-Лидер е човек на врвот на планина. Човек кој оди пред групата. Фигура која е повисока, посилна или се издвојува и е позабележителна од другите. Од оваа слика авторите на Форбс кои се занимаваат со анализа на лидерството го започнуваат еден од најчитаните текстови во последните неколку години.

 

Бернард Колман, еден од авторите, поставува прашање кое не губи од актуелноста, од својата важност: како всушност изгледа еден лидер и колку изборот на луѓе на кои ќе им се довери моќ влијаат на претставувања кои имаат малку врска со вистинската способност за водење?

Дефиницијата за лидерство не остава многу простор за дилема. Лидер е лице кое води или насочува група. Лидерството е поврзано со авторитет, влијание, способност за управување и ефикасност.

Проблемот се јавува кога се префрламе од дефиницијата на личноста. Тогаш се појавуваат стереотипи. Лидерството нема „еден изглед“. Одговорноста е поважна од доминацијата. Имајќи ја предвид оваа теза, Колман посочува на истражувања кои покажуваат дека дури и физичките карактеристики како што се висината, обликот на телото и тонот на гласот влијаат на тоа дали некој ќе биде перцепиран како личност со лидерски потенцијал.

Луѓето можат да изгледаат како лидери долго пред да покажат дека можат да водат. А некој што не се вклопува во таа слика може да остане во сенка незабележан.

 Компаниите можат да ги превидат најдобрите луѓе

Сето погоре наведено не е само прашање на предрасуди. За компаниите, тоа може да има многу специфична цена. Ако потенцијалот за лидерство се бара само кај луѓе кои се вклопуваат во традиционалната слика за самоуверен, доминантен и харизматичен лидер, некои способни луѓе никогаш нема да добијат шанса. Последицата е губење на талентот, но и на иновациите.

Затоа Колман предлага да се промени начинот на кој се препознаваат лидерите. Наместо да се прашува кој изгледа како лидер, многу покорисно прашање е: кој се однесува како лидер?

Тој издвојува девет особини кои можат да бидат многу посигурни индикатори.

1.    Тактичност

Добриот лидер мора да умее да се справи со тешки луѓе и тешки ситуации. Формалната моќ не е доволна за тоа. Потребни се емоционална интелигенција, чувство за другите луѓе и способност да се процени кога да се зборува, кога да се слуша и како да се реагира кога ќе се појави конфликт. Затоа, тактичноста не е слабост или избегнување на непријатни разговори. Таа подразбира способност да се реши проблем без да се создаде дополнителен проблем. За луѓето што водат тимови, тоа станува една од клучните способности, пишува Колман.

2.    Пристојност и почитување

Начинот на кој лидерот се однесува кон луѓето одредува многу повеќе од атмосферата на состанокот. Тој го поставува стандардот на однесување за целиот тим.

Затоа Колман ја споменува „цивилизираноста“ меѓу занемарените лидерски квалитети, а со тоа мисли на способноста да се однесува кон другите со почит. Таквото однесување создава услови за соработка. Ако вработените видат дека понижувањето е дозволено на врвот на организацијата, тоа многу брзо ќе се појави и на пониските нивоа. И обратно. Со своето однесување, лидерот практично им покажува на вработените каква е културата на организацијата.

3.    Автентичност

Луѓето релативно брзо препознаваат раководител кој се обидува да игра улога. Затоа, автентичноста има практична деловна вредност: таа создава кредибилитет.

Кога однесувањето, пораките и одлуките на лидерот се усогласени, на вработените им е полесно да проценат што да очекуваат. Со тоа се зголемува довербата, која е еден од основните услови за функционирање на тимот. Автентичниот лидер не мора да биде совршен, но мора да биде веродоетоен (кредибилен)

 4.  Преземање одговорност

Лидерството најлесно се присвојува кога работите одат добро. Многу е потешко кога одат надолу. Затоа Колман ја смета одговорноста за една од основните карактеристики на лидерот. Вистинскиот лидер не се појавува само кога треба да ја преземе заслугата за успехот. Тој мора да биде присутен и кога треба да ја преземе одговорноста за неуспехот. Тоа вклучува прифаќање на резултатите, добри и лоши. „Токму во кризите, разликата помеѓу формалната функција и вистинското лидерство често најдобро се гледа“, пишува Колман.

5.    Искреност

На листата е и особината која делува толку очигледнодека лесно се занемарува - искреноста.

Луѓето сакаат да знаат на што се. Лидер кој комуницира отворено и искрено станува предвидлив во најдобрата смисла на зборот. Вработените не мора постојано да се обидуваат да откријат што се крие зад неговите зборови. Затоа, транспарентната комуникација не е само прашање на личен интегритет. Таа ја намалува неизвесноста во секој тим.

6.    Способност за постигнување консензус

Формалната моќ му овозможува на раководното лице едноставно да донесе одлука. Лидерството, сепак, бара нешто повеќе.

 Колман верува дека вистинскиот лидер се обидува да најде пат што различните страни можат да го следат заедно. Ова не значи дека секоја одлука мора да биде едногласна, ниту дека лидерот треба бесконечно да бара компромис. Тоа значи дека различните гледишта влегуваат во процесот на донесување одлуки.

 Лидерот слуша, оценува аргументи, се обидува да најде заедничка основа и дури потоа донесува одлука.

7.    Промисленост

Брзината на донесување одлуки често се изедначува со решителност. Но, брзината не е секогаш исто што и добро. Промислениот лидер ги зема предвид и ризикот и можната корист. Не реагира импулсивно на секој проблем, туку се обидува да предвиди различни исходи. Таквото однесување бара подготовка. Добриот лидер не може да предвиди сè што ќе се случи, но може да размислува неколку чекори напред.

8.    Скромност

Традиционалната слика за лидер често е слика за човек во центарот на вниманието.. Колман предлага речиси спротивен модел. Едно од обележјата на доброто лидерство е способноста да не се присвои успехот  само за себе, туку да се препознае придонесот на другите луѓе. Скромноста во оваа смисла нема никаква врска со недостаток на амбиција или самодоверба. Станува збор за способноста на лидерот да разбере дека резултатот од тимот не е дело на една личност.

Најдобрите луѓе во тимот не треба да служат како позадина за лидерот. Нивниот придонес мора да биде видлив.

9.    Интроспекција

Последната карактеристика е можеби една од најзахтевните. Добриот лидер мора да биде способен да се набљудува себеси, да ја разбере својата личност, мотиви и однесување, но и последиците што неговите постапки ги оставаат врз другите луѓе.

 Довербата без интроспекција лесно може да стане ароганција. Решителноста може да стане тврдоглавост. Високите стандарди можат да се претворат во неподнослив притисок.

Свесноста за себе му овозможува на лидерот да препознае кога ја преминал таа граница.

Лидерот не мора да изгледа како лидер.

Главната поента на Колман е дека е време да се напушти еден универзален модел на лидерство. Не постои единствен изглед, темперамент или профил на личност што гарантира лидерска способност.

Различните околности бараат различни луѓе.

„Затоа компаниите коишто ја бараат следната генерација на раководители можеби не треба да гледаат само на тоа кој прв зборува на состанокот, кој изгледа најдоминантен или кој најмногу личи на претходниот директор. Потенцијалот за лидерство може да се најде кај многу потивка личност, кај личност што знае да слуша, кај вработен што презема одговорност кога нешто тргнува наопаку, кај менаџер што не ги призвојува заслугите на другите, кај личност што знае да признае дека погрешил“, советува Колман во издание за Форбс.

Најголемата грешка на компанијата можеби не е изборот на лош лидер, туку воопшто непрепознавањето на вистинскиот лидер.