Истражување спроведено во 2021 година на 4.000 европски граѓани покажа дека 51 отсто од испитаниците би ја разгледале идејата за вградување на микрочип под кожата за да ја користат можноста за плаќање во продавници, за отворорање на врати и многу други практични причини.
Во светот има се поголем број луѓе, претставници кои го подржуваат движењето наречено трансхуманистика. Според ова движење, човекот е предодреден да се спои со технологијата, да се надмине себеси и да стане живо суштество од нов тип.
Ако некогаш микрочиповите под кожата ни изгледаа како далечна и неостварлива иднина, нешто што може да се види само на филмови, денес тие се реалност кон која прибегнуваат се поголем број луѓе во светот.
Уште во 2015 година голем број граѓани во Шведска почнаа да ги поставуваат со цел шведската влада да ги легализира во 2018. Денеска ги поседуваат 6.000 луѓе.
Оние кои вградуваат микрочип под кожата велат дека тоа го прават за да си го олеснат секојдневието: пазарат без да го носат со себе паричникот, се возат во јавен превоз без хартиена карта или онаа на телефонот, а при рака имаат, во буквална смисла на зборот, и здравствена книшка и картон.
Доволно е само да им се отчита раката. Ова се NFC микрочипови со краток домет и максималното растојание од читачот мора да биде околу четири сантиметри.
За тоа зошто се одлучил да вгради микрочипови под кожа и што се е во состојба да направи со него, раскажува триесет и петгодишниот Матија Кофети од Бреша, кој е вработен во компанија која се занимава со информатичка безбедност и кој себе, како и многу други како него, ги нарекува биохакери.
„Во моментов имам пет микрочипови. Првиот што го инсталирав во 2019 година го користам за да ја отворам вратата, тој е (en ef si Erfid) и е како некој вид на USB бидејќи можам да го програмирам, можам да го користам за размена на контакти. Тоа е еден вид на лозинка, а јас имам две од нив. Едниот е магнет кој привлекува завртки или штипки, другиот е мраз, ако донесам извор на струја блиску до него се осветлува. Последната што ја вградив и којашто најмногу ја користам е еден вид на кредитна картичка што ја користам за плаќање, доволно е само да ја доближам раката“, нагласува Матија.
Тој истакнува дека чипот работи како USB, на кој се ставаат податоци, за што е потребно да имаш само мобилен телефон или апликација која може да чита NFC.
„На пример, можам да побарам да ми стави линк на мојот профил на LinkedIn. Често го користам така што го доближувам телефонот и ми го отвора виртуелниот сеф каде ги имам сите мои лозинки, кредитни картички“, вели Матија Кофети.
Матија раскажува дека најинтересни му се реакциите кон него, кога треба да плати на каса, бидејќи често го гледаат како да сака да ги измами или пак се сосема изненадени што е можно да се плати на овој начин, и секој пат треба да објасни за што се работи.
Понекогаш, за да го избегне сето тоа, едноставно го користи телефонот. Овие микрочипови може слободно да се купат преку неколку американски веб-страници и преку еден европски препродавач и чинат од 80 до 100 евра или 200 евра оној за плаќање, а Матија вели дека најчесто потполно безболно ги вградуваат во работилници за тетоважи или пирсинг. Но, на прашањето колку се безбедни овие микрочипови и дали е оправдан стравот на граѓаните дека на овој начин ќе бидат следени и ќе ја изгубат слободата, Матија вели:
„Темата за слободата на податоците и приватноста е многу важна. Инсталирањето на микрочипови е мој личен избор и точно знам што има внатре и што вградувам преку техничките податоци и сам избирам какви податоци да ставам на нив. Тие немаат никакви компоненти за следење, нема GPS. На овој начин сакам да ги разубедам сите што велат дека нѐ следат на овој начин, дека се направени да не контролираат итн. затоа што стравот и незнаењето раѓаат теории на заговор.
Вградувањето на микрочип треба да биде избор на поединец, а не нешто наметнато. Се надевам дека овие микрочипови, покрај функциите што ги имаат денес, ќе овозможат и голем пробив во медицината за разни невролошки заболувања, дека ќе можат да се вградат во мозокот исто како што има пејсмејкери и значително ќе ги олеснат невродегенеративните болести како Паркинсонова или Алцхајмерова болест“.
Микрочип е мал електронски уред кој може да достигне големина на зрно ориз, а има два главни типа: мемориски чипови кои складираат информации и логички чипови кои ги обработуваат за да извршат одредена функција. Тие се мали, имаат мала моќност, но имаат голем потенцијал и се евтини.
Матија е првиот Италијанец со најголем број микрочипови под кожа, Патрик Пауман од Холандија е човекот кој поседува најголем број од нив во светот, дури 32. Во интервју за Би-Би-Си изјави дека тој не би сакал да живее без нив и не се грижи за безбедноста и приватноста. И тој и Матија припаѓаат на светот на биохакирањето, понов термин што се користи за дефинирање на еден вид „репрограмирање“ што влијае и на умот и на телото на човечкото суштество.
Етимолошки, тоа е именка изведена од комбинацијата на зборовите „биологија“ и „хакер“ - што сугерира обид за „хакирање“ на нашето биолошко/генетско наследство. Тоа не е техника, метод или систем, туку прогресивен, футуристички начин на размислување поддржан од оние кои кои се љубители на трансхуманизмот, движење кое тврди дека човечките суштества мора да користат технологија за да го унапредат нашиот вид.