Најголемите луѓе во светот се секогаш скромни, едноставни и „обични“. Во таа „обичност“ е сокриена нивната посебност.

Легендарната оперска пејачка Милка Ефтимова, која одамна се здоби со статусот „национална величина“, во големото интервју за „Анторис“ зборува за животот во Радовиш, сеќавањата на своите родители, среќата која ги следела нејзините кога требале да се качат на „Титаник“, животот во Љубљана, ентузијазмот во кариерата, своите бројни животни успеси…

Ефтимова, која неодамна ја објави автобиографската книга „Моето богатство“ е клучно име кое се врзува за оперскиот живот во Македонија, и една од најважните оперски пејачки кои во поширокиот регион беа активни од 60-те до 90-те години на минатиот век.

Со своите 85 години, виталност и став на вистинска дама, Милка Ефтимова, нашата вечна Кармен, од истоимената опера, е пред се извонреден човек и филантроп, некој кој ги сака и ги почитува луѓето, а своите успеси сака да ги подели со сите.

Затоа, всушност, смогна сили да ја напише „Моето богатство“, најубавите работи да им ги претстави на тие, многубројните, кои ја сакаат и ја почитуваат.

Толку е голема нејзината прегратка…

Враќање во минатото буди убави спомени, а Вие, навистина имате на што да се сеќавате!

– Мојата кариера навистина е богата. Од шест и пол години кога почнав да пеам… Ние бевме музикално семејство. Татко ми кога имал две години живеел во Торонто, кога тоа не беше Канада туку Америка. Тоа беше некаде 1912-та…

Постои приказна од тоа време која открива дека Вашите се спасиле од трагедијата на „Титаник“!?

– Дедо ми и баба ми се подготвувале да се качат на „Титаник“, и додека дедо ми влегуваше да ја најде кабината, татко ми излегол од количката, и некои луѓе го грабнуваат. Баба ми списка, дедото излезе – надвор нема ни дете ни жена. Само куферите. Одвај ги најде низ улиците, некои луѓе го спасија од грабежот. Но, „Титаник“ веќе беше заминат.

Малку тагуваа, малку беа среќни, оти се, сепак заедно. Со „Титаник“ заминаа некои луѓе од Хрватска и од Австрија, со кои се спријателија тие денови, па кога дознаа за трагедијата, силно ги погоди. Плачеа за пријателите од тага, и за себе, од среќа, зошто не се качија на бродот. Кога после 15 години се вратија во Македонија, татко ми веќе знаеше да свири на виолина.
Јас со две-три години кога се фатив за виолината, и кога татко ми ја забележа мојата музикалност, кажа: „Ќерко, ти ќе бидеш за музичко“. Така ги фасцинирав и кога тргав на училиште. Тие мислеа дека знам две-три песни, а јас им испеав десетина…
Така ме запаметеа во Радовиш – како музикална и добродушна. Така не учеше татко ни – бидете добри со луѓето, и доброто ќе ви се враќа.

* Бевте пет деца во семејството, Вие четврта ќерка, по што дојде и братче…

– Брат ми е помал пет години од мене. Кога татко ми се врати од Торонто ние бевме богато семејство. Но, секогаш имавме работни навики. Како деца не праќале да нижеме тутун. Мајка ми работела на машина за плетење, правела рачни изработки. Родителите беа скромни и строги. Посебно татко ми. Но, бевме добри деца.
Татко ми ненадејно почина во 1972 година, кога јас бев во Љубљана, и тоа многу ме погоди.

Од страна на Вашата мајка влечете корени од комитска лоза. Затоа знаевте многу народни песни. Сепак, кога го имавте првиот допир со сериозната музика, со класиката?

– Со класиката се сретнав во музичкото училиште. Кога видоа дека знам да свирам виолина и клавир, ми дадоа виола, за во оркестарот. Таму беа Александар Џамбазов и Миле Николовски. Директорот Илија Николовски Луј беше многу одушевен од мене, затао што музиката ја доживував и ја интерпретирав со чувства. И тогаш кажа дека треба да учам соло-пеење.

Кога прв пат слушнавте опера, и какви беа Вашите чувства?

– Не можам да се сетам на годината, но и во средно музичко, преку прозор сме се качувале и сме слушале што се случува. Тоа ни даваше импулс дека треба да работиме на себе. Во 1955 заминав за Загреб, со препорака да ме слушнат… Имаше натпревар, на кој ја освоив третата награда. Првата не беше доделена, а втората ја доби уште една Македонка – Радмила Тодоровска. Не можам да се сетам точно која беше првата опера која ја гледав. Мислам дека тоа беше „Кавалерија Рустикана“. Од Ана Липша, Данка Фирфова, Павлина Апостолова… јас бев фасцинирана…

Што, според Вас, ја издвојува операта од други драмски и сценски уметности? Што ја возвишува?

– Ако земете една драма, вие дома можете да ја научите, и да ја интерпретирате. Но, операта има поинаков начин на работа. Ние прво работиме сами, па со корепетитор, па со оркестар, режисер… Пеењето и глумата, тоа е операта. Тој совршен спој. Затоа претставите се подготвуваат и по неколку месеци. Е, како јас сум ги учела текстовите. Пишував ливчиња, пишував на рака, на волан во кола…

Како Вашите најблиски реагираа на успехот што го постигнувавте?

– Беа пресреќни. Затоа ме подржуваа и имаа разбирање. И за моето учење, и за моите патувања…

Во својата автобиографија, професорот Јулиус Бетето, славниот педагог и солист од Виенската опера, напиша дека сте глас каков се раѓа еднаш во сто години. Иако, првиот обид да се запишете на студии во Љубљана пропадна, бидејќи кога се пријавивте – местата беа пополнети…

– Тој беше презадоволен од мене. Лично ме придружуваше на пијано на приемниот испит, на кој стасав по препорака од луѓе кои му кажаа дека едноставно треба да ме слушне. Особено беше горд на моите успеси во Италија, каде ме споредуваа со Фрида Кало.

Скопскиот земјотрес на некој начин ја профилираше Вашата кариера. Од Љубљана се вративте во Скопје, но, тука, едноставно, немаше услови за работа…

– Бевме сместени во шатори, и многу настинав. Малку настапувавме. Со нас беше и Тимчо Муратовски. Но – тоа не беше тоа. Заради лошите услови на живот во периодот на земјотресот опасно се разболев. Почнав со рехабилитација во Словенија, па Љубљана некако беше логичен след каде би ја продолжила мојата кариера. Во операта сум од 1961 година. Иако имав многу повици од Европа и од Америка, заради ангажманите во Љубљана, им останав верна на овие простори.

Каде публиката најискрено ја сака операта?

– Секаде има добра публика. Во Кина поминав фасцинантно. Научив претходно една нивна песна, и кога ја испеав настана ерупција од аплаузи. Единаесет пати ме враќаа на сцена. Тоа што го доживеав таму, го немам доживеано никаде во светот.
Во Скопје се вративте кога беше готова новата зграда на театарот, нашиот модерен бел театар, нашиот Метрополитен. Но, условите не дозволија тој да стане вистински македонски Метрополитен…

– Многу уметници од тука веќе беа ангажирани некаде во Југославија. Балерината Натка Пенушлиска во Белград, Тодоровска во Сараево, Жоро Божиков со сопругата беа во Загреб, уште по земјотресот… Ана Липша доаѓаше од Тетово. Ние, кои се собравме тука бевме подготвени да покажеме што знаеме и умееме. Затоа сите кои доаѓаа од страна беа фасцинирани од Македонија.

Имаше ли љубомора во Вашиот свет?

– Многу! Но, јас на тоа не обрнував внимание. Работев, и ништо друго не ме интересираше.

Оваа година се 30 години како се повлековте од активно учество на оперската сцена. Зошто се повлековте кога бевте на врвот?

– Јас сето ова време воопшто не мирував. Многу беа активна, и се уште сум. Само се повлеков од активната сцена. Бев ангажирана и во средно-музичко училиште, и на музичката академија, цели 15 години, па на драмската академија девет години студентите ги учев пеење, па кај Зоја Пуровска, балерината, исто така девет години.

Македонија е добра почва за операта. Денес се активни многу Ваши ученици. На кого сте посебно горди?

– Македонија е одлично место. Моите ученици се и Весна Гиноваска, и Владимир Саздовски, и Александар Стефаноски… Моите ученици се насекаде по светот, многу успешни. Многу студенти имав и од Србија, од Ниш…

Поранешниот македонски претседател Киро Глигоров Ви беше вистински пријател?

– Се запознавме во 1964-та година во Нишка Бања. Јас бев на рехабилитација, а тој беше со својата мајка. Кога ме забележи, ме прегрна и ме бакна. И, оттогаш станавме пријатели за цел живот. Првото цвеќе кога настапував во Домот на АРМ беше од него. Киро Глигоров и неговата Нада ги паметам како прекрасни, дружељубиви луѓе, кои секогаш беа присутни во најважните работи од мојот живот…

Вие сте добитник на многу големи државни награди, кои, верувам беа сатисфакција за се што вложивте во работата?

– Веќе ги имам добиено Свети Климентовата награда, награда Мајка Тереза, 11 Октомври, првата Златна лира од друштвото на уметниците, па бројни признанија од амбасади…

Жалите ли за нешто во животот?

– Жалам заради пропуштената можност за ангажмани во Метрополитен, Миланската скала и во Виена, кои морав да ги одбијам оти бев презафатена. Поканите дојдоа кога имав многу настапи во Љубљанската опера, каде што четири мои опери беа дел од постојан репертоар…

Вие сте нашата вечна Кармен?

– Таа улога ми е најомилена. Секаде каде настапував со Кармен, публиката беше воодушевена. Велеа дека никогаш не виделе таква Кармен.

Дали Вашиот роден град Радовиш ви се одолжи за се што направивте?

– Многу! Сите досегашни градоначалници, а ги имаше пет до сега, ми доделија златни медаљи. Во работата на мојата спомен-поставка многу помогнаа Јасмина Намичева, Иванка Колова и градоначалникот Роберт Велков. Многу бев среќна. Посебно затоа што и Глигорови беа со мене таа вечер – Киро, Нада и нивната внука.
Радоваш ми е срцето. Како минува времето, се потешко ми е да одам таму. Почина снаата, па почина брат ми. Многу таги се собраа…

Како смогнавте сили да ја напишета автобиографската книга „Моето богатство“?

– Кога видов колку многу луѓе ме сакаат и ме почитуваат, едноставно ја имав таа должност. Кога славев 70-ти роденден во Холидеј Ин, 150 луѓе ми дојдоа. И, повторно – првото цвеќе беше од претседателот Глигоров. Не можеше да дојде, па испрати орхидеи. Последниот роденден на Глигоров роденденската честитка му ја испеав на телефон…

Како ги доживеавте заминувањата на драги луѓе?

– Тешко, бидејќи сум многу чувствителна. Заради тоа, и одредени здравствени проблеми ме следеа цел живот. Но, јас не можам да бидам поинаква. И, до последен миг сакам да останам таква.

Ги слушате ли своите стари снимки?

– Ги слушам, кога имам време. Година и пол дена ја работев книгата. Заедно со Снежана Анастасова Чадиковска и Александар Трајковски. Тие многу ми помогнаа. И затоа сум им многу благодарна. Имам лаптоп, знам на компјутер она што ми треба. Сега, 400-на книги им потпишав на драги луѓе. Во знак на благодарност…

Ја следите ли денес операта во Македонија?

– Бев на Мајски оперски вечери. Ја гледав „Аида“. Сите солисти беа одлични, а јас бев воодушевена…

                  ПЛЕМЕНИТА ДУША
- Цела оваа мала земја
над неа треба да бдее
како најголема драгоценост
да го чува ова богатство
и со неа, бескрајно да се гордее!..

- Мила е таа душа
само нејзиното срце го слуша.
кога таа те гушка во срцето нешто ти шушка,
како да вели: уште многу, многу
гушки сака со тебе да подели!

- Застанувам, и слушам како збори. . .
а, во душата тивок рајски оган гори,
оган кој не сака да згасне!
туку само да порасне,
нежни чувства да разгори
и ете душата веднаш ќе прозбори.
Мило сознание е таа.
Таа е една и единствена и тоа е голема вистина.

 

За мојата и ваша Г-ѓа Милка Ефтимова
Оперска дива:
Со широка насмевка, 
голема но едноставна душа,
достапна за секој добронамерник.

 Со почит: Верица Китановиќ 10.01.2020


Иван Беќковиќ
Фото: Михаил Арсовски (насловната)
и фото-документација на Милка Ефтимова