Земјоделците бараат увозот на пченица да се забрани за да се откупи домашното производство. Житопроизводителите имаат проблем со откупот, а во амбарите лежат околу 10.000 тони домашна пченица. Болката е во тоа што, иако цената на пченицата е падната, дури ни по таа цена, мелничкопреработувачките капацитети не ја откупуваат. Освен тоа, тие бараат и субвенции. Оваа година почна новиот модел на субвенционирање, но  субвенциите не се исплатени. Всушност, Министерството им вети 30 насто аванс, но, сеидбата на пченката и на други култури е во тек, а тие 30 отсто не се дадени. Ја нема ни субвенцијата за нафта. Земјоделеците не можат да ги покријат своите трошоци, иако до крајниот потрошувач цената доживува трикратен скок. Земјоделците ги повикуваат земјоделските инспектори да ја следат работата на теренот. Тие се револтирани од тоа што, како што велат, државата не ја откупува нивната пченица за државните резерви, туку државните силоси ги полни со увозна пченица. Дури велат дека, ако домашната пченица има цена од 19 денари, увозната пченица за државните стокови резерви се набавува по 28 денари.

Мелничарите и пекарите, пак, по дефиниција откупувачи на родот, имаат свои ставови, проценки и маки. Горан Малишиќ, генерален менаџер на „Агроглобал трејд“, Скопје и претседател на Групација на мелничко пекарската индустрија при Стопанската комора на Македонија, за „Анторис“ вели:

- Ние оваа ситуација ја гледаме од наш аспект, од страна на откупот, односно колку пченица ни е потребна за да ги задоволиме капацитетите за мелење. Лани откупивме најмала количина, околу 55 – 60 илјади тони, освен тоа квалитетот беше послаб, најверојатно поради тоа што цената на ѓубривата беше покачена за 300 – 400 проценти, па земјоделците не ги користеа. Сепак цената, по која лани ја откупивме пченицата, беше по пазарна, односно највисока во регионот. До мелниците цената достигнуваше до 22 денари со ДДВ и со превоз. За годинава, знаеме дека засеаните површини се зголемени за околу 20 проценти, не знаеме каква ќе биде годината на крајот во однос на квалитетот и на квантитетот, но пак ќе нагласам дека купувањето на пченицата од земјоделците е секогаш по цената што ја одредува пазарот. Нив може да ги заштити само државата, ние не можеме да ги заштитиме. Ние можеме да купиме само пазарно. Ние се бориме со нашата конкуренција од странство, најчесто од Србија. Се соочивме со најголем проблем во изминативе 4-5 месеци, затоа што останавме со залихи на брашно со многу скапа цена. Ја купивме пченицата по 25-26 денари, а сега веќе брашното се продава по 23-24 денари, па мелничката индустрија е во тотоален колапс.       

·        Што може да направи државата на која сите се повикуваат и од која сите бараат помош?

- Државта, преку Министерството за земјоделство,  може да си ги помага зејоделците. Може и мелничарите! Ние сме барале и бараме да влеземе исто како и винариите, да бидеме заштитени како главна индустрија која е важна за државата во случај на кризи, но досега ништо не е наравено. Така, и ние сме оставени сами на себе, како и секоја година. Нашите барања и насоки не се слушаат, повеќето одлуки се носат без консултација со нас.

·        Што прогнозирате во однос на цените на лебот?   

-  Сега цените на лебот се во надолна линија, а очекувам дека тоа намалување ќе продолжи. Цените на основните суровини во регионални и во светски рамки се намалени. Рабоите се стабилизираат. Цените се држеа вештачки, во овој период на војната во Украина, во кој сите ние изгоревме, не само во Македонија, туку во цел свет, сите преработувачи завршивме со високи залихи што ги плативме по високи цени, па така - сите сме во минус.

·        Како се стабилизира пазарот на пченицата што беше дестабилизиран со руската инвазија врз Украина?

- Првин, цената на светскиот пазар се зголемуваше и   достигна над 400 евра и тоа без превоз. Потоа се воспостави тој коридор за извоз на украинската пченица и тогаш Украинците почнаа да ја нудат по дампинг цена. Кој можеше да купи – купи. Ние мелничарите  се обидовме да купиме, преговаревме со 4-5 украински компании да донесеме пченица со камиони до Македонија или до солунското пристаниште и не успеавме, затоа што бевме известени дека Договорот за слободна трговија меѓу Македонија со Украина не е во функција и дека е ставен во мирување, односно дека, ако ја донесеме пченицата, треба да платиме царина, што ќе ја зголемеше цената, па се откажавме од тоа. Нашата цел и идеја беше со таа поевтина пченица, или увезено брашно од Украина, да бидеме конкурентни на Балканот со поевтина суровина, односно пекарите со поевтин леб. Тие држави што успеаја да донесат, си донесоа, како Грција, Албанија, ние си останавме затворени.

·        Дали светот целосно зависи од украинската пченица?

- Не. И азиските држави се големи производители на пченица – Индија, Кина … Затоа претпосатвувам дека во блиска иднина цените на житарките ќе се движат надолу.     

·        Какви ни се трговските односи со Србија, во делот на плченицата?

- Трговските односи со Србија ни се – како што сака Србија! Србија, според понудата и побарувачката ја зголемува и ја намалува цената. Ние, како што реков,   до јануари купувавме најскапа пленица во регионот од Србија и одеднаш Србија ја намли цената на брашното до ниво на цената на пченицата. Србија е држава која ги субвенционира сите, и купувачите и преработувачите и може да ги диктира движењата на пазарот.

·        Односот меѓу цената на нафтата, на пченицата и на лебот?

- Цената на нафтата исто така е во надолен тренд, но и доларот има надолен тренд. Па затоа, уште еднаш велам дека цената на пченицата, а со тоа и на лебот ќе се намалува.