-На крајот на четвртиот квартал од 2023 година, бруто надворешниот долг изнесува 11.463 милиони евра и забележа квартално зголемување од 386 милиони евра. Бруто надворешните побарувања се зголемија за 81 милион евра и изнесуваат 7.004 милиони евра. Поголемото квартално зголемување на обврските во однос на побарувањата доведе до зголемување на нето надворешниот долг за 305 милиони евра, така што на крајот на декември 2023 година тој изнесува 4.458 милиони евра, стои во соопштението од Народна банка за Позначајни промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција: четврт квартал 2023 година.

Негативната нето меѓународна инвестициска позиција, на крајот на декември 2023 година, изнесува 8.500 милиони евра, или 62,2 отсто од проценетиот БДП за 2023 година. Од овој износ, најголемиот дел, или 87 проценти, се нето-обврски врз основа на директни инвестиции, од кои 69 отсто се врз основа на сопственички капитал.

Бруто надворешен долг

На крајот на декември од 2023 година,како што информираат од НБРСМ, бруто надворешниот долг изнесува 11.463 милиони евра (или 83,9 отсто од проценетиот БДП) и бележи квартално зголемување од 386 милиони евра (или за 3,5 отсто). Доколку од долгот се исклучи ефектот од специфичните активности за управување со девизните резерви на централната банка, бруто-долгот бележи квартално зголемување од 459 милиони евра. Оваа квартална промена е резултат на зголемениот јавен долг (за 413 милиони евра) и зголемениот приватен долг (за 46 милиони евра). Кварталното зголемување на јавниот надворешен долг од 413 милиони евра е резултат на зголемувањето на долгот на секторот „држава“за 287 милиони евра и на јавните банки и јавните претпријатија за 131 милион евра. Растот на приватниот долг се должи на зголемениот долг на приватните банки и на небанкарскиот приватен сектор (за 151 и 34 милиони евра, соодветно), при намалување на обврските на капитално поврзаните субјекти (за 139 милиони евра).

Во споредба со крајот на 2022 година, бруто надворешниот долг е повисок за 673 милиони евра, или за 6,2 проценти. Притоа, долгот со исклучен ефект од специфичните активности за управување со девизните резерви на централната банка е зголемен за 752 милиона евра.

Остварениот раст е резултат на зголемениот јавен надворешен долг (за 451 милион евра) и зголемениот приватен долг (за 301 милион евра). Повисокиот јавен долг е резултат на растот на долгот на секторот „држава“ (за 354 милиони евра) и на јавните банки и јавните претпријатија (за 104 милиони евра). Растот на приватниот долг е резултат на зголемените обврски кај капитално поврзаните субјекти (за 212 милиона евра) и небанкарскиот приватен сектор (за 108 милиони евра), додека долгот на приватните банки бележи намалување (за 18 милиони евра). 

Бруто надворешни побарувања

Бруто надворешните побарувања, на крајот на четвртиот квартал од 2023 година, изнесуваат 7.004 милиони евра (или 51,3 проценти од проценетиот БДП) и забележаа квартално зголемување од 81 милион евра (или за 1,2 отсто). Доколку се исклучи ефектот од специфичните активности на централната банка поврзани со управувањето со девизните резерви, бруто надворешните побарувања се зголемени за 186 милиони евра. Оваа квартална промена е резултат на зголемените јавни побарувања за 615 милиони евра, при пад на приватните побарувања за 429 милиони евра. Растот на јавните побарувања е резултат на зголемените побарувања на централната банка, додека падот на приватните побарувања произлегува од намалените побарувања на капитално поврзаните субјекти (за 416 милиони евра) и останатите сектори (за 28 милиони евра), при раст на побарувањата кај депозитните институции (за 15 милиони евра). Во споредба со крајот на претходната година, бруто надворешните побарувања се повисоки за 526 милиони евра. Без ефектот од специфичните активности за управување со девизните резерви на централната банка, бруто надворешните побарувања се зголемени за 670 милиони евра, и тоа како резултат на зголемените јавни побарувања (за 638 милиони евра) и приватни побарувања (за 32 милиона евра).

Растот на приватните побарувања произлегува од зголемените побарувања на депозитните институции (за 52 милиона евра) и на капитално поврзаните субјекти (за 35 милиони евра), при пад на побарувањата на останатите сектори (за 54 милиони евра).

Нето надворешен долг

На крајот на 2023 година, нето надворешниот долг изнесува 4.458 милиони евра (или 32,6 отсто од проценетиот БДП). Нето надворешниот долг на земјата, во четвртиот квартал од 2023 година, е зголемен за 305 милиони евра, или за 7,3 проценти.

Од аспект на структурата, приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 67 проценти. Во однос на крајот на 2022 година, нето надворешниот долг е зголемен за 147 милиони евра (или 3,4 отсто), во услови на зголемување на нето приватниот долг (за 269 милиони евра), а намалување на нето јавниот долг (за 122 милиона евра).

Меѓународна инвестициска позиција, нето

Во текот на четвртиот квартал од 2023 година,како што стои во соопштението, негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) е зголемена за 160 милиони евра и изнесува 8.500 милиони евра, односно 62,2 отсто од проценетиот БДП за 2023 година.

Кварталното зголемување на негативната МИП, нето, произлегува од поголемото зголемување на обврските (за 329 милиони евра) во однос на зголемените средства (за 169 милион евра). Гледано по инструменти, нето-обврските врз основа на должнички инструменти се зголемени за 305 милиони евра, додека нето-обврските врз основа на сопственички инструменти бележат намалување за 145 милиони евра.

Во споредба со крајот на 2022 година, негативната МИП, нето, е зголемена за 352 милиона евра, како резултат на растот на нето-обврските врз основа на сопственички инструменти и на должнички инструменти (за 206 и 147 милиони евра, соодветно).