-„ Неискористен студентски потенцијал“ е истражување кое точно ја покажува стапката на неуспехот на стипендии доделени од МОН  на 100-те престижни универзитети според Шангајската листа. Всушност, покажува колку стипендијата не е популарна, колку е нетранспарентен процесот на прераспределба на стипендиите, колку МОН не се грижи за студентите кои ја добиле стипендијата и кои треба да се вратат дома и да и возвратат на државата со својата работа  во институциите и македонското општество. 

Практично поголемиот број на стипендисти кои се заминати во странство не се вратиле во земјата, а оние кои пак се вратиле и биле контактирани од Министерството добиле многу непристојни понуди  за работа за разлика од нивниот степен на образование, вели претседателот на ‘Млад образовен форум’, Ристо Савески.

Нема ниту евиденција, ниту комуникација со самите студенти

–Стипендијата што се доделува  во основа го покрива студирањето за програми кои ги нема на македонските  универзитети, меѓутоа самата стипендија е најголем бенефит за побогатите студенти, односно за оние кои можат да си дозволат да го покријат останатиот дел од потребните трошоци за студирањето, бидејќи стипендијата во најмала рака ги покрива трошоците за студирање и мал дел од трошоците за живот, објаснува младиот Савески.

Инаку, како што откриваат истражувачите од оваа асоцијација, според  информациите што ги добиле од МОН, заклучиле дека најголем дел од студентите одат на студии во Обединетото Кралство, потоа во САД и на трето место во Холандија. Тие се најатрактивни за студентите, а исто така и Белгија и Италија се локации каде има повеќе студенти. Во однос на точните бројки колку  од стипендистите се вратиле, а колку не, МОН не располага со точна бројка. Односно не располага со такви податоци, бидејќи документацијата која се води не е комплетна, така што графите каде што стои кога точно завршил студентот и дали се вратил во најголем дел биле празни.

 Значи МОН дава стипендии, но не води сметка каде се нејзините стипендисти, каде работат, дали ќе се вратат.

„Тоа е  исто така еден од заклучоците што произлегува од  анализата на податоците. Всушност на нашето прашање какви податоци доставуваат до МОН кога ќе завршат, најголемиот дел од стипендистите одговорија дека  доставиле само потврда дека го завршиле факултетот,  магистериумот или докторатот – или диплома. Но, многу мал број од нив добиле понуда за работа и таа најчесто не била соодветна за нивниот степен на образование.  И што е најважно не била во рамките на првите шест месеци. Практично тоа е законска обврска што произлегува од  Договорот во рок од шест месеци по завршувањето, да бидат на располагање на МОН.  Но тие најчесто биле контактирани по една или две години и добивале понуди несоодветни за нивните аспирации и нивниот пат што можат да си го овозможат со нивниот степен на образование.

Заслужени стипендии или?

На прашањето кој е бенефитот да се студира на престижните универзитети?, Луција Чукеловска една од авторките на истражувањето вели:

-Според  мислењето на повеќето, односно 40  отсто од младите веруваат дека работодавците во нашата држава многу повеќе ги вреднуваат дипломите на студентите од универзитетите од странство. Оттаму произлегува дека ако завршиш на некој од 100-те факултети на Шангајската листа веројатноста е дека полесно ќе си најдеш работа, но од друга страна државата ниту ги бара по завршувањето, ниту пак   им бара работа во државната управа или високо научните институции во државата. Оттука произлегува дека барем оние што остануваат се вработуваат во приватни компании или пак си остануваат во државите каде веќе студирале. Ова е заклучокот  што ние го извлековме од прашањето.

Во однос на критериумите за доделување стипендија  за студенти кои студираат на 100-те престижни светски универзитети), Чукеловска  вели дека  во самиот Закон за образование и Законот за студентски стандард е поставено само генералното право за добивање на стипендија, додека во Правилникот и конкурсите што се носат на годишно ниво, подетално се уредени  критериумите врз основа на кои се доделува стипендијата. Тоа што кружи во јавноста е скептицизмот дека начинот на доделување, всушност и процесот на селекција не е фер, со тоа што најчесто добиваат студенти кои се попривилигирани, односно кои имаат некои други  врски или финансиски способности за да ги добијат овие стипендии. Самиот процес на селекција е ставен во рацете на комисијата која се состанува секоја година и тој процес не е транспарентен за јавноста- тоа е една од проблематиките  што произлезе од анализата.

Никој не ги прати нашите научни стипендисти

Сепак и според ова истражување на младите авторки  Луција Чукеловска и Јоана Тренеска,  останува нејасно зошто Министерството доделува стипендии за овие универзитети, ако тој кадар  не ни е потребен?

Целта на стипендијата, е да се обезбедат кадри за дефицитарните полиња во државата каде што навистина има потреба од поголема стручност, односно да креираме кадри кои можат да придонесат за развој во тие специфични ресори. Тие области се различни секоја година, како што објаснија овие млади истражувачи, но МОН нема податоци, врз основа на што и како државата одлучува на годишно ниво кои се тие области за коишто имаме дефицит во тековната година и зошто сака да ги стипендира.

Нелогично е ако има дефицит за одредена професија, зошто тогаш стипендистите никој не ги бара по завршувањето за пополнување на тие работни позиции. Практично одговорот на тоа е и оваа студија: неискористениот студентски потенцијал. Но од овде произлегува уште едно прашање: Зошто тогаш праќаат студенти  за кои се трошат големи пари, а не се искористуваат, сепак станува збор за државни пари.

Чукеловска  вели дека во голем дел од случаите е така. И појасни:  Видовме дека има напор и од  страна на МОН да се следат овие студенти, има поднесено и листи на вратени студенти до Владата, но сепак нема исход  дали тие студенти се контактирани или не. Во текот на истражувањето што ние го спроведовме, ги прашавме студентите, но добивме поделени мислења, но сепак голем дел од нив не се исконтактирани и не е искористен нивниот потенцијал.

Потрошени државни пари без поврат

-Од 2012 година до сега според податоците на „Млад образовен форум“ се доделени 389 стипендии, додипломски, магистерски и докторски. Но нема точни бројки  колку од нив се вратиле и се вработиле во државни или научни институции. Во основа на секој студент кој го продолжува школувањето на еден од  100-те универзитети на Шангајската листа  му се исплаќаат  40 000 долари на годишно ниво. И во зависност од студиската програма (три до четири години) државата дава, односно троши околу  160 000 долари за еден студент на пример, да студира во Англија и потоа иако го финансирала не го бара каде е и што прави.

Значи во  најголемиот дел од случаите, според  списоците што ги добивме од МОН тоа се должи на слабиот процес на следење на тие студенти. И државата нема точни информации каде се тие студенти, зошто не им понудила соодветно вработување, поради што тие студенти си остануваат најчесто во земјата каде студираат. Значи трошиме пари за да остручиме кадар, да направиме специјалисти во одредени области за други држави, а не за нашата.

Проблемот е во негрижата на државата – фрлаш пари и не ти е гајле дали има или не, поврат, бенефит од тие финансии, таа наука, објаснува младата истражувачка, Чукеловска.

Инаку има и законска обврзувачка ставка за студентите: Ако студирале четири  години во странство треба да и вратат на државата со осум години работа овде или да ги вратат парите, но тоа важи само доколку бидат исконтактирани само првите месеци, а тие што се исконтактирани и одбиле треба да платат пенали- да вратат поголема сума од таа што ја добиле.