Ова се истражувачки податоци на невладината организација „Кредит Протект“, чија примарна работа од нејзиното основање и била да го испита теренот со финансиските институции кои финансираат потрошувачки кредити во Македонија, какви се искуствата на граѓаните со потрошувачките / брзите кредити, но, и да направат притисок врз надлежните државни органи со цел измени на законската регулатива која се однесува на потрошувачките кредити.
Веб страницата на „Кредит Протект“ стигијно се појави на социјалната мрежа „Фејсбук“ на почетокот на мај. Во описот на нивната работа стои дека се невладина организација која се занимава со давање правни совети и правна помош за корисниците на потрошувачки/брзи кредити. А од мај па до сега, во „Кредит Протект“ се јавиле околу 80 граѓани, загрижени со нивната презадолженост кон финансиските друштва за брзи пари. Во Македонија, такви друштва со последните официјални податоци од овој месец се вкупно 33.
Тоа беше причина да го посетиме здружението „Кредит Протект“, каде разговаравме со неговата претседателка Елена Таховска, за тоа какви се' случаи пријавуваат граѓаните.
„Ние мониторираме случаи на луѓе корисници на потрошувачки кредити од банки, штедилници и финансиски друштва за брзи кредити. Досегашнопто искуство покажа дека проблеми со банки има во делот на оперативна грешка. Банките се многу повеќе транспарентни, регулирани и мониторирани од Народна банка. Проблемот е кај финансиските друштва, бидејќи таму надзорот го врши Министерството за финансии, а регулативата е никаква. Немаат правилник за начин на вршење на контрола и надзор, а казните што се предвидени за проблематиката која ги засега граѓаните се најмногу 5 000 евра. Потрошувачките кредити се регулирани со закон за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачките кредити. Во законот е регулирана годишна стапка на вкупни трошоци која може да биде најмногу пет пати повисока од стапката на законската казнена камата утврдена согласно со Законот за облигационите односи за договорите во кои барем едното лице не е трговец, која имајќи ја во предвид моменталната законска казнена камата изнесува 50%. Но, согласно законот стапката на вкупни трошоци не ги вклучува трошоците поврзани со: неисполнување или задоцнето исполнување на обврските од договорот за потрошувачки кредит, односно не се вклучени сите трошоци кои финансиските трошоци за доцнењеи тоа е проблемот што настанува бидејќи овој дел од финансиските друштва максимално го злоупотребуваат. Ако некој малку задоцни со рата, има страшни провизии, вели Таховска.
Анализата на случаи на примери од граѓани покажуваат дека ако каматна стапка на банка за кредит е од 6% до 10% годишно на износот на кредитот, финансиските друштва сметаат и до 5 % провизија дневно на задоцнет износ. Има и такви случаи во кои финансиските друштва испраќаат писма за опомена кои ги наплаќаат и до 6 000 денари.
„Оставајќи ја настрана стапката на вкупни трошоци која ја искористуваат до максимум, во старт штом има задоцнување со отплата, имате голема сума на пари кои се трупаат на договорот. Оваа слобода и нерегулираност на законот се злоупотребува. Имаме случај на лице каде за кредит од 9 000 денари, човекот со сите провизии за задоцнување должи над 100 000 денари за една година. Износот кој го побаруваат е преку 10 пати поголем од износот на исплатениот кредит. Со цел поголеми профити, ги искористуваат дупките во законите и го презадолжуваат населението, објаснува Таховска.
Финансиските друштва за брзи пари се под контрола и надзор на Министерството за финансии, под чија капа се наоѓа и законот за кој има предлог за измени уште од ноември 2021 година, а за кој „Кредит Протект“ реагирале да се изменат и низа други членови кои ги оневозможуваат финансиските друштва да остваруваат огромни профити. Преговорите биле во насока да се ограничат трошоците за задоцнета отплата, односно да не смеат да изнесуваат повеќе од износот на кредитот. На пример, ако граѓанин земе 10 000 денари кредит, трошокот за задоцнета отплата да не смее да биде поголем од 10 000 денари. Во моментот, како што вели Таховска, има луѓе кои плаќаат и 1 000% повеќе.
„Има пример каде жена земала 7 000 денари кредит. Го зема од оправдани причини. Во банка е цел процес подолг. Ги зема парите и не може да враќа рати во моментот. И почнуваат да растат трошоците за задоцнета отплата. Нареден месец собрала 2 000 денари, но тие пари одат за трошокот за задоцнета отплата. Поминуваат неколку месеци. Тие 10 000 денари станале 15 000. Бидејќи веќе доцни, во Македонско кредитно биро е презадолжена и финансиското друштво и понудува рефинансирање за кое секако наплаќа провизија, но сега на главницата се додава и трошокот за задоцнета отплата. Ако не можела да плаќа рата од 2 000 денари, нормално е да не може да плаќа двојно поголема. И повторно започнува да доцни и повторно се оди на рефинансирање и тој процес е како лавиринт од кој нема излез“.
- Дали финансиските друштва им прават притисок на банките во поедноставување на процедурите за добивање на потрошувачки кредит, ако се има во предвид дека кредит во финансиско друштво може да се добие и за 10 минути?
„Банките и штедилниците се под контрола на народна банка. Таа има куп регулативи што мора банките да ги почитуваат една од нив е да се изврши и соодветна кредитна анализа. Дополнително, уште еден момент е што секоја банка е обврзана да предвиди ограничување во поглед на долгот кој ќе го има корисникот и приходите кои ги има, а кои ограничувања се движат околу 50%-60%. Тие се обврзани да ги направат потребните кредитни анализи и не може туку така да дадат кредит. Може да бидат казнети“.
- Но, и финансиските друштва велат дека имаат кредитни експерти и вршат анализи?
„Да, и тие имаат некаков систем, најчесто користат скоринг систем, но, не знам како функционира кај неврабтени лица или примателите на социјална помош. Има жена која формално добива социјална помош од 4 600 денари, а и дале 60 000 денари кредит. Од тие 60 000 денари тие сигурно ќе наплатат 150 000 денари. Може не редовно и сега, но за одреден временски период ќе ги наплатат. Исплаќаат кредити на 18 – годишни млад луѓе, кои гледајќи ги нивните реклами се лажат, иако проверуваат дека не се вработени. Она што е уште пострашно е што бидејќи нема законско ограничување до кога најдоцна мора да започнат постапка за присилна наплата, тие ги држат кредитите подолго време активни, но некои случаи и со години, се со цел да се натрупаат што е можно повеќе трошоци за задоцнета отплата кои подоцна ги наплаќаат во извршна постапка“.
Правни постапки
Во случај да постои законска можност и граѓаните да одлучат да поведат судска постапка, тие ќе бидат на товар на здружението „Кредит Протект“. Но, како што вели Таховска и самите граѓани мораат да бидат поажирни во комплетирањето на документацијата, за да може постапката да отпочне. Но, Таховска посочува и на други проблеми со кои се соочуваат.
„Онаму каде имаме простор за судска постапка, финансиските друштва не даваат копии од договори, писмените барања се прават како не ги добиле. Морам да поведам судска постапка за да ги добијам нив по судски пат, ми треба аналитичка картичка да видам колку должи, колку платил и колку пресметувале. За да знам на колкав износ е побарувањето, имам информација од клиенти и некоја опомена за заостанат долг, но ми требаат детали за да започнам постапка, но не ги даваат тие податоци. Буквално, усно ми кажуваат барај си во судска постапка“, вели Таховска.
Нејзиноот став е дека ситуацијата не е безнадежна, но, истовремено и дека е алармантна. За нецели пет години, бројот на брзи кредити е пораснат од 5 000 над 100 000. Нивното истражување покажува дека 70 проценти од корисниците на овие кредити се презадолжени.