Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва, денес е на дневен ред на собраниската седница на Комисијата за економски прашања.

Како што стои во воведот на овој предлог - Една значајна област која во Законот за трговските друштва е нерегулирана е принудното купување и продавање акции или т.н. „истискување“ кај акционерските друштва со доминантна и концентрирана сопственичка структура каде еден мнозински акционер поседува над 95 проценти од акциите со право на глас. Предлогот за уредување на оваа област, подготвен на Иницијатива од Комисијата за хартии од вредност, врз основа на барање од Кабинетот на македонскиот премиер е поврзан со акционерството и пазарот на капитал како есенцијална компонента на секој финансиски пазар. Пазарот на капитал во основа најчесто се регулира со неколку клучни закони, кои меѓусебно се комплементарни: Законот за трговските друштва, Законот за хартии од вредност и Законот за преземање на акционерските друштва.

 Регулирањето на принудното купување и продавање акции-неопходно

Во Македонија за разлика од искуствата на законодавствата на европските земји во кои дојде до промена на општественото уредување во пазарна економија, и каде компаниските закони се усвоија во раните фази на транзицијата, речиси и воопшто да не е законски регулирана материјата за принудното купување и продавање акции. Тука не се мисли на Законот за преземање на акционерските друштва, каде што ова „истискување“ се случува само по успешно спроведена постапка за преземање (само во одреден временски период) согласно овој закон, во која преземачот се стекнал со над 95 отсто од акциите со право на глас. Компаративно, оваа материја е соодветно регулирана во Хрватска и Србија како земји со кои имаме слично законодавство. Регулирањето на принудното купување и продавање акции или т.н. „истискување“ во Законот за трговските друштва е неопходно и поради тоа што, како резултат на концентрираната сопственичка структура кај одредени акционерски друштва постои ниска ликвидност на нивните акции на берзата, како и мало учество на акциите во посед на јавноста. Оттука, во процесот на „истискување“ треба јасно да се пропишат и дефинираат обврските на доминантниот акционер што вклучува обврска за задолжително купување на акциите на малцинските акционери, од една страна. Но, од друга, треба соодветно да се пропишат и правата на малцинските акционери да бараат принудна продажба на нивните акции на доминантниот акционер во законска процедура која обезбедува фер, транспарентен и коректен третман. 

Холдинг

Во постојната законска регулатива, холдингот, односно концернот, како посебна форма на организирање и работење на трговските друштва не е експлицитно дефиниран. Одредби кои упатуваат на оваа форма на поврзување на трговските друштва се содржани во Законот за трговските друштва, а тоа се одредбите кои се однесуваат на формите на поврзување на трговските друштва. Стопанската комора на Северна Македонија иницираше подетално и експлицитно законско нормирање на холдингот во Република Северна Македонија, што подразбира доуредување на определени прашања во Законот за трговските друштва, со цел практично ефектуирање на придобивките од холдингот, по примерот на земјите од регионот, но и од Европската унија.

Цел на Предлог законот

Како што е нагласено во образложението на собраниската веб-страна, донесувањето на Предлог на Законот за трговските друштва, има за цел да се регулираат две, мошне значајни области, за деловните субјекти во Република Северна Македонија, а тоа се:
-принудното купување и продавање акции, или т.н. „истискување“ и,

- холдингот, односно концернот, како форми на поврзување на друштвата.

Целта на Предлог законот е регулирање на принудното купување и продавање акции или т.н. „истискување“ во Законот за трговските друштва, како мошне значајно прашање за малцинските акционери и за доминантниот акционер кој поседува над 95 проценти од акциите со право на глас, низ воспоставување точно и прецизно пропишана законска процедура како да го остварат „истискувањето“ т.е. своето право на принуден откуп, односно право на продажбата на акциите.

-Законското нормирање на холдингот, односно концернот и уредување на прашањата кои се однесуваат за неговото функционирање, може значително да придонесе за поедноставување и подобрување на примената на постојните законски одредби со кои е регулиран начинот на функционирање на овие форми на поврзување меѓу
трговските друштва, значително подобрување на деловните резултати кај овие субјекти, како и унапредување на нивното работење во земјата, што ќе обезбеди понатамошен економски раст и унапредување на економскиот систем, се предвидува со предлог-законот.

Како што се посочува во образложението, Предлог законот има за цел доследна
примена на политиките за спречување корупција и судир на интереси, преку обезбедување интегритет и транспарентност при спроведување на постапките за избор и отповикување членови на органот на управување и надзорниот одбор во акционерските друштва и друштвата со ограничена одговорност во сопственост на државата. Овие постапки треба да се базираат на систем на вредности и критериуми за квалитет, во согласност со целите утврдени во Националната Стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси (2021-2025), Акцискиот план и Годишниот извештај за спроведување на Националната Стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси (2021-2025) за периодот 01.01.2021 до 31.12.2021.