Младинската невработеност е еден од горливите проблеми со кои се соочува државата. Таа изнесува околу 47 % доколку се земат младите луѓе во категоријата од 20 до 34 години. Еден од начините да се надмине овој проблем претставува стимулирањето на младинското претприемништво. Во свет на интензивна глобализација и дигитализација, како и на технолошкиот развој, младите луѓе сè повеќе отстапуваат од традиционалните кариерни можности и начини на активирање на пазарот на труд. Присутен е зголемен интерес кај младите за отпочнување сопствен бизнис.
Микропретпријатијата сочинуваат 90 % од вкупната бизнис-популација во земјава. Малите и средните претпријатија во македонската економија учествуваат со 75 % во креирањето на вработеноста и со 65 % во додадената вредност. Тоа е значително над просекот на ЕУ – 27 %. „Радио МОФ“ направи истражување за моменталната состојба во државата во однос на стартапите. Информациите собрани за истражувањето беа од практични искуства, интересни примери, коментари и цитати на млади претприемачи.

Социо - културолошки ставови кон младинското претприемништво
Истражувањето покажува дека меѓу најистакнатите ограничувања се:
- младите не се сфатени доволно сериозно,
-има дискриминација базирана на возраста,
-постои недостаток на семејна поддршка,
- присутна е висока неизвесност која води кон откажување,
- страв од неуспех и негативна перцепција за претприемништвото.
Во областа на образованието и обуката за претприемништво, идентификувани клучни ограничувања се недостатокот на претприемничко образование, погрешни/несоодветни наставни програми или методи на учење, недостаток на соодветни наставници или недостаток на поврзаност со бизнисот и промена на знаењето.

Формално образование
Од наодите на интервјуата е евидентно дека младите луѓе се незадоволни од соодветноста на формалниот образовен процес. И тоа во однос на стекнатите знаења и вештини во областите поврзани со претприемништвото. Искуствата на сите интервјуирани млади се дека значењето на формалното образование во стекнувањето на нивните знаења и вештини кои ги употребиле за отпочнување и раководење со сопствениот бизнис се занемарливи.
„Формалното образование ми помогна во комуникацијата. Но, не и во раководењето и управувањето со бизнисот. Тоа не беше толку значајно во однос на неформалното образование кое беше од големо значење“, вели еден млад претприемач.
Неформално образование
Во основа, сите млади кажаа дека неформалното образование е она кое им ја дало потребната основа во однос на знаењата и вештините. Без разлика дали тоа било во доменот на претприемништвото или не, за отпочнување и раководење на сопствениот бизнис. Во таа смисла, во образовниот систем сè уште постои јасен недостаток на практично и искуствено учење. Како и учење за тимска работа. Искуственото учење многу ретко се користи како ефикасен начин за стекнување знаење и вештини. А е веројатно најмоќниот и најдобриот начин за учење на претприемништвото.
Бизнис клима
Во однос на бизнис-опкружувањето и поддршката од бизнис-заедницата, наодите од двете истражувања укажуваат на незадоволство од страна на младите претприемачи од иницијативноста на бизнис-заедницата и компаниите да им ја пружат неопходната поддршка, што се должи во дел на несоодветната инфраструктура за бизнисподдршка, а во дел на негативната перцепција на младите луѓе за деловната клима во државата.

(Не)можности за пристап до финансии
Во однос на финансирањето, младите луѓе доминантно користат сопствени средства за финансирање при отпочнувањето на сопствениот бизнис. Од друга страна, пазарот на капитал не е примамлива алтернатива за обезбедување на финансии и дополнително треба да се унапреди правната рамка и инвестициската клима заради промовирање на алтернативни начини на финансирање, како што се бизнис-ангелите, корпоративната иновативност од страна на бизнис заедницата.
Претприемачите сметаат дека кога административните регулативи се преоптоварувачки, претставуваат пречка за формирање нови бизниси. Скапите и комплицирани регулативи можат да влијаат врз претприемачите и понекогаш може да влијаат на нивните одлуки и да се премислат за отворање нова компанија. Овие постапки понекогаш вклучуваат многу хартиена документација, постојано одење до административни канцеларии и скапи нотарски и адвокатски записи. Кога ќе се погледнат бариерите за потенцијалните претприемачи, особено бариерите што можат да ги одвратат младите претприемачи кои немаат искуство во справување со административните процедури, овој аспект може да биде од клучно значење во процесот на започнување бизнис. Но, банките не им служат на стартапите или на претпријатија во рана фаза, бидејќи тие бараат минимум 12-месечна деловна историја за да може една компанија да биде квалификувана да земе заем.
Се чини дека младите не сакаат да ризикуваат. Затоа доколку бидат финансирани и им е дадено одредено време до две години да развијат проект и да го пласираат на пазарот. На тој начин би имале поголема стапка на успешност.
„Студентите на пример, разбираат дека има повеќе ризици кога станува збор за преземање претприемништво. Од друга страна, тие го гледаат претприемништвото како нешто модерно. Нешто што може да ги направи поуспешни. Но, сè уште им недостасуваат механизми, техники, алатки и простор да го имплементираат ова во пракса. Има голем јаз од раѓањето на идејата до спроведувањето на таа идеја“, се вели во истражувањето.