Италијанската престолнина Рим има повеќе од две илјади фонтани, а од нив 50 отсто од нив се наоѓаат на оние места кои се сметаат за вредни историски спомени. Најпозната е фонтаната ди Треви.
Архитектот Никола Салви ја замислил и дизајнирал оваа фонтана која е завршена во 1762 година, 11 години после неговата смрт и после вкупно 30 години градење. „Треви“ е најголемата барокна фонтана во Рим (висока 26 метри и широка 20 метри) и веројатно најпознатата на светот. Таа беше и местото каде се снимаа многу реклами и сцени од бројни филмови. После филмот „Три монети во фонтана“ снимен во 1954 година, граѓаните и туристите почнале да фрлаат кованици во фонтаната, верувајќи дека тоа ќе им донесе среќа. Нема турист кој не сака да ја посети и да фрли паричка за среќа, бидејќи тоа е традиција. Но, дали некогаш сте се запрашале каде завршуваат монетите фрлени во таа фонтана и колку монети се собираат секоја година? Според некои објави од фонтаната дневно се собираат и до 3000 евра. Минатата година е рекордна - од римската фонтана се собрани повеќе од милион и пол евра.
Вработените во римското претпријатие за водоснабдување и електрична енергија, речиси секојдневно ги собираат монетите кои случајните минувачи, граѓани на Рим, но најмногу туристи, ги фрлаат во фонтаната „Треви“ за среќа.
Оваа традиција датира од антички Рим, кога монетите се фрлале во водата со цел да се смират боговите на водата. Подоцна, ваквата традиција официјално ја воведува германскиот археолог Волфганг Хелбиг со цел да ги убеди сите оние кои тажни го напуштале градот дека ќе му се вратат, доколку фрлат паричка во фонтаната.
Познато е дека многу туристи кои доаѓаат во овој град сакаат да бидат дел од таа традиција, која е толку вкоренета што дури и лидерите на Г-20, кога престојуваа во Италија во 2021 година, предводени од нивниот домаќин, тогашниот премиер Марио Драги, фрлиле паричка преку нивните плеќи во фонтаната.
„Не можете да го посетите Рим без да ја посетите оваа фонтана, тоа е задолжително“, јасен е претседателот на римската добротворна организација „Каритас“ Џустино Тринча.
Малкумина Италијанци знаат дека парите што се собираат неколку пати неделно од фонтаната веќе 15 години одат во хуманитарната организација „Каритас“ во Рим. Годинава се собрани рекордни 1,6 милиони евра, кои ќе им помогнат на сиромашните жители на главниот град.
„Кога ќе ги одземеме трошоците за собирање на монетите, што е некаде околу шест отсто од вкупната сума, остатокот оди кај две илјади семејства кои добиваат топол оброк во народните кујни. Минатата година послуживме 53.000 оброци, а оние на кои им е потребна помош добиваат посебни картички со кои можат да пазарат во пет специјализирани супермаркети“, објаснува Тринча.
Монетите од фонтаната се собираат така што прво се редат со голема четка, а потоа со помош на голема цевка се вшмукуваат. После тоа ги ставаат една по една во вреќи кои рачно ги запечатуваат и ги носат во магацин. Таму се мијат и се сортираат по вредност, по што се делат на оние на кои им се најпотребни.
Но, во фонтаната не се фрлаат само монети, туку неретко и забни протези, чаши, очила и други предмети. Сепак, покрај монетите најчесто се наоѓаат нараквици, кои најверојатно се одврзуваат во моментот на фрлање на металните парички. Во Фонтаната покрај евра има монети од целиот свет кои се одвојуваат, за подоцна да се заменат за евра.
Ако не сте знаеле, правилното фрлање паричка во фонтаната „Треви“ подразбира да стоите свртени со грб, со затворени очите и да ја фрлате паричката преку левото рамо со десната рака. Можеби е симболичен гест кој секако е дел од легендата, но на тој начин им помагате на многу луѓе денес.