Секојдневно слушаме: општествени вредности не постојат; ние се опседнуваме поради социјалните мрежи; луѓето се покорумпирани и поагресивни од било кога. Оптоварени со вести за војни, вооружено насилство, злосторства од омраза и лишување од право - се чини дека секој ден носи нови докази дека човештвото тоне кон морален пад. Но, дали е навистина така?

 

Можеби не е полошо, но не значи дека е добро
Вообичаена заблуда

Истражувањето на психолозите Адам Мастројани и Даниел Гилберт вели дека ова гледиште е моќна и упорна заблуда. Со децении, кога од луѓето, ширум светот, ќе се бара да го споредат моралот на денешницата со моралот од минатото, тие секогаш со големо мнозинство ќе кажат дека моралот се влошува. Но, кога се спроведоа за моменталната состојба на моралот, одговорите на учесниците останаа релативно стабилни со текот на времето - сугерирајќи дека оваа перцепција за опаѓање на моралот и не е баш точна.

„Ова интензивно чувство што го имаме дека сите овие гадости што ги гледаме денес се нови - е заблуда“, нагласува Мастројани, главниот автор на трудот, објавен во списанието Nature, пренесува Вашингтон пост. „Фактот што ви се чини дека знаете, не е доказ дека навистина знаете (дека моралот е опаднат).

Мастројани нагласува дека нивната работа не е наменета да ги негира вистинските кризи со кои се соочува општеството денес. „Да се ​​каже дека работите не се влошиле не значи дека работите се добри“, додава тој. Наместо тоа, може да се каже дека: „Имаме епидемија на една болест, а ја забораваме претходната епидемија“. Секогаш ни се чини дека денешните настани се едноставно полоши од претходните“.

Џон Дорис, професор по филозофија на Универзитетот Корнел, вели дека „ја поздравува оваа студија“, иако не смета дека наодите се изненадувачки. „Еден поет одамна рекол: „Светот постојано пропаѓа“. 

Можеби не е полошо, но тоа не значи дека е добро

Оваа илузија на морален пад, како што ја нарекуваат истражувачите, има траен одзив. Пред две илјади години, римскиот историчар Ливиј го оплакуваше  „потонувањето на основните морални принципи“ коишто донесоа „темна зора на нашата денешница“, пишуваат истражувачите. Тоа е вид на копнеж за минатото, што политичарите се обидуваат да го искористат во тек на  кампањата - и вид на меѓугенерациска тага, која поединечни членови на семејството честопати ја поддржуваат на семејните собири.

Мастројани вели дека оваа постојана идеализација на минатото страшно го нервирала. „Цел живот слушам како луѓето се жалат дека работите не се толку добри како порано“. Тој постојано слушал работи како:’Порано можеше да ја оставиш вратата отклучена ноќе; Порано можевте да им верувате на политичарите,’ но тие често не можат да ги поткрепат тие тврдења“, истакнува психологот.

За да проникне во овој начин на размислување, Мастројани ги прегледал анкетите спроведени во текот на изминатите 70 години од страна на големите истражувачки агенции - вклучувајќи ги Пју, Галуп и публикации како што се Економист и Волстрит журнал - кои анкетирале околу 220.000 Американци, дали и колку мислат дека моралот се менува со текот на времето. На околу 84 отсто од прашањето, мнозинството Американци рекле дека моралот е намален. Одговорите во истите истражувања спроведени во 59 други земји имаат слични наоди, открија авторите.

А сепак, кога Мастројани анализирал други прашања од анкетите спроведени помеѓу 1965 и 2020 година, во кои било побарано од четири и пол милиони испитаници да го проценат моменталниот морал во општеството, нивните одговори изгледале стабилни, давајќи мала поддршка за тезата дека моралот е во опаѓање.

 Забораваме дека не сме биле секогаш толку добри како што мислиме

Авторите исто така побарале од своите испитаници да го споредат сегашниот морал со моралот од минатото и откриле дека тие секогаш паѓале во истата замка. На перцепцијата на испитаниците мало влијание имала политичката ориентација и возраста - конзервативците и постарите луѓе имале тенденција да регистрираат поголем морален пад - но и либералите и помладите учесници биле на истата линија на размислување.

Иако постојат неколку можни причини за оваа заблуда, Мастројани претпоставува, дека тоа може да биде резултат на длабоко вкоренети предрасуди. Истражувањата покажале дека луѓето им даваат предност на негативните информации во сегашноста, но од друга страна, негативните настани многу полесно бледнеат од нашето сеќавање и на минатото му даваат му даваат розов тон кој и недостасува на сегашноста, велат авторите на студијата. Резултатот е еден вид на изобличување како во ретровизор: патот зад нас изгледа помазен, а оној по кој се наоѓаме изгледа груб, и природно е да се заклучи дека веројатно сме направиле некаде погрешна кривина.

Последиците од ова може да бидат значајни. Лијан Јанг, психолог од Бостонскиот колеџ, забележува дека начинот на кој го перципираме моралот на другите влијае на нашите морални принципи. „Ако мислам дека моралот на луѓето околу мене опаѓа, тогаш тој мој песимизам може да ме наведе да ги намалам сопствените морални стандарди“, забележува Јанг.

Мастројани и Гилберт во трудот наведуваат дека таквите ставови може да ги наведат луѓето да избегнуваат контакт со странци и да не им веруваат на нивните добри намери, што „би било чин што само ќе ги продлабочи заблудите“.

Интересно е, меѓутоа што истражувачите пронајдоа начин потенцијално да ја намалат оваа заблуда барајќи од испитаниците да ги оценат моралните принципи на луѓето во нивното непосредно опкружување.

„Сите ги изолирале своите острови и рекле „луѓето на мојот остров се добри, но сите околу нас се сѐ полоши“, наведува Мастројани. „Но, луѓето од тие други острови го имаа истиот одговор“.