-Овие два дена Центарот за истражување политики заедно со Мрежата за родово одговорно буџетирање организираме голема меѓународна конференција за родовото одговорно буџетирање на локално ниво. Самата конференција има два дела. Во првиот ќе разговараме за некои глобални прашања кои се битни за развојот на концептот на родовото одговорно буџетирање, неговата примена во мултиратерални организации како ЕУ, Светска банка, ОН и ќе ги евалуираме маркерите за родова еднаквост коишто следат како се алоцираат развојните пари на овие мултилатерални организации, значи како се алоцираат средствата за родова еднаквост, како се трошат и дали истите  вродуваат со резултати, односно дали помагаат за унапредување на родовата еднаквост. Вака го најави претстојниот настан  Марија Ристеска, извршна директорка на ЦИКП и регионална директорка на Мрежата на организации кои го следат буџетот од родова перспектива.

И продолжи со подетален опис за вториот ден од настанот:  „На вториот ден ќе се посветиме на повеќе локални и регионални теми каде што ќе провериме како алатките за родово еднакво буџетирање функционираат при планирање на регионален развој во инвестициски политики, во поддршка на приватниот сектор, во поддршка на програми за управување со кризи, потоа во услови  на ситуации на конфликт и како се распределуваат средствата за жртвите од конфликтот. Дали истите имаат одговор на специфичните потреби на жените жртви. Исто така, морам да нагласам дека ќе учиме од искуствата на Барселона, Бјелина, Виена, коишто ќе ни презентираат како преку родово одговорно буџетирање го трансформирале својот локален живот. Секако ќе имаме и многу убави примери од Македонија. Одбравме да ги презентираме примерите од Делчево, Брвеница  и од Струга , но најавувам дека добра практика имаме и во Липково и во Кавадарци, Кривогаштани, Чаир, Шуто Оризари.... “

За тоа што покажува искуството кога се во прашање локалните самоуправи, колку се свесни за важноста на родово одговорно буџетирање и дали со општинските политики ја унапредуваме положбата на жената во нашето општество, Ристеска вели:

„Во февруари оваа година се усвои нов Закон за буџети којшто предвидува од 2025 г. задолжително да се спроведува родовото одговорно буџетирање. Засега половина од општините имаат некаков капацитет за родова анализа за потребите на мажите и жените и други подгрупи, со посебни потреби и маргинализирани групи кои заради околностите се оддалечени од основните потреби, живеат сами, а селата се депопуларизирани од женски пол и во нив живеат повеќе мажи. Затоа треба со посебен пристап да се работи на ваквите прашања. Во секој случај потребно е да се градат и натаму капацитети за да можат да се препознаат разликите во потребите меѓу мажите и жените кои произлегуваат и од родовите улоги, стереотипите, традициите кои сѐ уште преовладуваат и коишто не овозможуват да ние ги реализираме еднаквите права кои ни се предвидени во нашите закони. Но покрај капацитетите, потребна е и политичка волја уште треба да се работи на подеднаква распределба на средствата како и да се работи на капацитетот на администрацијата да ги потрошат парите што ги планирале. Има еден голем јаз меѓу планираните средства и она што е реализирано, а тоа значи дека немаме резултати од реализација на средствата. Односно имаме добра влезна демократија и лоша излезна демократија од овој процес што ја става репрезентативната демократија во криза,  затоа што граѓаните на крај ја оценуваат власта по тоа што добиле од неа, а не потоа што таа планирала....Заради тоа  е битно да се градат капацитетите на невладините организации да ги следат трошењата на парите за да се зголеми реализацијата на планираните  средства за тие да бидат од корист за сите еднакви ...

Инаку, Македонија има пракса на родово одговорно буџетирање , што значи дека околу 14 министерствата и агенции на централно ниво барем една програма ја прават родово сензитивна и алоцираат средставата. Но, како што нагласи Ристоска, сѐ уште  буџетскиот документ не ни покажува колкав е  родовиот буџет, односно колкав процент од средставта кои се планирани ќе имаат влијание на родовата еднаквост односно ќе ја унапредат состојбата или статусот на жената  или пак на односите меѓу мажите и жените во општеството. Оттука потребно е да се зголеми и нивото на транспарентност и нивото на одговорност, отчетност,  што верувам дека ќе се случи во 2025 г кога ќе почне да се применува како задолжителна.

Заедничка иницијатива

Овој Форум е заедничка иницијатива во рамки на проектот „Низ женски леќи: покревање на политики и буџетски иницијативи, следење на спроведувањето на локалните акциски планови за родова еднаквост“ финансиран од Европската Унија и Мрежата за родово одговорно буџетирање поддржана од Австриската развојна агенција (ADA) и Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Sida), со дополнителна поддршка од Централно европската иницијатива - CEI.

На форумот ќе учествуваат експерти од цела Европа, меѓународни организации, активисти од ГОи, владини претставници и други засегнати страни. Форумот има за цел да ја поттикне размената на ефективни методологии за унапредување на доброто владеење преку примена на алатките за РОБ, со фокус на градење синергии меѓу постоечките мрежи и засегнати страни, а со тоа ќе поттикне идно заедничко застапување и дејствување на национално, регионално и меѓународно ниво.

Меѓу другото со Форумот се очекува да се постигне повеќеслоен пристап кон родово одговорното буџетирање преку презентирање на различни искуства во трансформирањето на локалните заедници, со фокус на информирање на глобалните стратегии. Исто така, би требало да ги подобри методологиите и алатките за следење на меѓународното финансирање насочено кон родовата еднаквост. Понатаму, форумот се стреми да генерира методолошки идеи за РОБ со цел ефективно да придонесе за ублажување на климатските промени и напорите за адаптација.