Младински културен центар е дел од проектот за возобнова на градот како донација од тогашните народи на Алжир и Советскиот Сојуз. Со тоа ЈУ Младински културен центар чувствува должност и потреба од потенцирање на важноста на светската солидарност кон Скопје, со што градот повторно доби нова шанса да стане културна и хумана метропола.
Во рамките на програмските активности за 60-годишнината од катастрофалниот земјотрес МКЦ предвидува реализација на повеќе програмски активности.
Предвиден е настап на скопскиот музички состав „Педро хорисонте“, младиот прогресивен бенд „Луфтанза“ и на етногрупата „Баклава“, која воедно ќе го промовира и своето најново издание со наслов „За Скопје со љубов“. Почетокот на концертите е предвиден да почне во 21 часот во паркот зад МКЦ, со бесплатен влез. На истата локација, во 20 часот, е предвиден настан со наслов „Зелениот дворец“: книжевен времеплов базиран на наградениот романот „Зелениот дворец“ од авторот Дејан Сибовски-Сибо, добитник на наградата „Пегаз“.
Во Галеријата на МКЦ е предвидена изложба на фотографии на Ристо Костовски, со наслов „Попатни одблесоци“. Ристо Костовски е роден 1954 година и активно се занимава со фотографија повеќе од 20 години, а последните 5 години го следи жанрот на таканаречената улична фотографија.
Во Галеријата 2 на МКЦ е предвидена изложба на фотографии од збирките разгледници издадени од МАРХ Македонска архитектура, од авторот на проектот Филип Конески, со наслов „Бетонско Скопје“. Изложбата е поддржана и од Град Скопје и од Министерството за култура.
По крајот на музичкиот дел, во паркот зад МКЦ е предвидена проекција на култното остварување СКОПЈЕ РЕМИКС (2012), омнибусот што ги обедини режисерите Вардан Тозија, Даријан Пејовски, Јане Алтипармаков, Саша Станишиќ, Синиша Евтимов, Борјан Зафировски, Огнен Димитровски, Бојан Трифуновски, Ѓорче Ставрески, Срѓан Јаниќиевиќ. Проекцијата е предвидена да почне точно на полноќ во паркот зад МКЦ.
Предвидена е и детска ликовна работилница со наслов „Моето Скопје: илустрирајќи го градот од соништата“ со Доротеј Нешовски во 18 часот на истата локација во паркот зад МКЦ, која е отворена за сите најмлади посетители.
Настанот е финансиски поддржан од програмата на Град Скопје за годишни културни настани во ЈУ МКЦ.