– Економијата закрепнува, додека јавните финансии се на добар пат. Даночната реформа и данокот на солидарност треба да се усвојат поскоро, без понатамошни одложувања. Потребно е ограничување на платите во јавниот сектор, за да се избегне големо оптоварување на јавните финансии и поттикнување на високата инфлација. Ова се накусо заклучоците за фискалната политика на Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), предводена од Жак Миниан, која ги разгледуваше економските состојби и политики во земјава на почетокот на јуни, во рамки на програмата за користење на Линијата за ликвидност и претпазливост (ПЛЛ).

Како што се посочува во соопштението, објавено од страна на ММФ, во тек е економско закрепнување на земјава, со реален раст на БДП проектиран на 2,1 отсто за оваа година, и 3,4 отсто во 2024 година. Инфлацијата, исто така започна да опаѓа и се очекува истата годинава да се сведе на 9,2 отсто, следната на 3,5 отсто, додека до 2026 да се врати на стапката од два проценти.
Што побрзо усвојување на даночната реформа и данокот на солидарност
Како што стои во соопштението од Фондот, јавните финансии се на добар пат и очекуваат дефицитот да биде во рамки на усвоениот Буџетот за 2023 година. Сепак, нагласуваат дека доцнењето во усвојувањето на даночната реформа и данокот на солидарност, може да влијаат на даночните приходи. Во овој контекст, тие препорачуваат даночната реформа, во чие дизајнирање имаше придонес и ММФ и која имаше долг период на консултации со јавноста, да се усвои без одлагање, исто како и данокот на солидарност. Исто така сметаат дека напорите за подобрување на наплатата на даноците треба да продолжат и да се забрзаат.
Во однос на платите во јавниот сектор, од Мисијата на ММФ посочуваат, дека во Буџетот на централната влада веќе има простор за зголемување на платите за околу 10 отсто, вклучително и усогласувањето на минималната плата оваа година. Сепак сè што е над ова би создало големо и трајно оптоварување на буџетот, а исто така би било ризик по другите суштински трошоци. Големите покачувања на платите во јавниот сектор, исто така, се ризик да ја претворат привремено високата инфлација во постојано висока инфлација.
Блок-тарифите се значаен чекор
Во однос на цените на електричната енергија, од Фондот нагласуваат дека блок-тарифите се значаен чекор во вистинска насока. Сепак, како што истакнуваат, цената на струјата за домаќинствата кај нас останува високо субвенционирана и меѓу најниските во Европа. Како резултат на тоа, јавните финансии остануваат ранливи на порастот на цената на енергијата. Иако зголемувањето на тарифите за енергија никогаш не е лесно, ќе биде важно да се продолжи со реформите на тарифите за електрична енергија кои постепено ги укинуваат субвенциите и ја зајакнуваат енергетската ефикасност. Сегашниот контекст на пониски меѓународни цени на енергијата дава можност за продолжување на ваквите реформи. Поддршката за сметките за електрична енергија треба да биде насочена кон посиромашните домаќинства, наместо да им користи на повеќето домаќинства на нецелен начин, како што е моментално.
Монетарната политика влијае на намалување на инфлацијата
„Народната банка на Република Северна Македонија (НБРСМ) ја продолжи неопходната нормализација на монетарната политика преку повисоки политички стапки и други мерки, за да се осигура дека високата инфлација нема да се вкорени. Овие промени во политиката помогнаа да се стабилизираат инфлациските очекувања и придонесуваат за постепен пад на инфлацијата. Поважно, тие исто така обезбедуваат девизните резерви да останат соодветни, што е клучно за Северна Македонија.
Мисијата на ММФ посочува и дека „банкарскиот систем е ликвиден, профитабилен и соодветно капитализиран и очекуваат дека ќе може да ги апсорбира ефектите од заострените финансиски услови и другите шокови. Сепак, позитивните услови денес треба да се искористат за да се продолжи со натамошно зајакнување на капиталот. И нагласуваат дека го поддржуваат неодамнешното воведување на макропрудентни мерки засновани на заемопримачи, а коишто се однесуваат на квалитетот на кредитната побарувачка, за кои наведуваат дека се важна алатка за управување со ризиците во секторот „недвижнини“.
На крај во соопштениетои се нагласува дека структурните и институционалните реформи, кои се суштински за перспективите за пристап на Северна Македонија во ЕУ, треба да се забрзаат, за да се зајакнат изгледите за раст на земјата и приближувањето на приходите кон ЕУ на среден рок.
Што се однесува до проектот за пат на Коридорот 8/10г, вработените во ММФ сè уште ги проценуваат импликациите врз јавните финансии.