега со овие три патнички гарнитури од кои едната е секогаш расипана не можат навреме да ги превезат патниците.

На кој начин мисли да го придвижи сообраќајот кај Македонски железници транспорт. Кој во Македонски железници инфраструктура, кои се задолжени за одржување на пругата, за сигнализација, за објектите, дава налог да се направи пругата, да се среди станицата? Вработените се разочарани од своите директори кои како по обичај постојано се на пат, па така речи немаат време за домашните потреби.“

И да не бидеме погрешно сфатени ова се проблеми кои се трупаат со години, не се карактеристика само на актуелната гарнитура. Одговорноста е многу подлабока, и ги опфаќа сите досегашни структури кои со години се грижеа само за своите фотелји, не свртувајќи се да видат со што тоа раководат и за што ги плаќа Владата, бидејќи засега таа е сопственик на Македонски железници. Останува нејасно како може некој да се гордее со позиција на државна институција која се дави во неред и отпад.