Медијацијата како алтернативен начини на ефикасно решавање на споровите меѓу компаниите ја промовира и Стопанска комора на Северна Македонија. Токму на оваа тема: што претставува медијацијата, во кои случаи се користи и колку придонесува не само за растеретување на долгите и скапи судски постапки туку и за продолжување на деловната соработка разговараме со Д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска, претседател на Асоцијацијата за поддршка на медијацијата при СКСМ и национален координатор за медијација, како и со членови на Националниот совет.
*Што претставува медијација и од кога се применува во Македонија?
-Медијацијата во согласност со Законот за медијација (првиот донесен во 2013 година) претставува посредување и начин на решавање на спорови настанати меѓу две или повеќе страни, при што им се овозможува истиот да го решат по пат на мирење со посредство на трета неутрална страна, медијатор.
Во согласност со важечкиот Закон за медијација (донесен во 2021, а на сила од јануари 2022 година), медијацијата се применува при имотно правни спорови кои произлегуваат од оставински постапки, семејни спорови, работни спорови, трговски, потрошувачки и осигурителни спорови. Потоа спорови кои произлегуваат од областа на образование, од безбедност и здравје при работа, спорови од областа на здравствената заштита, заштита на животна средина, спорови во врска со дискриминација итн. Всушност спорови настанати меѓу домашни и странски физички или правни лица, односно се она што е медијативно и може да помогне за нивно доброволно разрешување.
Практично медијацијата во согласност со Законот е поделена во три групи: доброволна, законски одредена медијација и договорна. Доброволната медијација може да биде меѓу физички лица, меѓу физички и правни лица, или само меѓу правни лица. Доброволна е кога една од странките во спорот потпишува изјава пред суд или во секој дел од судската постапка за решавање на спорот по пат на медијација. Тоа значи дека со доброволно потпишување на изјава, која ние ја имаме само во еден дел (иако се бориме да влезе и во други спорови, како потрошувачки, осигурителни) која се однесува на парични побарувања за стопански спорови до еден милион денари. Договорна медијација имаме кога две деловни странки потпишале договор за соработка во којшто ставиле одредба дека доколку настане спор ќе го решат по пат на медијација. На тој начин договорот има услов, односно еден артикл на задолжителност, бидејќи доколку одат на суд, тужбата ќе им биде отфрлена без обид спорот да го решат по пат на медијација.
*Имаме ли веќе таква практика?
-Имаме и тоа се повеќе. Договорната медијација носи бенефит меѓу компаниите (физичките лица не се поведени на законска обврска и затоа тие не можат да го видат бенефитот од медијацијата, освен ако доброволно покажат волја). Затоа велиме дека државата потпомогна, бидејќи со внесените измени во Законот во 2017 година, компаниите добија можност да го увидат бенефитот благодарение на постапката за задолжителниот обид кај правните лица до еден милион денари. Но, од нашата практика, компании кои еднаш користат задолжителен обид, во иднина, и за спорови со поголем паричен износ, пак доаѓаат на договорна медијација...
* Колку во Македонија се користи медијација наместо судски спорови во случаи на поголеми износи?
- Има, иако сме скромно задоволни. Во согласност со податоците од Министерство за правда (со новиот Закон за медијација од јануари 2022 сите медијатори мора да ги регистрираат барањата во регистарот на правда) од 2017 година од кога работат првите лиценцирани медијатори, до 30 септември оваа година, бројот на внесени постапки за медијација по разни основи е 4 600. Од нив, стопански, односно трговски спорови се 43 отсто, значи нешто под 2000 се трговски спорови. Е сега, радува фактот што 10 отсто се со спогодба, но за мене како национален координатор, како претставник од најбројната бизнис - асоцијација во земјава ме радува оти се договорно, а не со задолжителен обид. Бидејќи задолжителниот обид не секогаш завршува со спогодба- Задолжителен обид симплифицирано би значело: јас сум една страна и преку медијатор треба да ја поканам другата страна. Таа во рок од 15 дена треба, но не мора да одговорите на поканата. И јас како иницијатор, ќе чекам 15 дена плус два дена и потоа сме обврзани да издадеме решение за неуспешен медијаторски договор на страната која е иницијатор. Ако не го издадеме тоа решение, а договорот ја опфаќа клаузулата, судот ќе ја отфрли тужбата. Споровите со задолжителен обид, ние велиме дека се само на хартија. Но од искуството тие 10 проценти се или доброволно или договорно (затоа што немаме увид), но во секој случај завршиле со спогодба... Радува и фактот што трговските спорови од 2017 година до сега во континуитет растат – почнале со 200, 300. Интересен е и податокот што во 2017 има најмногу работни спорови, над 1000 за да стигнат до 30 септември годинава над 2000, односно 50 отсто од целото купче се работни спорови. Во нив се вклучува државата од една, а вработени во државни институции (администрацијата) од друга страна од кои 98 отсто се со успешна спогодба: работникот и работодавецот доаѓаат до решение без да одат на суд.
*Дали странските компании кои стопанисуваат во земјава повеќе прифаќаат медијаторско решавање на споровите за разлика од домашните. Или дали компаниите повеќе веруваат на судовите, па тие ги препраќаат на медијација, наместо доброволно. Каков е вашиот впечаток?
-Надвор од Законот за медијација, во 2019 година Македонија ја потпиша Сингапурската конвенција, која според мене е историски настан, затоа што таа дава можност за отворање на професионален ангажман на медијаторите. Бидејќи, како сега стојат работите, медијатор не е дејност, професија како адвокат, нотар, извршител. Со потпишувањето на оваа конвенција, државата ги охрабрува странските компании дека ги прифаќаме меѓународните инструменти со кои гарантираме сигурност на странските вложувања, односно она што е договорено може да се реализира во земјата од каде што е матичната компанија.
* Колку земји се потписнички на Сингапурската конвенција?
Македонија е една од петте европски земји потписнички на оваа конвенција. А истата е потпишана од многу други светски економии како САД, Кина, Јапонија, Турција, Индија, Австралија, Иран, Катар ...
Е сега, кога ги спомнуваме во друг контекст странските компании, кај нас има Совет на странски инвеститори, над двеста компании со доминантен странски капитал. Тие се оние кои на разни конференции и презентации самите ја промовираат успешноста, бидејќи тие се ќерка во нашата земја на мајката од странска држава. И тие доколку имаат одреден спор овде, првенствено се обидуваат да го решат по пат на медијација и се чудат зошто нашите компании не го прават тоа. Кај нас има еден чуден менталитет, додека не ескалира одреден проблем не се размислува за користење на алтернативни алатки. Затоа и велам дека ова навидум е лесна тема, но не е. Тоа го покажуваат и годишните извештаи на Европската комисија кои во детектирање на слабостите во владеење на правото, за ефикасно судство апелираат на алтернативни начини за растоварување на судството. А, како еден од најефикасните, најевтините, па и бесплатен е токму медијацијата.
*Колку нашата адвокатска фела практикува наместо да поведе судски спор, своите странки да ги насочи на решавање на спорот по пат на медијација?
Првенствено кога се формираше оваа група на медијатори со формирање на законската регулатива имаше едно големо непознавање кој сѐ може да биде медијатор. Медијатор во согласност со законот не мора да биде само правник, туку може да биде и машински инженер, архитект, новинар и сѐ што е со високо образование доколку има желба и вештини да го положи испитот, што навистина е тежок, иако засега не е професија. На почетокот, можеби адвокатите гледаа во медијаторите напад на адвокатската фела. Меѓутоа ние со добар пристап, разговори и ангажираност и како Национален совет за медијација успеавме да го надминеме тоа. Самиот податокот дека од 46 лиценцирани медијатори, над 25 се адвокати, говори дека и тие се заинтересирани да ја промовираат медијацијата. Но, ако сте адвокат во еден спор не можете да бидете и медијатор, тоа е конфликт на интереси.
Сега мислам дека адвокатите не ја гледаат медијацијата како загрозување на својата професија, иако мора да кажам дека зема дел од колачот, но ако се гледа пошироко, ако се гледа на пристап на промоција на подалечни патеки, не треба да го гледаат како загрозување.
Тоа го потврдува и адвокатката, Ивана Талевска-Трендафилова: во пракса адвокатите ја поддржуваат медијацијата, особено во задолжителниот обид, каде што медијацијата е задолжителна пред да се поведе тужба. Доколку страната која е повикана стапи во постапка за медијација, тогаш адвокатите си ја застапуваат својата страна исто како на суд. И во праксата тие наплаќаат рочишта во постапката за медијација исто како во постапката за суд, така што нема овде никаков конфликт на интереси кога постапката се решава пред медијатор, адвокатите не се оштетени и ја поддржуваат.
*Рековте дека откако започнавте со медијација, правите едукација меѓу компаниите, адвокатите. Колку компаниите се заинтересирани да ги посетуваат овие едукативни работилници?
-Од формирањето на Асоцијацијата за поддршка на медијацијата во рамките на Стопанска комора од јули 2016 г. веднаш започнавме со бесплатни предавања. Формиравме во комората канцеларија за бесплатно одржување на промоции за решавање на стопански спорови по пат на медијација. Од тогаш низ цела држава се одржани над 50 бесплатни семинари, промоции, предавања, пред повеќе од 2500 компании и други заинтересирани. Практикувавме групата да биде хетерогена за да се вкрстат сите аргументи, зошто медијацијата нема ниту еден недостаток.... затоа што помагаш на компанија која не е ликвидна, му помагаш да ги растерети нивните процеси внатре, да се смири со скараниот партнер без јавна судска постапка. Значи решавање на одреден спор со успех... Ако е бесплатна не е помалку квалитетна.
*Тука имам уште едно потпрашање во однос на капиталните инвестиции, колку државата како инвеститор во одредени спорови со компании има наклоност за медијативно решение?
-Многу нѐ радува податокот што уште пред две –три години државата препорача кај државните институции одредени спорови да ги решаваат по пат на медијација. Погоре споменатите бројки се резултат и на тоа. Исто така голем процент на застапеност меѓу странските инвеститори е кога државата е вклучена од една, а компаниите од друга страна. И ние сакаме во оваа фаза кога ја промовираме и регионалната конференција да зборуваме за тоа, од една страна да бидат претставниците од локалната самоуправа, а од друга и државата и компаниите, да им го олесниме патот кон одредени спорови. Во основа судските спорови меѓу државата и компаниите од локалната самоуправа се многу долги. А факт е дека никој од правните субјекти не сака да ја изгуби државата како партнер... Ниту една компанија на која државата и должи, локалната власт не ги прекинува деловните односи, бидејќи не сака да ја изгуби државата како партнер. И секако вклучувањето на медијацијата во овие спорови е одлична алатка. И процентот на вакви решенија се зголемува. И тука не само фирмите кон државата, туку и кај државни со државни институции потребна е промоција за медијаторско решавање на споровите.
*Како се рангира Македонија во примената на медијацијата во однос на поранешните републики, или регионот?
-Бидејќи немаме иста основа за споредување, не може да кажеме и како се рангира. Ние имаме еден многу тежок пат да се стигне до медијатор, речиси како полагање на правосуден испит. (Очекуваме со новиот закон одредено олеснување) Треба да имате 70 часа основна обука (од акредитирано тело на кое НС му дава акредитација), да имате тригодишно искуство од различна област, високо образование, четири постапки на медијација. Кога ќе се стане медијатор треба да се регистрирате во Именикот на комора на медијатори.
Во Србија на пример со само 15 часа основна обука и високо образование, веднаш се регистрирате во Министерството за правда. Во Хрватска е уште полесно, како и во БиХ и во Црна Гора. И оттука немаме иста стартна основа кои се медијатори и какви постапки водат наспроти медијаторите од другите земји од регионот. Меѓутоа, податокот кажува дека и во Србија има голем број на медијации, но имаат задолжителност и во осигурителни спорови, и во потрошувачки, а работат и медијација во стечај, што кај нас ја нема. И ако се споредат бројките сме тука некаде. Во споредба со медијатори имаме најмалку, но најмногу спорови. Србија има многу медијатори, но помалку спорови. Но ние не сме задоволни од она што значи капацитет на државата во рамките на бројот на медијатори и не сме задоволни виза-ви европската тенденција која кажува дека на пример во некои развиени земји како што е Холандија, немаат закон за медијација имаат правилник и систем, како и во Италија, Германија. Меѓутоа, таму од 70 до 90 проценти стопанските спорови прво се решаваат по пат на медијација, а кај нас тој процент е мал. Да заклучам. Немаме иста основа за компарирање со другите држави во регионот. Различно е поставена законската регулатива, па оттука бројката е тука некаде, оти ако имаме задолжителност во осигурување или потрошувачка, тогаш предметите од тие спорови по дифолт ќе одат на медијација. Но, од она што правиме последните години како медијатори, како институции, како држава сме во добра насока повеќе да се промовира и повеќе да биде искористена првенствено од бизнис заедницата, бидејќи е речиси бесплатна.

Како може да ја зајакниме медијацијата во Македонија?
*Имајќи го предвид вашето искуство, дали сметате дека уште некоја законска алатка може да придонесе за зајакнување на медијаторскиот пристап кај споровите?
-Би рекла на ова да одговори колегата Зоран Петковиќ Бакли, затоа што тој е „виновен“ за задолжителниот обид за парични побарувања. Сметам дека и кај нас како и во соседните земји, треба да има некоја поткрепа, не мора да биде како субвенција во земјоделството, но да се потпомогне во осигурителните спорови, во работни, потрошувачки спорови да има една задолжителна клаузула.
Зоран Петковиќ- Бакли, истакнат стручњак од практиката за изведување клиничка настава на факултетот за безбедност во Битола, иницијатор на медијацијата и член на Националниот совет за медијација:
-Според моето долгогодишно искуство, во светот медијација има кај што има правна држава, каде што функционира владеењето на правото и таму во тие држави, како САД, Канада, Австралија и др. и покрај тоа што функционира правната држава со одлуки на Врховен суд е предвидено по области да има задолжителен обид во некои делови и со тоа се развиваат предметите во медијацијата. Како што кажа координаторот, своевремено по мојата упорност и на Комората на медијатори се воведе задолжителен обид во стопанските спорови и тој даде импут да има волку предмети. Сметам дека 10 отсто реализирани предмети се реалност за разлика од првиот проект од 5000 стопански спорови, кога беше решен само еден. Тоа беше случај со предмети кои ги зедовме од Основниот суд 2 заедно со тогашниот претседател на судот и се организиравме преку проект од ИФЦ да ги решиме, и како што реков завршивме само еден. Значи тешко оди, бидејќи должниците претежно имаат променети адреси, блокирани сметки. Значи токму во тој дел е блокирано правото, тие беа сите за стечај, а не за медијација. (иако и во стечај може да има медијација). Во тие области што ги спомена координаторката, имаме подготвено и предлози во законот и дел беа прифатени со одлука на Влада со акциониот план. Наскоро очекувам да бидат вклопени во законските прописи, посебно во Законот за семејство, кој на пример одлично функционира во Црна Гора. Потоа во Законот за осигурување, во Законот за потрошувачи, односно во Законот за инспекции надзор каде има медијација, но не во права форма.( да може прекршителот доколку плати веднаш, инспекторот да му ја преполови казната – како еден вид на медијација) --- Со измените на новиот Закон и дополнување со нашите предлози, верувам дека ќе успееме да воведеме задолжителен обид уште во неколку области. Сметам дека токму во задолжителниот обид треба да се додаде задолжително доаѓање на странките по медијаторска покана на постапката, како можност за забрзување на медијација ...доброволноста...
Една од задачите на Советот е токму во предлозите на законската регулатива
Проф. Д-р. Љупчо Сотировски, член на Националниот совет за медијација: Јас користев медитација за да можам да зборувам за медијација- Да споредам со раст на едно дете, како ќе го воспитате таков човек ќе стане. Така и со мдијацијата. Таа треба своето место како алтернатива да го замени како вообичаена постапка за да може да си најде пристојно место во едно општество. Што се бара, едноставно треба да има развиена свест, поголем разум и расудување. Тоа се три есенцијални елементи. Кога ќе ги имате нив и на нив ќе ја надоградите потребата од решавање врз основа на принципите: ефикасност, економичност, брзина, тогаш ќе постигнете успех. Медијацијата не е нова кај нас. Да се вратиме години наназад. Од историска перспектива, таа постоела и во поранешните системи кога постоеле национални совети, кога pattern femilis во одредени средини бил главен и одговорен и постапувал и разрешувал одредени проблеми. Со модерниот развој на нашите општества, со глобализацијата, стопанскиот субјект станува многу важен фактор за развојот на одредено општество. И токму поентата е не да го префрлиме од индивидуата кон колективниот аспект на гледање на медијацијата туку тие се поврзани едно со друго како во внатрешноста така и во меѓународниот промет. Затоа што се она што влегува во државата е наша грижа. Тие имаат место на бизнисот овде, а ние треба да ги акомодираме нивните потреби, желби и да ги решаваме и надминуваме нивните потреби. И поради тоа е потребна една симбиоза, синергија најпрво меѓу органите внатре, на системот на функционирање на држава кога тој во сите елементи ќе биде покриен и ќе биде подготвен да делува, тогаш и меѓународниот стопански фактор ќе биде сигурен да инвестира се повеќе и повеќе. Во таа насока, институционален напредок претставува поставувањето на Националниот совет за медијација, којшто е регулаторно владино тело и во суштина се грижи да порасне детето. Верувам дека нашата работа ќе докаже дека ние сме на вистинскиот пат.