Искрено мислам дека македонското новинарство никогаш нема да се „опраи“, да се залечи, да се исправи и да застане одважно во редот на сите други професии. Тоа е толку минимизирано, доведено до понижување, осакатено, депрофесионализирано, професија што никој веќе не ја сака. Нема место за гордост во пропадната професија.

Последната дупка во која пропадна мак-новинарството е таа што ја ископа еден млад аџамија, кој призна дека е неискусен и дека поради тоа ја згрешил работата. Е, па, извини, ама во секој занает има пат за одење, скала на напредување. Неискусните првин се чираци, па калфи, а за мајсторска диполма, има фурни леб да лапаш. Ама кај нас како е? Сите, уште непроодени - се мајстори, особено во информативниот простор. Можностите што ги пружа интернетов, се и добри, ама има и лоши страни. Секој може да отвори таканаречен „поткаст“ и што сака да зборува. Далеку е тоа од слобода на говорот. Тоа е дно до кое стигнавме постепено, но сигурно и систематски.

Генезата на пропаста е сложена, вината не е само на една страна, но, најголемата е во државата во нејзината (не)регулација на оваа професија, во нејзината збунетост и нерешителност во вакви ситуации, во нејзиниот страв во име на слободата на говорот, но и во сопствениците на медиумите, кои оваа професија и новинарите ги користеа како војници во нивната борба на политичкото бојно поле, на некои новнари им даваа пари, куќи, ама не на сите, само на некои, поеднакви од еднаквите. Дека не треба да има урамниловка во мајсторијата, не треба, тоа го нема никаде во светот, но работата е што тие „борци“ не се криеја, туку се фалеа дека нема како нив, дека не се родил и дека нема да се роди, со тоа се создаде инфериорност кај чувствата на другите новинари-колеги, кои гледајќи го начинот на напредување почнаа и самите или да се разочаруваат, да бараат друго место за подобра работа, портпаролство, бизнис сектор, да напуштаат, но најголемиот дел останаа во мизерниот стандард. Така се создадае простор за влегување на секого во новинарстово. Влезе голем процент на неписменост, неразбирање на работите, на општествено – политичките,  економските прицеси, и културните настаните.

Во времето на долгогодишното владеење на „патриотите“ меидумите беа контролирани, не преку некое регулаторно тело, туку со директни инвестиции со огромни милиони евра по основа на бесмислени реклами, а „демократите“ измислија нов начин на информирање на јавноста со тоа што сами си ги снимаат настаните, на медиумите им праќаат  материјал со текст, без можност на новинарите да прашуваат. Оваа итроштина ја нема во ниедна слободоумна и отворена држава. Зошто се прави тоа, за да се скрие нешто? Од кого? За кого? Замислете, владата прави своја интерна телевизија, инвестира и така им го зема лебот на новинарите.   

Можеби затоа МРТВ (најсилниот медиум) е маргинализиран, зашто никому не му треба. „Патриотите“ поставија свои несоодветни кадри, кои немаа ни ден во МРТВ, без ниеден прилог, ниту во радиото, ниту во телевизијата, куќата тоне во долгови, со најнизок рејтинг на гледаност од сите приватни и маргинални телевизии. Што е најголемо чудо, тие кадри се се’ уште на власт - од 2006 година, до ден денес!!!

Никој не знае да одговори зошто столбот на македонскито новинарсто, куќа со најголем опсег и дострел на сигналот –МРТВ, остана запустена и отфрлена до степен на немање човечки клозет во самата куќа. Ова ја дотолче желбата да се биде новинар, автор на емисии, автор на музика, на текст, на драма, на детска емисија, на радиодрама... Таа што требаше да повлече, по долгиот мрачен период, не повлече.   

По осамостојувањето, почнаа да се отвораат приватните телевизии, од кои повеќето сопственост на политички лидери, односно партии: „Сител“ на Љубисав Иванов Ѕинго,  претседател на Социјалистичката партија, која лавираше во  коалиции и со левите и со десните, „Канал 5“, чиј сопственик е Борис Стојменов, претседател на ВМРО -  Македонска, поранешен пратеник и министер за финансии итн. Една телевизија беше затворена со акција на специјални полициски сили.

Така, новинарството ја изгуби силата. Моќниците ги победија сиромашните новинари, со наредба и со  злоупотреба, со заќуткување со потценување, со заплашување. Критиката ја изгуби силата. Никој не реагира по изнесената критика, можеби во последно време ДКСК,  но пред овој состав, таа комисија беше безгласна буква, а неколку години на нејзиното чело беше една новинарка со „потекло од МТВ“. Критиката веќе нема острица, каква што имаше порано.

Просекот на новинарската плата е низок, новинаорт не може да седне на рамноправен професионален муабет и да се фати за џеб, не само со бизнисмен, туку и со обичен глушец од администарцијата.

Огромен број новинари се прошетаа по сите медиуми, во потрага по подобри услови и плата. Беа врбувани од голем број измамници кои во „уриетот“ основаа таканаречени телвизии, како Скајнет, ТВ 4, Шутел (чиј сопсвеник беше и пратеник и министер !!!), во кои новинарите ниту беа добро платени, ниту им беа плаќани придонесите и заминаа со големи побарувања по основа на неисплатени плати.

Моќниците изградија високи, дебели и непробојни ѕидови, можат се’ да направат во своја корист, можат да сменат влади, да прават коалиции да местат тендери, да пљачкаат, да градат хациенди на брегот на езерата, да прават хидроцентрали на реките, да ги уништуваат, да прават дивоградби во сред Охрид, урбанистички да уништуваат градови, дури и да ја менуваат климата. Судовите со децении се мавтаат во натаму-наваму- коалиции со ѓаволите...  На сето тоа посраната држава не може да му застане на патот, ниеден државен состав досега, а не новинарите. „Путуј Европо“...! Што може тука новинарот да направи, да поправи да измени, кога никој не го есапи? Може само да си „лае и да си чмае“. Отворено да зборуваме, амбицијата на новинарите  во вакви услови, излегува смешна. За жал. 

Особено стана мизерија со отворањето на порталите кои исто така ангажираа огромен број нестурчеи и неписмен кадар, неинформирани за основните знаење. Нив Законот за медиумите не ги регулира, па ете ти простор за „амбициозни“ шупелки што сакаат по секоја цена да излезат на виделина, демек да бидат популарни, но и тој простор  не секој го заслужува. За правилната употреба на македонскиот литературен јазик, да не зборуваме, таквите го претворија во карикатура.

Работата во оваа професија е многу сложена и најсикрено мидлам дека никој нема да ја врати на некое паристојно  ниво, затоа што состојбата во светот се усложнува, сиромаштијата се продлабочува, ИТ индустиријата е неспоредливо подоходовна, границите почнуваат да се отвораат, младите да бегаат, останува Македонија ливада за косење што ќе ја косат тие што не даваат пристап до информациите ни сега, а не кога таа ќе се испразни сосема и кога ќе е чувстуваат крајно „слободни“.